1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Социјален петок" за добри дела

Кено Верзек
28 октомври 2022

Градежен претприемач во Северна Македонија и неговите вработени в петок учествуваат во волонтерска работа наместо да одат на работа. Проектот „Социјален петок” веќе служи за пример во повеќе европски земји.

Претприемачот Фикрет Зендели со млади од дом за деца без родители на Социјалниот петок во Скопје
Претприемачот Фикрет Зендели со млади од дом за деца без родители на Социјалниот петок во СкопјеФотографија: Sofi Lazovska/Frozen Time Drops Photography

Сончев ден, доцна есен во Скопје. На терасата на еден покрив во главниот град на Северна Македонија повеќе десетина млади луѓе и неколку возрасни стојат пред бели платна. Во рацете држат четки, спрејови во боја и палети со бои. Речиси сите носат маички со натписот „Социјален петок - да им дадеме нова смисла на петоците”. Една наставничка ги разгледува платната и делата што настануваат на нив. Беким и сестра му Фарија со шаблони прскаат цветови и листови, а подоцна и со четка доцртуваат детали и се смеат. Девојче на иста возраст како нив им сугерира кои бои добро си одговараат. Беким и Фарија, 17 и 18 годишни, потекнуваат од сиромашно семејство, родителите им починале пред многу години. Не сакаат да споделуваат детали. Од тогаш живеат во дом за деца без родители. Фарија е прв семестар медицина, а помладиот брат Беким сака да стане адвокат. Тој вели: „За првпат во животот цртам ваков цртеж, многу е забавно”.

Во Домот на културата „Кочо Рацин” во Скопје овој петок се одржува т.н. Социјален петок - впечатлива иницијатива на бизнисменот од Северна Македонија со албанско потекло Фикрет Зендели. 39-годишниот всушност е градежен техничар и има компанија за тродимензионални дигитални слики на градежни објекти. Но, во земјата се прослави со друг проект: еднаш квартално тој и неговите вработени на еден петок наместо во компанијата работат општокорисни работи - за сиромашни луѓе, за малцинства или за заштита на околината.

Беким, 17, на настанот Социјален петокФотографија: Sofi Lazovska/Frozen Time Drops Photography

Поврзување на луѓето 

Овој петок Зендели поврза млади од дом за деца без родители со ученици кои се подготвуваат да студираат уметност. Некои вработени од неговата фирма се исто така присутни и сите заедно цетаат на платната. Тие подоцна ќе бидат продавани на аукција, а средствата ќе видат донирани на домот.

Зендели уште од 2017 организира вакви социјални петоци. Идејата ја добил случајно додека патувал во авион. Во брошурата во авионот прочитал за студија според која петоците во компаниите се најмалку продуктивни денови бидејќи повеќето вработени веќе се во мислите на викенд. „Тогаш се прашував дали наместо да работиме може да правиме нешто друго продуктивно, нешто општокорисно. Па така ми текна и на Социјалниот петок", вели Зендели за ДВ. „Иницијативата сака да го користи најнепродуктивното време во неделата за да поврзува луѓе, да направи нешто за општото добро и истовремено да поттикне здруженост."

Фикрет Зендели (во средината, облечен во карирана кошула) на Социјалниот петок во СкопјеФотографија: Keno Verseck/DW

Исселен во Швајцарија 

Невообичаен како Социјалниот петок е и животниот пат на Зендели. Потекнува од скромно семејство и роден е во Гостивар, на северозападот на земјата каде главно живеат припадници на албанското малцинство, околу 25 проценти од населението во земјата. Татко му работел како уметник во Швајцарија, во 1992 ги земал и жена му и трите деца. Во тоа време Фикрет имал девет години.

Пораснат е во Лангнау во близина на Цирих, швајцарскиот германски наскоро станува негов втор мајчин јазик. Фамилијата од почеток ја примиле отворено и со голема подготвеност за помош, раскажува Фикрет, заради што до ден денес е најдлабоко благодарен на Швајцарија.

Фикрет студирал градежништво и по дипломирањето добил лукративна понуда во реномирана швајцарска градежна фирма. Понудата ја одбил и се вратил во татковината - Македонија. Родителите и браќата и сестрите биле шокирани. 

Авантуристички дух и амбиција 

Во зимата 2009 година, Фикрет во старо возило и со два компјутера стасал во Скопје. „Не дека ми беше многу до тоа да си ги барам своите корени”, вели тој. „Повеќе беше авантуристички дух и амбиција да направам фирма во родната земја која пак ќе се докаже на швајцарскиот пазар."

Бризнисменот Фикрет Зендели ја измисли акцијата Социјален петокФотографија: Sofi Lazovska/Frozen Time Drops Photography

Во 2010 тој ја основа во Скопје фирмата Бреон за тродимензионално дигитално претставување на градежни податоци, технологија без која денес не би можеле да се реализираат никакви поголеми градежни потфати. Од тогаш компанијата е успешно етаблирана на швајцарскиот пазар и учествувала во повеќе поголеми градежни проекти.

Но, со успехот бизнисменот почнал да си поставува и прашања за смислата, особено во Северна Македонија, земја во која има голем социјален јаз. Да заработуваш многу пари, да купуваш луксузни производи и да водиш скап живот додека на соседот му е лошо, тоа едноставно не можел да го прифати, вели Зендели. „Често се прашувам како мојот ограничен век на планетава, може да го искористам за да ја оставам подобра отколку што била кога сум дошол на неа."

Долгорочна соработка

На почеток проектот Социјален петок го замислувал само како активност за неговата компанија, вели Зендели. Но, потоа имало сѐ повеќе барања на социјалните мрежи и лд други фирми и тоа го инспирирало идејата да ја прошири во пошироката јавност.

Студентката по медицина Фарија (десно) во разговор со своите врснициФотографија: Sofi Lazovska/Frozen Time Drops Photography

Проектот сега веќе го замимава речиси подеднакво колку и работата во неговата фирма, вели тој. Има посебна веб-страница, а во проектот учествуваат и голема банка, фармаколошка компанија и ИТ фирми од Македонија, но и компании и иницијативи од Бугарија и од Косово, но и подалечни земји како Летонија, Норвешка и Австрија. По настани од Социјален петок понекогаш произлегуваат и ппдолгорочни соработки како на пример тоа што фирмата на Зендели финансирала една година едно работно место во дневен центар за ромски деца за наставничка по англиски која потоа пак добила трајно вработување. 

Позитива од Северна Македонија 

Минатата година Зендели доби покана за ТЕД конференција, светски водечка за иновативни идеи. Тоа беше воопшто прв ТЕД настап на претприемач од западнобалканскиот регион. Зендели и лично постојано се залага кај големи фирми за проектот, како неодамна во Стокхолм во централата на текстилната компанија Х&М." Мислам дека Социјалниот петок има голем потенцијал да ја смени компаниската култура ширум светот и проектот покажува и дека од земја како Северна Македонија за која не се знае ништо или не се слуша многу позитивно, може да потекне нешто токму такво добро."

Вработените на Фикрет Зендели даваат остатоци од храна од Социјалниот петок на ромско семејствоФотографија: Keno Verseck/DW

Социјалниот петок во „Кочо Рацин” завршува со заеднички ручек. Дваесетина слики младите без родители и учениците нацртаа заедно. Некои се прегрнуваат на одење, ќе се видат повторно за неколку недели на аукцијата.

Подоцна кога Фикрет и две соработнички ги пакуваат сликите и остатоците од храната во возилото случајно поминува Ромка со три деца. Се познаваат од претходно од друг петочен настан. Соработничките на Зендели и го даваат овошјето, зеленчукот, сирењето и лебот што останале. Жената љубезно прашува да не имаат и малку пари за пелени за најмалото дете бидејќи веќе немала. Зендели го слуша тоа и оди во ближната продавница. И купува голем пакет пелени.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми