Промените во Србија - вовед во посилна репресија?
15 септември 2025
Спасоје Вулевиќ е сменет на 5 септември од местото командант на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) на МВР на Србија. Во изјава за агенцијата Бета тој на 7 септември објасни дека е направена нова систематизација на работните места во МВР и дека министерот Ивица Дачиќ и директорот на полицијата, Драган Василевиќ му соопштиле дека повеќе нема да ја води САЈ, бидејќи претседателот на Србија, Александар Вучиќ не сака да има вооружена формација што не е под негова „апсолутна контрола“. Тој додаде и дека му било понудено место советник на министерот за внатрешни работи, но тоа го одбил и одлучил да замине во пензија.
„Начинот на смената на командантот на САЈ говори дека не станува збор за професионални, туку за политички причини, односно за желба целосно политички да се контролира секоја вооружена формација во земјата“, изјави за ДВ научниот соработник на Институтот за филозофија и општествена теорија Лука Глушац, чијашто област на истражување се и прашањата на демократската цивилна контрола на безбедносниот сектор.
Тој потсетува дека САЈ е „најелитната и најдобро обучена единица во полицијата, со најтешки услови за прием на припадници“. „Доскорашниот командант очигледно не ја покажувал лојалноста кон режимот на задоволителен начин. Авторитарната власт бара целосна потчинетост на режимот, а не на законот, па закана се оние на кои законот им е поважен“, вели Глушац.
„Административен трик од репертоарот на лошата управа“
Одговарајќи на прашањето на ДВ кои би биле оправданите причини за смена на командант на САЈ, Глушац наведува дека до смена на раководители во системот на државната управа, па и на полициски службеници на највисоки позиции, „може да дојде исклучиво по сложен процес на утврдување на непрофесионална или несовесна работа“.
„Бидејќи тоа е тежок процес, во кој мораат да се докажат причините за смена, некогаш се прибегнува кон административен трик од репертоарот на лошата управа – промена на Правилникот за систематизација на работните места. Тогаш за позицијата што некој ја зазема, а сакаат да го отстранат, се пропишуваат различни услови од постојните, кои лицето не ги исполнува. Со тоа се отвора правна можност тоа лице да се отстрани од позицијата. Како ’утешна’ награда, на командантот на САЈ му било понудено место советник на министерот – формално висока, а суштински безначајна функција, креирана токму за вакви прилики“, вели Глушац.
Директорот на истражувања во Белградскиот центар за безбедносна политика Предраг Петровиќ укажува дека Правилникот за систематизација на работните места е таен документ.
„Значи, ние како јавност не можеме да знаеме што пишува во тој документ. Знаеме дека последниве години често се менувал, а и дека скоро повторно е променет. Имаме најава дека со таа последна промена ќе бидат широко отворени вратите за вработување на луѓе кои баш и не би требало да работат во полицијата“, наведува Петровиќ.
„Дури сега доаѓаат вистинските и големи смени“
Истиот ден кога Вулевиќ изјави дека на неговата смена влијаел Вучиќ, министерот Дачиќ соопшти дека Вулевиќ уште во март минатата година стекнал услови за пензија и дека тогаш му било одобрено продолжување на службата.
„Полковник Вулевиќ нè извести дека донел одлука да оди во пензија и тоа е негово лично барање, без никакви влијанија од страна“, рече Дачиќ. Тој додаде дека е „апсолутно бесмислено да се меша кој било надвор од МВР во однос на прашања за работни односи во Министерството, а особено на претседателот Вучиќ“.
И Вучиќ на 7 септември, во изјава за новинарите за време на собирот „Граѓани против блокади“ во Борча, ги отфрли тврдењата дека влијаел врз смената на Вулевиќ, но додаде дека е „добро што тој е сменет“. Веднаш потоа, како да кажал нешто што не сакал, додаде дека всушност не знае дали Вулевиќ е сменет или „бара пензија“.
На крај, Вучиќ изјави: „Времето на одговорност доаѓа. Ова и не се смени. Допрва доаѓаат смени, вистински и големи, и ќе ги има многу“.
Смена на главната инспекторка на Даночната полиција
Пред неколку дена е сменета и помошничката директорка и главна инспекторка на Даночната полиција, Нада Новосел. Според неделникот „Радар“, таа, како помошник на директорот, ги поставила инспекторите на Даночната полиција за членови на Ударната група за истрага на корупција поврзана со падот на настрешница во Нови Сад. Таа група ја води Обвинителството за организиран криминал (ТОК), по чија одлука на почетокот на август, меѓу другите, за корупција беа обвинети и двајца поранешни министри за градежништво – Томислав Момировиќ и Горан Весиќ.
Пензионираниот полициски инспектор Предраг Симоновиќ за ДВ оценува дека „апсењата поради проневера на повеќе од 100 милиони долари ја покажале ранливоста на октоподот“.
„Тие смени и напади врз ТОК служат за превентивно дејство и дисциплинирање на оние кои можеби би помислиле да работат нешто од својот домен, а без знаење на врвот на власта“, вели Симоновиќ.
Тој наведува дека, според неговите сознанија, во МВР биле сменети „речиси сите раководители на Секторот за внатрешна контрола“ и дека верува дека се подготвуваат смени и во Управата за криминалистичка полиција. Порталот nova.rs неофицијално дозна дека е разрешен и началникот на Службата за криминалистичко-разузнавачка работа, Далибор Павиќ.
„Индикатор на понатамошна државна репресија“
Предраг Петровиќ потсетува дека „претседателот на Србија и пред неколку месеци најави смени во полицијата и обвинителството затоа што не е задоволен од нивната работа“.
„Можевме да видиме дека полицијата (за време на протестите) користеше прекумерна сила и дека беше забележан низ на непрофесионално постапување. Тоа, со некакво натегнато толкување на законот, можеби можеше да се оправда – но ни тоа не му е доволно на Вучиќ. Тој сака апсолутна, безусловна лојалност и контрола над безбедносниот апарат. Можеме да видиме дека власта се подготвува за поодлучна пресметка со луѓето кои протестираат и кои го критикуваат. Сето ова претставува вид на подготовка за зголемена репресија кон демонстрантите“, смета Петровиќ.
Тој притоа укажува дека САЈ е единица задолжена за антитерористички дејства: „Властa во Србија последниве два месеца луѓето што протестираат интензивно ги означува како терористи. Може да заклучите каде тоа води“, вели директорот на истражувања на Белградскиот центар за безбедносна политика.
Лука Глушац потсетува дека системот на поделба на власта е „со причина поставен како основно уставно начело“.
„Без него нема демократија. Тоа е брана против самоволие и диктатура. Кога во пракса таа рамнотежа ќе се изгуби, а моќта ќе се концентрира во рацете на една функција, односно човек, тогаш нема веќе збор за демократија. Во ситуација кога граѓаните со месеци отворено протестираат против системската корупција и уривањето на институциите, ваквите потези може да се читаат и како индикатор на понатамошна државна репресија, но и како сигнал на страв што се вовлекол во редовите на владејачкиот врв“, заклучува за ДВ научниот соработник на Институтот за филозофија и општествена теорија, Лука Глушац.