Проблем со наезда на стеници во Франција
6 октомври 2023
Стениците се големи колку семка од јаболко, но во Франција моментално на големо се зборува за нив. Наезда од малите инсекти забележана е во кината, возовите и во париското метро. Реакциите на луѓето се движат од опуштеност до алармираност. „Ако си ги донесам дома ќе мора да реагирам. Но, вака не преземам некакви мерки на претпазливост“ , вели еден слуачен минувач. Други пак се повнимателни. „Секое утро убаво проветрувам дома и ги прегледувам чаршавите и покривката“, раскажува една жена. Сето тоа што го чита и слуша за инсектите по малку ја заплашува, додава таа.
Значително повеќе дезинсекции
Според Здружението на фирми кои вршат дезинсекција, во Франција меѓу јуни и август се забележани 65 проценти повеќе ангажмани заради стеници отколку во истиот период лани. Севкупно од 2020 година има тенденција на континуиран пораст од потребата за нивните услуги, велат од здружението. Делумно тоа се должи на фактот дека луѓето сега се посензибилизирани и почесто ги пријавуваат случаите.
Барем што се однесува до јавниот превоз, ситуацијата е под контрола, изјави министерот за транспорт, Клемент Бон. Сите пријавени случаи се контролираат и објавуваат , посочи тој. „Во ниту еден од случаите пријавени во изминатите денови не беше потврдена наезда од стеници", рече министерот. Според досегашните сознанија на науката, стениците не пренесуваат болести. Но, угризот може да предизвика исфрлање на кожата, на страна од стресот кога од наездата е погоден нечиј дом.
Стениците на дневен ред во политиката
Инсектите во Франција станаа политичка тема. Матилде Пано, шефица на фракцијата на левичарската партија „Ла Франс Инсумис“ во вторникот одржа говор во парламентот со изливи на бес, додека во раката држеше затворено шишенце со вистински стеници. „Стениците се шират во сите делови од секојдневието, тие се тортура за погодените лица“, рече Пано додавајќи дека заради нив нема сон и е во постојан страв и социјална изолација. „Бараме дезинсекцијата да стане бесплатна, јавна услуга со која ќе се штити здравјето и животната средина. Госпоѓо премиерке, дали мора да дојде до наезда на Вашето седиште за конечно да преземете нешто?", праша Пано. Премиерката Елизабет Борн одговори со сличен тон и замоли за "малку пристојност".
„Кај ваква тема политичкиот јаз не смее да игра никаква улога. Зошто повторно претерувате? Зошто не кажете дека владата на почетокот на 2022 година иницираше план за сузбивање на стениците? Со тоа испорачавме и прв одговор на проблемот", рече премиерката. Планот меѓу другото се залага за поголема информираност за да може побрзо да дојде до пријавување на случаи со стеници. Но, критичарите велат дека планот недоволно ја третира темата. Таа пак сега повторно е високо на политичката агенда, па така за претстојниот петок е планирана кризна седница на владата за стениците.