1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Народна банка: Економски раст од 2,1%, инфлацијата ќе забави

ДТЗ
16 мај 2023

Во наредните две години се очекува закрепнување на економијата, забрзување на растот, како и пад на цените. Кои се последните макроекономски проекции за Северна Македонија?

гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска
Народната банка со последните макроекономски проекции, годинава очекува стабилизирање на растот и умерено забрзување на среден рок, како и постепено забавување на инфлацијата.Фотографија: NBRM

Народната банка со последните макроекономски проекции, годинава очекува стабилизирање на растот и умерено забрзување на среден рок, како и постепено забавување на инфлацијата. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на прес-конференција посочи дека проектираниот економски раст за 2023 година изнесува 2,1%, дека во наредните две години се  очекува забрзување на растот при што тој би изнесувал 3,6% и 4%, во согласност со закрепнувањето на глобалната економска активност. Просечната инфлација ќе биде од 8 до 9%.  Девизните резерви и на краток и на среден рок се во сигурната зона. Ризиците околу проекциите и понатаму постојат, а главно се поврзани со надворешното окружување.

Забавување на инфлацијата

Во поглед на идната патека на цените во домашната економија, најновите проекции на Народната банка ги потврдуваат октомвриските согледувања за нејзино забавување и сведување на едноцифрено ниво, во интервалот од 8 до 9% во 2023 година. „Енергетската компонента во значителна мера би придонесла за забавување на инфлацијата во 2023 година, што се должи на претпоставките за намалување на цените на енергентите, а се очекува постепено ублажување на ценовните притисоци и кај храната“, вели Бежоска, додавајќи дека на среден рок се очекува дека стапката на инфлација и натаму ќе забавува и ќе се сведе под 3%, близу до историскиот просек. Ризиците за проекцијата на инфлацијата на среден рок и натаму се поврзани со неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, растот на платите, а особено соодносот со растот на продуктивноста треба внимателно да се следат.

Во следниот период се очекува стабилизација на ценитеФотографија: Oliver Berg/dpa/picture alliance

Стабилизирање на цените

Бежоска вели дека се очекува значително понизок дефицит на тековната сметка во 2023 година, во споредба со октомвриската проекција, односно стеснување на дефицитот на 3,6% од БДП во 2023 година. Во следниот период се очекува стабилизација на цените, што заедно со очекувањата за подобра глобална економија и закрепнувањето на најзначајните трговски партнери би придонесле за понатамошно стеснување на дефицитот кај тековните трансакции на 3,2% од БДП во 2024 година и 2,7% од БДП во 2025 година.

„Финансиските нето-приливи во периодот 2023 ‒ 2025 година во целост би го финансирале дефицитот на тековната сметка и ќе овозможат дополнителен раст на девизните резерви. Најголемиот дел од финансирањето би се остварил преку странските директни инвестиции, како и долгорочното задолжување на државата. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на ниво соодветно на меѓународните стандарди за одржување на стабилноста на девизниот курс“, посочи гувернерката на Народна банка.

Последните оцени за кредитната активност на банкарскиот сектор посочуваат на поумерен раст во однос на октомвриските проекции. На крајот на 2023 година кредитниот раст би забавил сведувајќи се на 5,7% на годишна основа. Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се предвидува забрзување на растот и на кредитната активност во наредниот период, при што кредитниот раст за периодот 2024 ‒ 2025 година би изнесувал 6,6% во просек. Гледано од аспект на изворите на финансирање, се очекува дека кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, којшто би изнесувал 6,9% во 2023 година и 7,7% во периодот од 2024 до 2025 година, во просек.

Најновата прогноза на ЕБОР посочува дека во.Северна Македонија годинава ќе има раст на БДП од два отсто, а во нардната од три проценти.Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Што велат другите прогнози?

Најновата прогноза на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за регионалните економски перспективи посочува дека во Северна Македонија годинава ќе има раст на БДП од два отсто, а во наредната од три проценти. Целиот регион на Западен Балкан во 2023 ќе забележи раст од 2,2, а идната година од 3,4 отсто. Албанската економија годинава ќе има раст од 2,5, а следната 3,3 проценти, Босна и Херцеговина (2,0% и 3,0%), Косово (3,5% и 4,0%), Црна Гора (3,3% и 3,7%), и Србија (2,2% и 3,4%)

ЕБОР во извештајот наведува дека на економските перспективи на Западен Балкан годинава ќе влијаат инфлаторните притисоци и послабите изгледи на напредните економии во Европа, со попозитивни прогнози за 2024 година кога се очекува економскиот раст да се зголеми на 3,4 отсто. 

И Европската комисија предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од два отсто, а во 2024 од 3,1 процент. Во пролетната економска прогноза на ЕК, во делот за Северна Македонија, се вели дека по делумното закрепнување од рецесијата предизвикана од пандемијата од Ковид-19, годишниот раст на БДП забави од 3,9 проценти во 2021 година на 2,1 процент во 2022 година. На економијата на земјата влијаеја намалената надворешна побарувачка, прекините во глобалните синџири на снабдување и растот на глобалните цени на храната и енергијата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми