1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците масовно купуваат електрични греалки пред зимата

Сушмита Рамакришнан
10 октомври 2022

Со наближувањето на зимата, во Германија се бележи огромен пораст во продажбата на електрични греалки. Многумина стравуваат дека нема да има доволно гас за да се греат домовите.

Електричните греалки - „хит“ во Германија
Електричните греалки - „хит“ во ГерманијаФотографија: Frank Rumpenhorst/picture alliance/dpa

Тригодишно дете го изведува ултимативниот тест за купување на електрична греалка пред да ја препорача на татка си. Ги испружува двете дланки и глуми како да ги грее на огниште, додека татко му ја разгледува цената. 

Двајцата се пред куп електрични греалки во посебен оддел во една продавница во Германија. За разлика од претходни години, во 2022 овде е посебно раздвижено.

Поради стравувањата од  недостиг на гас од Русија,  домаќинствата трупаат скапи апарати за електрично греење. Заедно со други европски земји, Германија се соочува со растечки цени на енергенсите откако Русија го прекина снабдувањето преку гасоводот Северен тек 1. 

Драстичен раст на продажбата

Од почетокот на годинава во Германија се продадени 958 илјади електрични греалки, покажува истражувањето на институтот за истражување на пазарот ГФК до кое дојде ДВ. 

Продажбата на електрични греалки на германскиот пазар во споредба со истиот период минатата година е зголемена за дури 76%.

Занимливо е дека во глобала продажбата е намалена за 5,1% ако се комбинираат податоците од пет европски земји (Германија, Велика Британија, Франција, Шпанија и Италија). 

Тоа значи дека додека во некои европски земји се продаваат помалку електрични греалки од претходно, во Германија луѓето панично ги купуваат. 

„Порастот во периодот од јануари до август 2022 се должи само на масовното зголемување на продажбата во Германија. Сите други пазари покажуваат негативен резултат споредено со истиот период лани“, велат од ГФК. Индивидуални продажни места го потврдуваат таквиот тренд.

ДВ се обрати до Баухаус, германски ланец продавници специјализирани за потребите на домаќинствата, чијшто претставник во соопштение вели дека менаџментот забележал оти има „сезонски атипично зголемување на побарувачката за алтернативни средства за греење поради актуелната нејасна глобална ситуација и со тоа поврзаното  зголемување на цените за гас и енергија.”

Електричен камин - изгледа добро, но колку ќе троши?Фотографија: Marko Beric/PantherMedia/IMAGO

Високи цени за електрично греење

Артистичкото електрично греење е нешто што личи на камин и чини околу 199 евра. Таткото на тригодишното детенце мора да одлучи дали ќе го купи или сепак ќе земе мала греалка за 25 евра? Има и други во продавницата во различни големини и за цена меѓу овие две. 

Некои поскапи модели трошат помалку енергија од други, тврдат производителите. Многу од греалките кои се поевтини трошат многу повеќе струја. 

Преоптоварена електродистрибутивна мрежа

Потенцијална последица од користењето премногу електрични греалки може да биде блекаут, прекин на струјата, поради преоптовареност на мрежата. Во одговор за ДВ, Германското сојузно здружение за менаџирање на енергија и вода вели „греалките може да ја преоптоварат мрежата, на пример ако многу домаќинства во една област имаат вклучено греалки во исто време на студена зимска ноќ.”

Од здружението велат дека ако има недостиг на гас и покрај сите мерки на претпазливост во Германија, домаќинствата секогаш ќе имаат приоритет во снабдувањето. Само болниците, полицијата и противпожарните служби ја имаат истата привилегија предвидена во законот.

„Се наоѓаме во многу тензична ситуација, но потхранување на стравовите нема воопшто да ни помогне. Домаќинствата се меѓу најзаштитените потрошувачи“, велат од здружението. 

Портпарол на Градското претпријатие за енергетика и транспорт во Бон, СВБ, вели дека „критичната инфраструктура и домаќинствата ќе бидат последните кои може да се  погодени од рестрикции."

Портпаролот вели дека подобра алтернатива за електрични греалки се електричните ќебиња кои трошат само мал дел од струјата што ја потрошува, на пример, мал фенкојлер. 

На долг рок само зголемување на употребата на енергија од обновливи извори може да ја ослободи Германија од зависноста од гасот, но за тоа е потребно подолго време и секако нема да ги растера стравовите на Германците дека претстојната зима може да биде ледена и неудобна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми