1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дивоградбите можат да ги „забетонираат“ надежите за Охрид

Даниела Трпчевска-Зафировска
25 март 2023

Дивоградбите во Охрид и Струга невидливи за општините, а трн во око за граѓаните и екологистите. Додека граѓаните и екологистите бараат да сопре прекумерната бетонизација, општините бараат нови урбанистички планови

Nordmazedonien | Illegaler Bau im Nationalpark Galicica in Ohrid
Фотографија: NGO Front21/42

Последиците од неодговорното однесување, дивоградбите, габаритните објекти коишто го менуваат традиционалниот изглед на Варош и Радожда, зградите и бетонските платформи кои опасно се приближуваат до самиот раб на езерото на повеќе локации во Охрид и Струга водат до уништување на сето она што е автентично и карактеристично за регионот и светски препознатливата архитектура.  

Додека граѓаните и екологистите притискаат да сопре прекумерната бетонизација, општините бараат нови урбанистички планови кои отвараат можност да се фрли уште некоја лопата. Ако продолжи трендот на легализирање и се отвори пат за нови урбанистички планови во кои ќе се вклопат нелегалните објекти, стравувањата се дека проблемот со дивоградбите ќе се „зацементира“. Со тоа ќе се „закопа“ секоја надеж дека ќе се отстранат негативните влијанија од прекумерното градење врз вредностите на светското наследство.

Во пресрет на септември расте неизвесноста за статусот на Охридскиот Регион. На 45. сесија на Комитетот за светско наследство, што ќе се одржи во Ријад, Саудиска Арабија, се очекува да биде донесена одлука која би можела да има големо влијание врз земјата. Додека државните институции се надеваат дека природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе го задржи својот статус, екологистите стравуваат дека земјата ќе мора да се соочи со последиците од несовесното однесување и неисполнувањето на препораките. Проблемот со дивоградбите е едно од посериозните прашања коишто можат да го загрозат статусот во УНЕСКО. 

Илјадници изговори за да се гради на диво 

Објектите кои никнуваат на диво предизвикуваат револт кај жителите во Охридскиот Регион. Преку социјалните мрежи, со пријави и жалби до инспекторатите и локалната самоуправа, тие постојано алармираат за бетонските платформи кои никнуваат преку ноќ, за огромните зданија кои се подигнуваат во стариот дел на Охрид, нарушувајќи ја неговата автентичност и архитектура.  

Надлежните институции често место да се фокусираат на нивно отстранување, бараат нови начини за легализирање на објектите, што според мештаните ги урива сите надежи дека ќе се стави крај на горливиот проблем. 

„Изминатава година на секоја седница на советот на Општина Охрид на дневен ред се легализации на дивоградби, често и на локации на самиот брег, или во рамките на Национален парк Галичица. Од надлежните институции се бара само мислење, но не и оцена за влијанието врз животната средина и врз културното наследство што е спротивно на препораките на УНЕСКО“, велат за ДВ од граѓанската иницијатива Охрид СОС. 

„Наша обврска  кон  идните  генерации  е да  го зачуваме  од  деградација  колку  што  можеме  повеќе ова значајно културно и природно наследство“,  вели Никола Киселинов.  Фотографија: privat

Никола Киселинов од УНЕСКО мрежата на граѓански  организации во Охрид, стравува дека постои голема веројатност Охридскиот Регион да биде ставен на  листата на загрозено подрачје. „Има повеќе причини за тоа, но неконтролираната урбанизација е еден од нив“, вели Киселинов за ДВ. 

Тој анализира дека изминативе 30 години систематски се деградира и уништува природното и културното наследство. Решавањето на проблемите го гледа во поголемо учество на граѓаните во носење на одлуки за развојот на регионот и во намалување на улогата на Советот на општините и Секторите за урбанизам, со цел да се оневозможи злоупотреба на законите за лични или за партиски интереси.  

„Наша обврска кон идните генерации е да го зачуваме од деградација, колку што можеме повеќе, ова значајно културно и природно наследство“,  вели Киселинов.  

На хартија едно - на терен друго 

„Чуварите на езерото“ неодамна алармираа дека спорен објект во Лагадин, по повеќемесечно затишје почнува пак да се гради. Укажаа и дека бетонска платформа никнува во Далјан, барајќи да сопре градежната инвазија.  

„Веројатно најистакнатиот симбол на нелегалноста во Охридскиот Регион, делумно завршениот хотел во Лагадин, ја задржува својата позиција пробивајќи ја естетската хармонија на брегот на Охридското Езеро. Помина повеќе од половина деценија откако на 23 февруари 2017 година, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ѝ наложи на општината да го поништи решението за градба поради бројни законски неправилности. И  Реактивната мониторинг мисија на Центарот за светско наследство во Охридскиот Регион, пред три години препорача забрзување на административните процедури за да се постигне уривање на хотелот. Сепак, објектот сè уште стои“, велат од Охрид СОС.  

Неодамна по дојава на сограѓани, тие посочија дека има градежни активности и на само десетина метри од брегот на езерото, во Извидничкиот центар во Далјан. „Вонредниот инспекциски надзор покажа дека тоа се прави без одобрение и дека ќе се донесе решение за отстранување на петте плочи. Сепак, од она што го имаме како последна информација, градежните активности продолжиле на локацијата. Очекуваме дека ќе биде запрена изградбата, во спротивно ќе реагираме до институциите како и досега“, велат екологистите во изјава за Дојче веле. 

Вртење во круг 

За конечно решавање на проблемот со дивото градење веројатно ќе бидат потребни повеќе години и повеќе средства, ако се има предвид дека повеќето процеси тапкаат во место. Институциите си ја префрлаат одговорноста едни на други, вртејќи се во магичен круг во кој е „заробено“ целото охридско крајбрежје.  

„Колку што нам ни е познато, од 2021 до денес не се отстранети градби во критичните зони. Со оглед на обемот на проблемот, со оваа брзина, би можело да потрае стотици години за да се реши“, велат активистите на Охрид СОС. 

Екологистите очекуваат да запрат градежните зафати во лагадин и ДалјанФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska/DW

Кирил Пецаков, како кандидат за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, во октомври 2021 година оцени дека „проблемот со УНЕСКО сами си го создадовме, бидејќи имаше 500 дивоградби само во овие четири години настанати врз основа на непринципиелни коалиции и договори во Советот на Општина Охрид“.  

Од позиција на градоначалник, Пецаков за ДВ сега оценува дека работите изминативе години тргнале на подобро и е спречен напливот на дивоградби. Спроведувањето на дел од препораките за зачувување на статусот во УНЕСКО се проценува дека би чинело колку општинскиот буџет за една и пол година:

„Работиме на исполнувањето на препораките, има напредок, но реализацијата многу зависи и од расположивите материјални средства, бидејќи се работи за проблеми наталожувани три децении“, оценуваат од локалната самоуправа.

Роковите течат...

Покрај тоа што кубурат со пари, општините не ја исполнуваат и обврската да направат детален инвентар на дивоградби. Ова е една од препораките, со кои се бара и  да се отстранат сите нелегални градби, особено оние во рамки на Националниот парк Галичица. Но, досега детален инвентар на дивоградби не е изработен, проценки на влијанието не се спроведени и што е најзагрижувачки од 2017 година до денес бројот на дивоградбите расте. 

Мисијата на УНЕСКО во 2020 година препорача да се комплетира и рушењето на терасите на брегот на Охридското Езеро, да се забрза уривањето на дивоградбите и се изработи Акциски план. Рокот од три години за исполнување на обврските истекува на крајот на 2023 година.  

Од Министерството за транспорт и врски во разговор за ДВ велат дека три години се чека од општините во Охридскиот Регион да достават податоците за дивоградбите. Роковите се одамна истечени, но локалните власти чекаат нови урбанистички планови за да може да се види кои од спорните објекти ќе може да се вклопат во нив, а кои ќе треба да се уриваат. Општина Охрид, на пример, има доставено барање за 15.700 објекти, но министерството неколкупати ургирало до нив да ги ажурираат податоците и да достават детален опис за сите диви градби, велат од Министерството за транспорт и врски. 

Овој регистар, според Пецаков, е од суштинско значење за лоцирање на проблемот, но листата на дивоградби никако да се најде на увид на јавноста. По уривањето на платформите и одземањето на концесиите на најатрактивните плажи, Охрид со нетрпение го чека Планот за управување со крајбрежјето на езерото, кој доколку и годинава ги остави плажите неуредени, ќе има катастрофални последици врз туризмот.

Охрид со нетрпение го чека Планот за управување со крајбрежјето на езерото, кој доколку и годинава ги остави плажите неуредени, ќе има катастрофални последици врз туризмот.Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Алармантни податоци 

Локалните самоуправи се шкрти кога станува збор за податоци од инвентарот на дивоградби коишто никнуваат како печурки на секое ќоше. И додека за некои од градоначалниците дивоградбите се невидливи, тие им бодат очи на граѓаните и екологистите.  

Според ревизорскиот извештај од 2021, заклучно со септември 2020 година, Општина Охрид имала 11.585 предмети за оценување на правниот статус на бесправно изградени објекти, додека Општина Струга имала 2.775 отворени постапки. „Не знаеме што се случува со оние на кои легализацијата им е одбиена, а ги има илјадници - најверојатно е дека не се отстрануваат. А, во меѓу време дивоградбата продолжува“, велат за ДВ од граѓанската иницијатива Охрид СОС.  

Од Фронт 21/42, врз основа на податоците добиени по пат на жалби и тужби до Општина Охрид, велат дека состојбата со дивоградбите е алармантна.  „Ако се погледнат податоците за дивоградби изградени до март 2011 година, за која се поднесени барања за легализација до јуни 2020 година, само во општина Охрид има над 19.900 дивоградби, од тоа над 2.000 се во рамки на Националниот парк Галичица, 420 згради за домување се дивоградби, 37 кампови, над 20 индивидуални хотели и 13 хотелски комплекси“, вели за ДВ Искра Стојковска.  

Во рамки на Националниот парк Галичица, додава таа, има над 70 дивоградби кои се целосно на државно земјиште, а над 40 се делумно на државно земјиште. „Состојбата во реалноста е многу полоша и од ова. Листата со барања за легализација не е инвентар на дивоградби, сигурно има голем број на објекти за кои сопствениците се уште не поднеле барања за легализација. Ако Собранието го изгласа законот кој дозволува легализација и на објекти изградени до јануари 2021 година, сликата ќе биде уште полоша“, објаснува таа.  

Тоа што најмногу ги загрижува активистите е намерата на надлежните да го „решат“ проблемот со дивоградбите со тоа што ќе усвојат нови урбанистички планови во кои ќе се вклопат „законски“ овие објекти. 

Една од најголемите закани 

УНЕСКО во препораките од 2017 година побара не само отстранување на дивоградбите, туку и примена на законите со цел да се сузбие бесправното градење. „Но, статистичките податоци кажуваат дека само во 2021 година во Општина Охрид никнале 70 дивоградби, што е најголем број дивоградби годишно во последните пет години“, велат екологистите од Охрид.   

Искра Стојковска од Фронт21/42, за ДВ вели дека во реалноста само од август 2021 година до октомври 2022 година,  во Општина Охрид се легализирани над 400 дивоградби, од кои над 40 се во рамки на Националниот парк Галичица. Ниту една дивоградба не е урната (напротив нивниот број континуирано расте), она што особено не загрижува е ставот на Општина Охрид дека решение за проблемот со дивоградбите е да се изработат нови урбанистички планови во кои ќе се вклопат нелегалните градби“, укажува Стојковска.  

Од листата на приоритетни дивоградби за рушење која НП Галичица ја доставила до надлежните институции пред речиси три години, не само што ниту една не е срушена, туку дел се веќе легализирани. Хотелот во Лагадин продолжува да се гради, а административните процедури се во насока на дозвола за градба, а не за побрзо рушење. Нема никакви листи на приоритетни дивоградби за рушење ниту во Струга.  

„Не се само општините виновни, има вина и кај централната власт“, вели во разговор со новинарот на ДВ, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко.  „Кога би имало планови за градба нема да има дивоградби“, вели тој, потенцирајќи дека редовно поднесуваат извештаи до надлежните за состојбите во регионот.  

Мерко вели дека централната власт ја спречува изградбата со неносење урбанистички планови. „Јас секој ден имам молби од граѓани, млади парови кои бараат да доградат една- две соби за живеење, но не можат да го сторат тоа оти нема планови за градба по селата“, вели Мерко.  

Нема листи на приоритетни дивоградби за рушење ниту во Струга.  Фотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Судски спорови пред епилог 

Граѓанските организации често иницираат административни и други судски спорови, тза да се спречи уништувањето на нашето најголемо природно и културно богатство. Фронт21/42 во 2016 година поднесоа жалба до Бернската конвенција за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица. Претставниците на Бернската конвенција, како и УНЕСКО и Рамсар, според најавите на 25 април 2023 треба да го посетат Охридскиот Регион, при што ќе имаат средби со релевантни институции, посета на повеќе локации и состанок со граѓански организации. Меѓу темите за кои се очекува да стане збор се и законите за легализација на дивоградбите, општинските одлуки за мораториум, ќе се проверува имплементацијата на Планот за управување со Охридскиот Регион и слично.  

Во септември, пак, ќе се одржи 45. сесија на Комитетот на УНЕСКО, на која ќе се разгледува напредокот во исполнувањето на препораките, откако   

УНЕСКО и даде втора шанса на земјата да се поправи со цел Охридскиот Регион да не биде прогласен за светско наследство во опасност. „Она што нас не загрижува е фактот дека институциите продолжија со истиот третман и после алармот на мисијата во 2020 година, која порача дека „понатамошна трансформација води до точка на неповрат“. Тоа значи дека и локалните и централната власт продолжија по истиот пат целосно свесни дека тој пат води до неповратно и конечно губење на светското наследство“, вели Стојчевска.  

Проблеми напластени со години 

Од Министерство за култура, со коешто раководи министерката за култура и претседателка на Националната комисија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, се децидни дека во континуитет се преземаат активности со кои ќе се спречи деградацијата на вредностите и атрибутите на регионот.  Експертски работни групи од Северна Македонија и Албанија изработија Стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион (2023 – 2030), кој се смета за солидна основа за донесување развојни одлуки од сите засегнати страни, со што ќе се обезбеди рамнотежа меѓу заштитата на доброто и неговото искористување.

„Доследното спроведување на мерките за рехабилитација содржани во планот е задолжително во насока на справување со бројните закани и притисоци со кои се соочува заштитениот регион, а кои се напластувале од времето на неговото впишување на Листата на светско наследство до денес“, велат од Министерството за култура за ДВ.  

Сега е вистинско време да се зачува светското наследствоФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Охридскиот  регион поради својата универзална вредност на  природното и културното  наследство во 1980 година е ставен на листата на УНЕСКО, а државата презеде обврска да се грижи и да  го заштитува. Но, дивоградбите и урбанизацијата се едни од најголемите закани за вредностите на Светското природно и културно наследство. Тие имаат негативно влијание по многу основи – ги нарушуваат автентичноста и интегритетот на светското наследство, што се двата основни критериуми за едно подрачје да биде прогласено за светско наследство, го нарушуваат пределот (една од исклучителните универзални вредности поради кои Охридскиот Регион има статус на светско наследство). Дивоградбите значат повеќе отпадни води во езерото, во и онака алармантно загадените води на некои локации.Урбанизирање на неурбанизирани делови значи повеќе загадување, бучава што неминовно влијае врз живиот свет (на пример птиците, уште една вредност поради која Охридскиот Регион е светско наследство).  

 „Сега е вистинско време да се зачува светското наследство“, децидна е Искра Стојковска од еколошкото здружение Фронт 21/42. 

 

Со овој текст Дојче Веле на македонски се приклучува кон кампањата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми