„Проект 2025“: Демонтажа на либералната демократија во САД
23 октомври 2025
Долго време „Проект 2025“ се сметаше за теоретска замисла на конзервативни мислители: радикална визија за втор мандат на Доналд Трамп. Создаден од влијателната Херитиџ Фондацијата (Heritage Foundation), проектот требаше да биде контрапункт на претседателството на Џо Бајден.
Новата насока: помалку поделба на власта, повеќе моќ кај претседателот, враќање кон конзервативни, христијански вредности – и јасен прекин со досегашниот надворешен и внатрешен политички поредок на САД.
„Проект 2025“ детално опишува како да се концентрира моќта, да се реорганизираат или затворат институции, да се заменат службеници и да се управува политички со институциите. Еден од архитектите, Расел Воут, сега е директор за буџет во Белата куќа со директен пристап до претседателот. Трамп долго време негираше дека го познава „Проект 2025“, а уште помалку дека го прочитал.
Но неодамна, двајцата испаднаа многу блиски, а Трамп го пофали Воут како идеен творец. Воут, пак, на прес-конференција во Белата куќа изрази задоволство од ангажманот на Трамп за проектот: „Трамп беше многу воодушевен од сите планови.“ Трамп постојано ја нагласува својата апсолутна моќ на одлучување: „Можам да правам што сакам! Јас сум претседателот!“ И тоа особено се гледа во три области.
Реорганизација на власта
Трамп владее речиси исклучиво преку декрети. Организации како УСАИД се распуштени, задачите се префрлени на приватни компании или партиски мрежи, Министерството за образование е ослабено.
Стотици илјади федерални службеници се отпуштени од „Агенцијата за ефикасност“ ДОГЕ (DOGE). Нови вработувања се вршат само врз основа на лојалност, не нужно компетентност.
Министерството за правда е реорганизирано, независноста на судовите отворено се доведува во прашање. Портпаролката на владата, Каролин Левит, ги критикуваше судиите како „партиски активисти“.
На прв поглед, тоа изгледа како административна реформа, но всушност е мешање во рамнотежата на демократските институции, со далекусежни последици.
„Америка Прва“ – повторно државна доктрина
Во надворешната политика, владата се фокусира на изолација, не само во миграциската политика. Меѓународни договори и мултилатерална соработка се раскинати, како Парискиот договор за клима или соработката со Светската здравствена организација. Климатските промени, човековите права или глобалната одговорност веќе не играат улога.
Наместо тоа, мотото е „America First“ („Америка Прва“), не само како слоган, туку како конкретна политичка насока.
Трамп отворено кажува што мисли за старите партнери како ЕУ: „ЕУ е основана само за да нè искористи.“ Наместо соработка, има царини, казнени мерки и откажување од меѓународен дијалог, освен ако САД не се во доминантна позиција.
Враќање кон традиционални вредности
„Проект 2025“ не застанува само на власта, туку има за цел да ја редефинира целата општествена структура. САД треба да се вратат кон традиционални, христијански вредности. Разновидност, еднаквост, инклузија? Според претседателот Трамп, тоа е „тиранија“ која сега е завршена.
Образовната политика се пренасочува кон патриотизам, книги за историјата на ропството се забрануваат. Социјалните програми се укинуваат, сексуалната едукација се ограничува.
Заштитата на ЛГБТК заедницата се намалува, абортусот се регулира строго. Министерот за одбрана Пит Хегсет го кажа тоа јасно: „Нема повеќе политика за разновидност, нема мажи во женска облека. Завршивме со таа глупост.“
Повеќе од една третина од проектот е спроведен
За критичарите, ова е почеток на крајот на либералната демократија. Стивен Ливингстон, професор по политички науки на Универзитетот Џорџ Вашингтон, со загриженост ги следи овие системски промени планирани со „Проект 2025“: „Ова е дел од целосен пакет. Гледаме мешање и во медиумите, универзитетите и музеите. Тие се потенцијална опозиција која мора да се контролира, неутрализира и смири.“
Пречки досега има само кај проектите каде што не може да одлучува само извршната власт, туку е потребна согласност од Конгресот и можеби од судовите, како на пример кај кратењето на здравствената заштита Медикер/Медикејд (Medicare/Medicaid).
„Проект 2025“ една година по претседателските избори веќе не е програма за иднината, туку политичка реалност. А за поддржувачите на Трамп – посакуваната системска промена. Од 318 мерки наведени во планот, 118 се веќе спроведени, 67 се во процес.
Брзината е впечатлива: за само девет месеци од стапувањето на функција на Трамп, политичкото лице на САД се промени длабоко. За тимот МАГА, започнува исполнувањето на визијата за „вистинска Америка“. Со тоа, поделбата во земјата станува уште подлабока.