1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проблемите на странските работници во Хрватска

Игор Ласиќ
3 август 2024

Државата избегнува да регулира и да пропишува подобри услови на хрватскиот пазар на труд, кој сѐ повеќе се отвора за увезена работна сила. Некои прават добар профит од тоа.

Странски работници во Хрватска
Странски работници во ХрватскаФотографија: DENIS LOVROVIC/AFP

Бројот на странски работници кои доаѓаат на хрватскиот пазар на труд е во пораст веќе неколку години, медиумите објавуваат податоци за веќе пристигнати над 100.000 лица, а некои очекуваат двојно повеќе за оваа година.

Јавноста е добро запознаена со исклучително тешките, експлоататорски услови во кои живеат и работат во Хрватска. Тие се оставени на милост - всушност повеќе на немилост - на  посредничките агенции за вработување,  како и на работодавачите, додека државата како регулатор останува главно пасивна.

„Законите слабо ги штитат работниците, па и таквите слаби прописи често се прекршуваат. Судовите се бавни, инспекцијата, по сопствено признание, е со недоволен капацитет“, ни изјави за тоа Јаков Колак, организатор во Регионалниот индустриски синдикат (РИС) и политиколог. Според неговиот увид, малку се странските работници кои се организирани од синдикатите, а огромното мнозинство од оние кои се обидуваат да се организираат - наидуваат на отпор од работодавачите.

Општата информираност за работничките права и синдикатите се притоа многу слаби, а положбата на мигрантските работници е уште полоша. Системот им даде практично слобода на работодавците да се постапуваат со работниците мигранти како што сакаат.

Намерно создавање на нелојална конкуренција меѓу работниците

„Уште во старт тие мора да направат големи долгови за да можат да дојдат да работат овде. Не разбираат што потпишуваат, дозволите за престој и работа им се врзани за работодавецот, немаат кому да се обратат на својот јазик и.т.н. Работодавците побараа таков тип на либерализација и ја добија, и не ја користат само за пополнување на слободни работни места, туку многумина направија бизнис модел од увоз на поевтини и обесправени луѓе. Модел кој им помага полесно да заработат, да ја задржат цената на трудот пониска и што го олеснува спречувањето на какви било обиди за подобрување на работните услови“, сведочи Колак за ДВ.

Претставниците на РИС наидуваат на ситуации на терен кога работодавачите се обидуваат да искористат странски работници за да им отежнат на локалните работници да се борат за подобри услови за работа. На пример, работниците бараат зголемување на платите што, меѓу другото, може да помогне да се реши проблемот со недостигот на работници во таа компанија. Но, работодавачот претпочита да се обрати до агенции за да најде работници однадвор кои ќе работат во тие лоши услови.

„Таквата практика поттикнува нетолеранција кон странските работници“, предупредува организатор од РИС, „но тоа не е морално, туку структурно прашање. Работодавците секогаш ги користеле работниците кои се во полоша позиција да ги поткопаат барањата за подобри работни услови, да ги свртат работниците едни против други“.

„Мораме да признаеме дека загриженоста на постоечките работници во ваков нерегулиран систем на увоз на работници има своја реална основа“, заклучува Јаков Колак. Затоа тој смета дека е најважно да се намали моќта што ја имаат работодавците врз мигрантските работници. Дополнително, треба да се работи на тоа положбата на домашните и странските државјани да биде што е можно подеднаква.

Работодавачите се обидуваат да ги искористат странски работници за да им отежнат на локалните работници да се борат за подобри услови за работаФотографија: DENIS LOVROVIC/AFP

Очекувањата дека некакво здружување ќе се случи само по себе или надежта дека странските работници ќе се самоорганизираат, му изгледаат наивно. Доволно е да се замисли позицијата на работник од Азија кој морал да плати седум илјади евра за да дојде да работи во Хрватска. Кога работодавачот му се заканува дека ќе го отпушти ако не се однесува како што му е наложено, исходот е повеќе од лесен за предвидување.

Односите сè уште можат да се стават на подобри темели

„Кога ќе му биде најавен отказ и експресно враќање од каде што дошол ако, на пример, одбива да работи 12 часа на ден, работникот веќе нема ни да ’зуцне’, а камоли да влезе во синдикат“, тврди Колак. А сето тоа е овозможено со пасивноста на државата, па не се води сметка за евентуално воведување увозни квоти за максимален број  странски работници,  барем во одредени сектори.

Меѓу последиците од ваквата состојба е и драстичното намалување на цената на трудот, особено во услужниот сектор, од каде локалните работници во последните години преземаа своевиден егзодус преку границата на Република Хрватска, додека нивното место е пополнето од странци кои всушност не прашуваат за услови.

Останува прашањето дали постои реална надеж дека нешто ќе се промени на подобро во догледна иднина, за што разговаравме и со Марко Грдешиќ, професор по политичка економија и политичка социологија на Факултетот за политички науки во Загреб. Тој смета дека полето на мигрантскиот труд, и покрај сѐ, во моментов сѐ уште е во фаза кога може да се стави на подобра основа.

Се забележува драстично намалување на цената на трудот, особено во услужниот секторФотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/picture alliance

„За да се направи тоа, сепак, би било неопходно да се води систематска политика во која директно се адресираат потребите на овие луѓе. Тоа би значело дека имаме систематски пристап кон проблемите со домувањето и интеграцијата на тоа население“, вели Грдешиќ.

„Во моментов  овие луѓе ги интересира само плата“, продолжува тој, „но не треба да очекуваме дека ќе биде така засекогаш. Ако останат долго, тогаш се појавуваат други потреби. А со тоа и нови проблеми. Дали овие луѓе имаат пристап до квалитетно домување, до здравствена заштита, до судовите? Дали учат јазик? Како тоа да се уреди? Се чини дека сето тоа засега се игнорира".

Синдикатите мора прво да ја надминат сопствената инерција

Во исто време, со исклучоци како што се РИС и неколку меѓу помалите, во најмала рака, синдикатите не се снаоѓаат во оваа област на нивната активност - или активноста што треба да биде нивна.

„Ова е нешто што е веќе видено“, вели Грдешиќ, „бидејќи ни на Запад синдикатите не знаеја како да се позиционираат кога станува збор за мигрантите. Но, мислам дека постои значајна можност за рушење на стереотипите, за ревитализација на синдикалната борба, за исчекор во делот на солидарноста. Но, сето тоа ќе бара синдикатите да прават работи што не ги правеле досега. Моќта на воспоставените практики е силна. Нашите синдикати се бавни и инертни, дури и ако некои од нив имаат ресурси и пари и луѓе, па дури и експертиза“.

„Меѓутоа, тоа недоволно се користи. Во интерес на сите нас би било што поскоро да се вклучат странски работници во синдикалното и работничкото движење, но за жал тоа не се случува“, заклучува Марко Грдешиќ.

Алтернативата на планираното дејствување во посочената попрогресивна насока е, за жал, елемент кој  им одговара само на профитерите  на пазарот на трудот, а пак генерира незадоволство кое се таложи кај работниците. И тоа подеднакво и кај домашните и кај странските, а најлош ефект од таквиот однос е нивната меѓусебна конфронтација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми