1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропадна идејата на Пендаровски за мастер дебати

ДТЗ
2 април 2024

Политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на дебати, информираа од изборниот штаб на Пендаровски.

Nordmazedonien: Präsident Stevo Pendarovski im Pressekonferenz.
Пропадна идејата на Пендаровски - кандидатите за претседател нма да се соочат на мастер дебатиФотографија: Präsidentenbüro Nordmazedonien

Пропадна идејата на актуелниот претседател и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски да ги соочи своите ставови со противкандидатите на две мастер дебати пред изборите на 24 април. 

Дебатите беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи.

„Но, за жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие „мастер дебати““, информираат од изборниот штаб на Пендаровски. 

Разлики кои не можат да се премостат

Изминатиот период, преку интензивна комуникација на изборните штабови на сите седум претседателски кандидати беше постигнат консензус за одржување на две големи т.н. „мастер дебати“.

„Исто така, штабот на кандидатот Стево Пендаровски одржа состаноци со одговорните лица од националните телевизии, како и состаноци со претставници од изборните штабови на претседателските кандидати со цел да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите, како и да се излезе во пресрет на одредени поспецифични барања“, велат од изборниот штаб на Пендаровски.

На 4 април почнува изборната кампања за претседателските избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Препреки

Но, идејата уште на старт наиде на препреки, откако дел од изборните штабови изразиле резерва околу учеството на двајца од претседателските кандидати на дебатите - Стевчо Јакимовски, кој се најде на црната листа на САД и Билјана Ванковска, како кандидат на Левица, поради нејзиниот наратив. 

Од кај Пендаровски беа децидни дека нема да има исклучување на кандидати од дебатата, без оглед на барањата од некои кандидати за изземање на своите ривали.

Стевчо Јакимовски рече дека е подготвен секогаш, секаде и со секого да дебатира за сето она што е важно за македонските граѓани.  „Тоа што некој кандидат и нечиј штаб имале проблем да се соочат со мене на мастер дебатата, само говори за нивниот страв да се соочат со своето незнање и страв од соочување со вистината, која за некого може да биде многу тешка и болна“, порача Јакимовски на 28 март.

Изборна конвенција и програма

На 4 април почнува изборната кампања за претседателските избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати. Парламентарните избори се на 8 мај, кога ќе се гласа и за втор круг од претседателските избори.

Стево Пендаровски, кој е во трка за втор мандат за шеф на државата на претстојните претседателски избори денеска ќе одржи Конвенција, на која ќе ја претстави изборната програма.

Според минатонеделното жребување во Државната изборна комисија (ДИК) Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и коалицијата ќе биде прв на листата, втора е Гордана Силјановска Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ, четврт е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Европскиот сојуз за промени и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.  

Кандидатите за претседател на државата во Државната изборна комисија денеска ќе го потпишат Кодексот за фер и демократски избори.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми