„Е-бебе“: Од јануари електронски извод за новороденчиња
7 октомври 2025
Од идната година пријавувањето на новороденчињата во Македонија ќе се врши дигитално. Родителите во болница ќе го добијат првиот извод од матичната книга на родени, а најдоцна 48 часа по раѓањето на детето. Ова се дел од новините предвидени со проектот „е-бебе“, којшто треба да стартува наскоро.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, очекува дека од јануари следната година целосно ќе се автоматизира пријавувањето на новороденче.
За таа цел на почетокот на годината беше формирана работна група помеѓу повеќе институции - Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство-Управа за електронско здравство и соодветните јавни здравствени установи. Целта е да се воведе целосна автоматизација во издавањето на првиот извод од матична книга на родени.
Што предвидува проектот „е - бебе“?
Проектот „е-бебе“ е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ. Родителите ќе треба да отворат профил на Националниот портал за услуги - uslugi.gov.mk. Очекувањата се дека проектот ќе стартува во јануари идната година.
„Министерството за дигитална трансформација, искористувајќи ја Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, спроведе поврзување на сите засегнати институции во процесот за целосно автоматизирано пријавување на новороденчето“, вели Андоновски.
Во втората фаза на проектот ќе се поврзуваат и услугите за здравствено осигурување од Фондот за здравство, како и услугите на помош за новороденче кои ги издаваат Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве најави дека до крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн. Секој граѓанин ќе има дигитален идентитет, пристап до сите институции преку мобилен телефон.