1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Можните последици од ултиматумот на Трамп до Иран

АРД
23 март 2026

Американскиот претседател Трамп ја одложи за пет дена заканата за напади врз инфраструктурата за електрична енергија во Иран, доколку не биде отворен Ормускиот теснец. Кои би можеле да бидат последиците за Иран?

Танкер во Персискиот Залив близу Ормускиот Теснец
Трамп го одложи за пет дена ултиматумот за Техеран да го отвори Ормускиот ТеснецФотографија: REUTERS

Каква е појдовната точка? Се работи за нов степен на ескалација во војната. Американскиот претседател  Доналд Трамп  се заканува дека ќе уништи ирански електрани. За Трамп е важен Ормускиот Теснец, клучен за трговијата со нафта и гас, кој Иран фактички го држи блокиран. Трамп најпрво постави ултиматум од 48 часа за Техеран да го отвори теснецот, односно до вторник вечер, по средно-европско време. Во понеделникот, Трамп ја одложи заканата за 5 дена, објаснувајќи на социјалните мрежи дека тоа се должи на позитивните директни разговори со иранските власти. 
Иран одговори дека ќе ја таргетира енергетската инфраструктура и постројките за десалинизација во  земјите од Персискиот Залив кои се во сојузништво со САД. Освен тоа, Техеран се закани дека Ормускиот Теснец ќе биде целосно затворен доколку САД нападнат електрани.

Зошто Иран е во можност да го блокира Ормускиот Теснец?

Мореузот покрај брегот на Иран е витална артерија за глобалната трговија со нафта и течен гас и единствената врска меѓу Персискиот Залив и светските океани. Околу една петтина од светските резерви на нафта се транспортира низ мореузот. Најголемиот дел завршува во Кина, Индија и други азиски земји. Околу 20 проценти  течен гас наменет за глобалната трговија исто така се транспортираат низ теснецот. Од почетокот на  нападите од САД и Израел,  Техеран се закануваше дека ќе напаѓа бродови во преминот. Бродови во Персискиот Залив, Ормускиот Теснец и Оманскиот Залив и де факто беа мета на ракети во последно време. Бродскиот сообраќај таму практично запре. Иран има можност со релативно едноставни средства да нанесе значителна штета. Според наводи на „Њујорк тајмс“ командантот на Генералштабот на  американските вооружени сили,  генерал Ден Кејн, го предупредил Трамп во Овалната соба дека еден единствен ирански војник на глисер би можел да лансира ракета кон танкер кој по правило се движи бавно,  или пак да постави мина.  Бродските компании веќе не испраќаат танкери низ теснецот затоа што постои реална закана, вели експертот за безбедност Петер Нојман на германската телевизија. „Затоа теснецот е блокиран, иако всушност нема физички блокади и иако не е секој танкер мета на напади“, објаснува тој.

Кои електрани во Иран би можеле да се најдат во визирот на САД?

Трамп најави дека ќе почне со „најголемата“ електрана во Иран, без да прецизира на која се мисли. Можно е  САД  да ги таргетираат електраните за гас. Според податоци на Меѓународната агенција за енергетика, околу 80 проценти од струјата на Иран  во 2023-та година била произведена од природен гас. Најважната постројка, електраната Дамаванд, се наоѓа во близина на главниот град Техеран и има капацитет од повеќе од 2.800 мегавати. Друга електрана со капацитет од повеќе од 2.200 мегавати, се наоѓа во Мазандаран на Касписко Море. Единствената нуклеарна електрана во Иран, Бушер, се наоѓа околу 760 километри јужно од Техеран во Персискиот Залив. Кон средината на месецов, веќе бил погоден и уништен објект на 350 метри од реакторот, според наводи на Рафаел Гроси, шеф на Меѓународната агенција за енергија. Но, напад врз реакторот се чини малку веројатен со оглед на непредвидливите последици.

Какви би можеле да бидат последиците за луѓето во Иран?

Иранската економија веќе е сериозно потресена од војната. Дури и на Персиската нова година, пазарите и трговските центри беа празни што се должи не само на нападите и многугодишните санкции, туку и на блокадата на интернетот која ја воведе раководството во Техеран. Земјата веќе три недели во голема мера е отсечена од меѓународниот интернет пристап. Напад врз електрани дополнително би го загрозил снабдувањето со струја за милиони Иранци со далекусежни последици за населението кое ќе остане без ладење и греење, како и без вода заради прекин во работата на пумпите. Банкарскиот систем и индустријата исто така би биле погодени.

Каква би можела да биде одмаздата од Иран?

Иран целосно ќе го затвори Ормускиот Теснец доколку Трамп ги оствари своите закани, предупреди портпарол на  Револуционерната гарда. Мореузот во тој случај би бил повторно отворен дури откако ќе бидат обновени уништените електрани, соопштија од Иранската револуционерна гарда преку државниот радиодифузен сервис.  Иран се закани и со напади врз постројките за десалинизација  во регионот на Персискиот Залив, а такви штети веќе беа забележани во Бахреин и Кувајт како последица на напади или пад на делови, можеби и како предупредување од Техеран. Систематски напади врз овие објекти би претставувале тешка ескалација, потенцијално загрозувајќи го снабдувањето со вода на милиони луѓе. Речиси и да нема друг регион во светот толку зависен од десалинизацијата како Персискиот Залив. Во сушниот предел на Арапскиот Полуостров, слатководни ресурси се оскудни, па во земјите од Заливот има вкупно 3.400 објекти за десалинизација, кои во земји како на пример Катар и Бахреин обезбедуваат повеќе од 90 проценти од водата за пиење. Објектите се клучни и за напојување на хемиската индустрија и центрите за податоци. Многу од нив се наоѓаат на брегот на Персискиот Залив, на само стотина километри од Иран.

Какви би можеле да бидат последиците од напади?

Дали снабдувањето со вода би можело да биде загрозено во поголеми размери, зависи од интензитетот на нападите, пишува во анализа тинк-тенкот ЦСИС, според која оштетување на еден единствен објект првично би можело да се компензира со помош на другите. Многу поопасни би биле напади со ракети и дронови врз поголемите дистрибутивни центри во водоводната мрежа. „Најсилниот ефект би можел да биде психолошкиот“, анализираат од тинк-тенкот, додавајќи дека би бил нападнат и имиџот на безбедност и стабилност врз која државите од Персискиот Залив во голема мера го базираа својот економски модел. Дури и ако домаќинствата во Заливот привремено мора да се снабдуваат со вода на други начини, поголемата штета за тамошните држави веројатно би се состоела во тоа што туристи, трговци и инвеститори веројатно уште повеќе би се дистанцирале од регионот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми