Ритуали и симболи: Зошто се одбележува Прочка
17 март 2024Прочка е симбол на преминот од зима во пролет, и таа е поврзана со простувањето. Помладите од постарите бараат простување ако згрешиле нешто во текот на годината, хиерархиски подредените бараат прошка од тие што се хиерархиски повисоко на социјалното скалило.
„Бакнување на рака, помладиот на постариот има тука разни варијанти, до трипати и има дури и длабок поклон, метанија, што се практикува во христијанска религија.
И при тоа се носи нешто, се дава при барањето на простување, последните децении тоа е портокал како симбол на Прочка, простувањето, а во минатото тоа било со едно јајце или јаболко“, вели за ДВ професор д-р Зоранчо Малинов од Институтот за фолклор.
Во некои делови на Македонија е задржана е и обредноста на вечера за Прочка.
„Самата обредна вечера, покрај тоа што не смее да има месни производи, печено месо итн., може само да има млечни производи, сирење и јајца бидејќи тоа е последната Покладна вечер пред запостувањето. Што се однесува до самата обредна вечера овде имаме и еден интересен обичај особено интересен за помалите деца, амкањето со варено јајце.
Амкање јајца
Се врзува на конец едно варено јајце закачено за гредата на куќата или за сукало и со тој стап се принесува вареното јајце до устите на сите членови од семејството, на куќата и се обидуваат без раце, само со устата и забите да го зграпчат вареното јајце.
Тој што ќе го зграпчи вареното јајце со заби тој ќе биде среќникот во претстојната година, бидејќи рековме дека по архаичниот календар со почетокот на пролетта започнува и почетокот на новото лето односно новата година“, објаснува Малинов.
Во продолжение прочитајте го целиот разговор со професор Миланов:
Има неколку комплекси од обреди кои се спроведуваат на Проштени поклади. Дали може да ни ги наведете?
Прочка или Прошка е поврзана со простувањето. Помладите од постарите бараат простување, прост ако згрешиле нешто во текот на годината, кумашините од кумовите, хиерархиски подредените бараат прошка од тие што се хиерархиски повисоко на социјалното скалило. И во тие простувања има ритуали од вербално „Прости ми ако нешто сум ти згрешил“ и другиот одговор, „Простено ти е и од мене и од Бога“
Бакнување на рака, помладиот на постариот има тука разни варијанти, до трипати и има дури и длабок поклон, метанија, што се практикува во христијанска религија.
Инаку самото простување е дел од христијанското учење дека некој може да згреши и треба да се побара опрост за евентуално сторените гревови.
И при тоа се носи нешто, се дава при барањето на простување, последните децении тоа е портокал како симбол на Прочка, простувањето, а во минатото тоа било со едно јајце или јаболко.
Втор значаен момент е обредната трпеза што се организира на самиот празник вечерта. Таа е во пресрет на големите седум неделни Велигденски пости, кои започнуваат утредента, во понеделникот. Тој ден е наречен чист понеделник. На таа вечера и претходат седум дена во кои е забрането да се јаде месо, туку само сирење, млечни производи и јајца. На самата вечера е и последното омрсување и од утредента започнуваат постите. На вечерата обично има пита или баница, погачи, а од слатки работи се принесува се што е со шербет, баклава, кадаиф, раванија. На таа вечера целото семејство е на таа трпеза.
Во некои краеви на земјата за Прочка постоеше и палење на обредните огнови, кои се организираат штом се стемни, доцна попладнето на самиот ден. Тие се палат на некое повисоко место, ритче за да може да се гледа од далеку. Во различни краеви од Македонија, огновите се познати под разни имиња, Ората копата во јужните краеви, во Пијанец - Копен, а Каравештица во Кумановско. Штом спласне огнот има обредно прескокнување за да остане лошотијата зад нас, во минатата година.
Преку ден во некои места, но повеќе во градските средини се организираат поворки, со маскирање со облека од други националности, за православните Македонци ќе се облечат во некоја муслиманска облека, турска, албанска, влашка и ќе прошетаат низ градот. Тоа некаде прераснува и во обредно маскирање и такви обредни поворки поврзани со празникот Прочка имаме во Прилеп, тоа се Мечкарите, а во Струмица, маскирање е на вториот ден од постите, во периодот на Тримери, иако сега се прави во текот на викендот.
Бидејќи Прочка се паѓа на преминот од зима во пролет и припаѓа на архаичната обредност, на смената на годишниот циклус, сите ритуали се со цел да се изврши прочистување и преку обредниот оган, преку неговото прескокнување, а и барањето прошка е дел од тоа, да ги оставиме лошите работи зад нас и во новата година да влеземе ослободени од сите тие проблеми.
Како изгледа обредната вечера за Прочка?
Самата обредна вечера, покрај тоа што не смее да има месни производи и печено месо, е составена само да има млечни производи, сирење и јајца бидејќи тоа е последната Покладна вечер пред запостувањето. На самата обредна вечера имаме и еден интересен обичај особено интересен за помалите деца, амкањето со варено јајце. Се врзува на конец едно варено јајце закачено за гредата на куќата или за сукало или мотовило, кој било предмет што има форма на подолг стап и со тој стап се принесува вареното јајце до устите на сите членови од семејството, на куќата и се обидуваат без раце, само со устата и забите да го зграпчат вареното јајце.
Тој што ќе го зграпчи вареното јајце со заби тој ќе биде среќникот во претстојната година, бидејќи рековме дека по архаичниот календар почетокот на пролетта започнува и почетокот на новото лето односно новата година.
Има уште еден интересен обичај на вечерата за Прочка, конецот или канапот на кој било врзано јајцето се подгорува и за секој член од семејството се погодува како ќе гори. Ако гори брзо се смета дека ќе се случи нешто лошо во претстојната година, а ако е бавно тоа е добро. Такви гатања има многу со различни обредни реквизити.
Колку Македонија е различна во обредите за Прочка?
Ние сме дел од тој Јужнословенски православен свет и има сличности со нив, но има и разлики. На пример обредните игри со маски се познати во Бугарија како Куќери, Калушари во Романија и се организираат на Прочка, а такво маскирање имаме ние и во некрстените денови помеѓу Божик и Водици, како што е карневалот во Вевчани, Бабарите во Битолско и Демирхисарско.
Колку од овие обичаи се живи кај нас? Дали некои се во исчезнување?
Обредното простување кое што го паметам јас од пред 40 – 50 години се помалку се спроведува во онаа оргинална форма, со бакнување рака, со метании... Сето тоа е сведено на ритуална посета на роднините за Прочка, па дури и вербалните формули не се изговараат, дури и посетата кај постарите роднини не е како што била на времето.
Огновите речиси веќе никој и да не ги пали, со извесни исклучоци. Мечкарите во Прилеп се организираат но веќе тоа е во друга форма, не во онаа архаичната, традиционалната. Се практикуваат обичаи но како и сета друга обредност е под влијание на новото време.
Дали нашето духовно наследство полека изумира?
Па тоа зависи од нас, што сме зачувале, колку ќе успееме да зачуваме и колку од зачуваното ќе го практикуваме. Не е иста обредноста споредбено со таа пред 50 или 100 години. Живееме нови времиња, нови генерации и под влијание на светската глобализација примаме многу влијанија и од таму. Ние денес мислиме дека ја практикуваме истата обредност ама и не е баш така, затоа што некои функции се исчезнати, а некои и се прилагодени. Пример е свадбената церемонија на која сега може се уште да видиме крпи како дар, кои се врзани на ретровизори, наместо крпи на коњи, но во почест случај такво дарување нема туку автомобилите се накитени. А пак ако го земеме за пример Халоувин или Ноќта на вештерките или пак Св. Валентин каде веќе имаме ривалитет со Св. Трифун, младите повеќе ги сакаат и поблиски им се прозападните празници. Но, наша должност е да го зачуваме тоа културно наследство што ни го оставиле нашите предци како еден вид на аманет.
Мечкарите во Прилеп и карневалот во Струмица се дел од живата обредност за Прочка, иако дел од обредите веќе се исчезнати.
„Обредното простување кое што го паметам јас од пред 40 – 50 години сѐ помалку се спроведува во онаа оригинална форма, со бакнување рака, со метании... Сето тоа е сведено на ритуална посета на роднините за Прочка, па дури и вербалните формули не се изговараат.
Огновите речиси веќе никој и да не ги пали, со извесни исклучоци. Мечкарите во Прилеп се организираат, но веќе тоа е во друга форма, не во онаа архаичната, традиционалната. Се практикуваат обичаи, но како и сета друга обредност е под влијание на новото време“, вели Малинов.
Прочка е симбол на преминот од зима во пролет. Припаѓа на архаичната обредност кога е смената на годишниот циклус.