1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжена е нафтената кризна состојба

ЕМФ | МИА
16 април 2026

Поради глобалните ризици во снабдувањето со нафта и енергетската нестабилност предизвикана од кризата на Блискиот Исток, Собранието ја продолжи кризната состојба до јули 2026 година.

бензинска пумпа Македонија
Kризната состојба се продолжува до 20 јули 2026 годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поради тоа што ризиците од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати и натаму се присутни, Собранието на денешната (16.04) пленарна седница донесе одлука за продолжување на кризната состојба на територијата на Република Северна Македонија. Оваа одлука, која претходно беше поддржана и од Комисијата за одбрана и безбедност, предвидува продолжување на кризната состојба до 20 јули 2026 година. Нејзината примена ќе започне на 21 април 2026 година, веднаш по објавувањето во „Службен весник“.

Во образложението се вели дека ваквата мерка произлегува од влошената меѓународна безбедносна и енергетска ситуација по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, како и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта — особено преку Ормускиот Теснец.

Со цел да се ублажат ефектите од кризата, Владата има спроведено повеќе мерки. Меѓу нив се намалување на данокот на додадена вредност за енергентите, како и намалување на акцизите за дизел горивото и безоловните бензини. Овие чекори, како што се вели, се насочени кон зачувување на животниот стандард на граѓаните и обезбедување континуирано снабдување.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска повтори дека Македонија во моментот има најевтино гориво во целиот регион и рече дека нема никаков застој во снабдувањето:

„Скопскиот и охридскиот аеродром редовно функционираат за разлика од други аеродроми. И приштинскиот аеродром исто така набавува гориво преку македонските снабдувачи, што значи дека успеавме кризата да ја амортизраме онолку колку што беше можно.“

Николоски информираше дека има зголемена потрошувачка на керозин на двата македонски аеродроми: „Во согласност со законот, треба да има резерви за шеесет дена, ние имаме резерви керозин за деведесет дена, а дополнително на дневна основа тоа се надополнува, така што снабдувањето оди редовно и затоа немаме ниеден откажан лет од скопскиот и од охридскиот аеродром“, рече Николоски пред средбата со стопанственциите од Пелагонискиот Регион.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми