1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Продажба на оружје: Голема побарувачка, но помалку приходи

Ралф Бозен
4 декември 2023

И покрај кризите и војните во светот, продажбата на оружје од страна на најголемите производители во 2022 година е намалена. Зошто е тоа така, објаснува мировниот институт Сипри во нова студија.

Тенкови од типот Леопард 2
Тенкови од типот Леопард 2Фотографија: Peter Steffen/dpa/picture alliance

Бизнисот со продажба на оружје долго време цутеше поради многуте жаришта во светот. Но, таквиот тренд - барем преодно - е стопиран во 2022 година. Тоа произлегува од најновиот извештај институтот за мировни студии Сипри од Стокхолм, кој редовно ги анализира бизнисите на стоте светски најголеми компании за вооружување.

Компаниите со продажбата на оружје и воени услуги оствариле приходи во висина од 600 милијарди долари. Тоа е огромна сума. Но, приходите сепак се за 3,5 проценти помали во однос на 2021 година. Ова е првпат да биде забележан надолен тренд откако Сипри во 2015-тата започна со составување на листата на топ 100 компании во воената индустрија. „И покрај мноштвото нови нарачки, кои кај некои фирми достигнаа рекордни нивоа, приходите се намалени, пред сѐ во САД", вели Шиао Лијанг, еден од авторите на извештајот, во разговор со ДВ.

Намалени приходи кај американските фирми

Многу американски, но и европски компании, не можеа значително да ги зголемат производствените капацитети поради недостиг на работна сила, растечки трошоци, последиците од корона-пандемијата и прекини во дистрибутивните ланци заострени со војната во Украина.

Поголемиот дел од испорачаното оружје во Украина е воена помош од резервите на европските држави и САД, поради што воената индустрија и немаше голема добивка. Друга причина е што големите концерни се фокусираат на скапи системи како авиони, бродови и ракети, посочува Лијанд и додава дека во 2022 година опремата „за која поради војната во Украина најмногу имало побарувачка, не била скапа, затоа што се работело за блиндирани возила, муниција и артилерија."

Пред сѐ приходите на 42-те американски компании на листата се намалени за значителни 7,9 проценти - на 302 милијарди долари. Тие сочинуваат нешто повеќе од половината од вкупните приходи на топ 100 фирмите. Сипри смета дека долгорочните нарачки во иднина позитивно ќе се одразат на билансот на овие фирми.

Скромен пораст во Европа

Приходите на 26-те најголеми компании во воената индустрија со седиште во Европа се зголемени 0,9 проценти - на вкупно 121 милијарда долари во 2022 година. Во студијата на Сипри се вели дека војната во Украина создала побарувачка за материјал како муниција и блиндирани возила, со чија продажба многу од европските фирми оствариле плус. Како пример се наведува полската компанија ПГЗ, која приходите ги зголеми за 14 проценти и со тоа профитираше од „програмата за воена модернизација што ја спроведува државата”.

Приходите од четирите германски фирми на листата во 2022 година изнесуваат  9,1 милијарда долари, што е пораст од 1,1 проценти наспроти 2021. Единствено ТисенКруп бележи пад од 16 проценти - на 1,9 милијарди долари, затоа што, според Сипри, испорачале помалку бродови од претходната година. Германските фирми се рангирани на следниот начин: на 28. место Рајнметал, на 62. место ТисенКруп, на 69. место Хенсхолд и на 93. место Дил. Според претседателот на германското здружение на фирми во безбедносната и воена индустрија, Ханс Кристоф Ацподиен, потешкотиите на германските фирми не се ниту недостиг на работна сила ниту прекинати дистрибутивни ланци, туку „главниот проблем е што буџетски не постои план за претстојните години, иако сите си посакуваат да имаат повеќе нарачки и да ги прошират капацитетите”, посочува тој, алудирајќи на политичарите кои носат одлуки за вооружувањето на Бундесверот.

Производство на артилериска муниција во германската компанија РајнметалФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Нетранспарентно е руското производство

Сипри не може да направи издржана проценка за приходите на руските фирми за оружје поради недостиг на податоци. Отаму, на листата се најдоа само две руски фирми - Ростек на 10. место и Јунајтед Шипбилдинг Корпорејшн на 36-тото, кои заедно оствариле приход од 20,8 милијарди долари, што е за 12 проценти помалку од претходната година. Во извештајот се вели дека нетранспарентноста на Русија не е ништо ново,но по инвазијата во Украина е понагласена.

Лијанг смета дека „руските фирми се спречени од владата да ги објавуваат сите податоци затоа што ги би можеле да ги стават под прашање официјалните наводи за напорите во Украина."

Убедлив раст имаат фирми во Азија, Океанија, како и на Блискиот и Средниот Исток. „Тамошните фирми се соочуваат со тешки безбедносни ситуации и се конфронтирани со некој вид постојана состојба на војна, како Израел или Јужна Кореја”, вели Лијанг и додава дека поради тоа имаат „постојани производствени капацитети”, што значи дека тие може брзо да го зголемат производството ако има ненадејна потреба.

Некои фирми во Кина, Индија или Турција уживаат поддршка од владите со долгорочни планови за модернизација, а предност, според Лијанг, е и тоа што „многу лиферанти потекнуваат од земјата, најголемата побарувачка е од земјата од страна на сопствената армија и тоа им помага да ги намалат последиците од глобалниот прекин во дистрибутивните мрежи”. Приходите на 22-те фирми на листата од Азија и Океанија се пораснати за 3,1 проценти - на 134 милијарди долари и ова е втора година по ред тие да се повисоки отколку во Европа, се нагласува во извештајот. Осум од нив се кинески, три меѓу првите десет, а нивните приходи изнесуваат 108 милијарди долари, односно 18 проценти од целокупниот приход на светско ниво, со што имаат втор најголем удел, веднаш по американските.

Турскиот производител на дронови со најголем раст

Процентуално најголем скок во 2022 година меѓу регионите имаат фирми од Блискиот и Средниот Исток. Приходите на седум компании кои свое седиште имаат таму се зголемени за 17,9 милијарди долари. Фирми од овој регион, според Сипри, профитираат од специјализирањето на технолошки помалку компликувани производи и може побрзо да одговорат на растечка побарувачка.

Тоа посебно важи за четири турски компании, чии приходи изнесуваат вкупно 5,5 милијарди долари - 22 проценти повеќе од 2021 година. Сипри ја истакнува фирмата Бајкар, која прави дронови и за првпат се најде на листата (76 место) откако продажбата им се зголеми за 94 проценти, што е најбрз раст воопшто меѓу топ 100 фирмите.

Какви заклучоци може да се извлечат од студијата

„Мислам дека има две поуки за светов, пред сѐ од војната во Украина", вели за ДВ воениот експерт Маркус Бајер од Меѓународниот центар за истражување конфликти со седиште во Бон и додава дека „првата е дека многу е зголемено значењето на дронови и автоматизирани системи и тие ќе бидат клучни за претстојните војни, а втората е дека ‘важна е количината’, односно војни меѓу  земји со многу оружје трошат енормно количини на ресурси."

Тој оценува дека Западот не бил подготвен за такво нешто, па резервите муниција со години биле намалувани. „Имаше обиди количинскиот ефект да се компензира со технолошка надменост и прецизност, но во Украина гледаме дека тоа само делумно успева", заклучува Бајер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми