1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Професорот Дума нека дума поконкретно

4 февруари 2026

Случајот со носење на делови од човечки тела за научни истражувања во САД покажа дека во сиромашни држави како Македонија сѐ е на продажба, само треба да се појави вешт трговец.

Фотографија: Ersin Arslan/Zoonar/picture alliance

Носењето на делови од човечко тело од Македонија во САД можеби довело до напредок во науката, но за нас тоа е само уште една потврда дека кога земјата е сиромашна сѐ е на продажба. Само треба да се појави вешт купувач. Да не беше така, Америка која е лидер во медицинските технологии и во научните истражувања, а според бројот на населението сигурно имала и стопати поголема стапка на самоубиства, немаше да се досети да бара човечки материјал за своите истражувања во Македонија.

Затоа, колку и да се трудат протагонистите на овој случај да му дадат призвук на нормалност, си должиме на себе како граѓани на оваа држава да прашаме:

Зошто, ако се работело за успех на македонската медицинска наука, тој успех не бил пласиран во јавноста тогаш кога се случил? На што мислеше професорот и шеф на обдукцијата во тоа време д-р Алексеј Дума кога во ТВ интервјуто рече дека како учесници во проектот потпишале дека нема да бараат финансиска корист од целата работа? Дали мислеше дека нема да бараат хонорари од доделениот проект за истражувањата, или пак дека нема да бараат пари од можниот профит што ќе се создаде ако истражувањето доведе до нови понапредни медицински третмани за луѓето со суицидно однесување? Затоа што, овие две работи се различни и ќе беше добро професорот да го разјасни тоа. И главното прашање – зошто ако проектот бил успех за Македонија, според сведоштво на новинарка што го истражувала додека се одвивал, ѝ бил извршен притисок да не го објави?

Сѐ што не е забрането – е дозволено

Според она што го соопшти Министерството за здравство, повеќе од јасно е дека денес таков проект е невозможно да се спроведе, барем не според законите кои владеат во нашата земја. Може само илегално. Тоа се законите за научно-истражувачка дејност, Правилник за клиничко испитување, Упатство за начинот на постапување при трансфер и транспорт на биолошки материјали и други. И самиот Дума рече дека во тоа време немало договор меѓу Македонија и САД за научна соработка, па документацијата ја обезбедувале практично со лични познанства и врски. Или по принципот сѐ што не е забрането - е дозволено.

Тоа е најдобар показател дека добро била искористена порозноста во оваа сфера за да се постигне целта. Дали само за наука, или и за лична финансиска заработка и напредување во кариерата, тоа самите протагонисти си знаат. Јавноста нема никогаш да дознае. Времето кога е почнат проектот е и период кога плаќањата не се вршеа преку трансакциски сметки, но бидејќи тој продолжил и во време кога тие станаа задолжителни, можеби тука ќе се најдат некои од одговорите кои учесниците во овој потфат бездруго и ги должат на јавноста.

Фактот пак што во истражувањето биле вклучени и психијатриските болници во Скопје (Бардовци), Демир Хисар и од Негорци, секому му буди морничави слики со оглед дека историјата во светот низ вековите покажала дека токму таму каде пациентите не можат да зборуваат за себе, биле злоупотребувани за медицински истражувања. Тоа не значи дека истражувањето што го воделе двајца угледни личности едниот од Македонија, а другиот Македонец на работа во САД, било од таква природа. Но кога се работи за проект под превезот на молк, и сознанието дека е откриен случајно, природно повлекува и лавина од шпекулации, кои останува да ги расчистат професорите Дума и Росоклија како негови спроведувачи.

Тоа го должат на јавноста, и бидејќи се работи за македонски граѓани и нивни старатели кои немале пристап до сите информации за истражувањето ниту пак поседувале стручни знаења за да разликуваат добро од лошо во проектот. Особено затоа што се работи за ранливи семејства чии најмили биле со нарушена ментална способност, и со слабо расудување.

Јавноста чека одговори

Кај нас, како што објави Министерството за здравство, законската обврска за чување на оваа документација во тоа време била 15 години, а од 2018 година наваму, законската обврска за чување на документацијата е 25 години. Тоа е одлично затоа што дел од документацијата може да биде обелоденета овде, а ќе се комплетира и со помош на САД кои ја чуваат и од која дел веќе протече во јавноста.

Засега единствен познат исход од тоа истражување е објавен научен труд од 2013 година, потпишан од професорите Алексеј Дума, Горазд Росоклија и Ендру Џеј Диворк. Трудот е објавен и во универзитетски билтен на УГД „Гоце Делчев“ – Штип. Во трудот се наведува дека со методот биле обработени 220 примероци од мозочно ткиво од над 175 човечки обдукции. Според еден од авторите, професор Росоклија, мозоците потекнувале од заедничка збирка на македонски и њујоршки психијатриски институти, најчесто од лица со психијатриски заболувања. Причините за смртта биле различни – самоубиства, убиства, несреќи, давења, труења, срцев удар, како и неколку случаи на тешки болести.

Но, колку што е широк опфатот на психијатриските гранки во истражувањето, и посочените причини за смртта на луѓето кои биле сецирани за научни цели, толку е широка и основата за шпекулации. Затоа оваа вознемирувачка приказна заслужува брза реакција на домашните органи и што поскоро известување на јавноста дали биле исполнети институционалните и законските барања за овој потфат. А посебно етичките, бидејќи медицина и истражувања без примена на етика станува криминал.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми