1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Билјана Ванковска - претседателски кандидат на Левица

ДТЗ
7 февруари 2024

Ова не е прв обид на професорката Билјана Ванковска да влезе во претседателската трка. Овојпат порача дека нема да биде политичка манекенка или случаен минувач во политиката.

Билјана Ванковска и Димитар Апасиев
Професорката Билјана Ванковска влегува во трката за претседател како кандидат на ЛевицаФотографија: Petr Stojanovski

Додека поголемите партии се уште тактизираат околу кандидатите со коишто ќе „истрчаат“ на претстојните претседателски избори во земјата, Левица денеска ја соопшти својата одлука да оди со свој кандидат на изборите. Изборот падна на професорката Билјана Ванковска, која што имала најдобра позиција меѓу кандидатите кои биле во најтесен круг за избор.

„Фрламе ракавица на мејнстрим буржоаските партии кои ќе се натпреваруваат со нас“, порача претседателот на Левица, Димитар Апасиев. Ванковска порача дека нема да биде политичка манекенка или случаен минувач во политиката. Иако не е член на Левица, професорката вели дека се чувствува како да е дел од тимот. 

„Најдобриот разумен кандидат“

„Денес е голем ден за нас како Левица и за првпат обзнануваме наш претседателски кандидат, а тоа е професорката Билјана Ванковка и мислам дека го имаме најдобриот кандидат. Сметаме дека партијата достигна до ниво на кое го полага матурскиот испит - а тоа е наредното собирање на 10.000 потписи. Тоа мислиме успешно да го завршиме и да го имаме најдобриот разумен кандидат“, рече Апасиев.

„Го имаме најдобриот разумен кандидат“, вели Димитар Апасиев.Фотографија: Petr Stojanovski

Универзитетската професорка Билјана Ванковска и пред 10 години се обиде како независен кандидат да влезе во оваа постапка. Таа во март 2014 година не успеа да ги собере потребните 10.000 потписи за да стане кандидат за претседателските избори.

„Без никаква организациска и финансиска поддршка, тоа беше за мене едно многу позитивно време. Ако се прашувате зошто по една деценија повторно излегувам на истиот терен, ќе ви кажам дека оттогаш многу нешта се променија и овојпат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката“, порача денеска Ванковска. 

„Многумина од вас се сеќаваат на времињата кога велеа дека кога ќе отвориш фрижидер ќе ја најдеш професорката Ванковска. Тоа беше така затоа што јас не молчев кога сите молчеа“, рече Ванковска, најавувајќи „вадење на ракавиците, бидејќи помина времето на политичката коректност“. 

Партиски калкулации

Првиот круг претседателски избори во државата ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Првиот круг претседателски избори во државата ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повеќето партии се уште не соопштуваат со кои кандидатите ќе влезат во тркаат за претседател. ВМРО-ДПМНЕ распишa јавен повик за кандидат за претседател на Република Македонија кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори.

„Кандидатот кој ќе биде претходно пријавен и ќе ги исполни пропишаните услови ќе биде одбран на Конвенција која ќе се одржи на 2 март во Скопје, согласно одлуката на ИК на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти партијата.

Во СДСМ траат внатрепартиските консултации и процедури околу кандидат којшто ќе го поддржат, а албанската опозиција во земјата најави дека е време за претседател Албанец - позиција за која што сметаат дека е најсоодветен лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми