Пропадна обидот за амнестија на затвореници
2 ноември 2023Предлогот на Владата по скратена постапка да се донесе законот за амнестија не доби поддршка од Собранието. „Против“ гласаа 66 пратеници, 17 беа „за“, а тројца - „воздржани“. Станува збор за предлог околу кој изминатиот период се кршеа копјата во јавноста, а експертите предупредуваа на внимателност, бидејќи сметаат дека со таквите закони се „уништува судството“.
Лога делеше фотографии од Идризово
Министерот за правда, Кренар Лога, пред почетокот на седницата им подели на пратениците фотографии од затворот Идризово.
„Основната цел е алармантна состојба во затворите, како што во условите, така и со многу затвореници. Овие препораки и констатации се дадени од многу релевантни институции, коишто ги напоменуваат условите во извештаите“, рече министерот Лога, кој го предложи законот за амнестија.
Но, мнозинството пратеници не ги прифати ваквите аргументи на Лога за потребата од амнестирање на затвореници со полесни кривични дела. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ однапред најави дека ќе го блокира носењето на законот со доставување голем број амандмани, а амандмани најави и СДСМ, кои сметаа дека треба да се изземат од амнестирање осудените за случајот „Монструм“.
„Недоразбирање меѓу пратеници“
„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за законот за амнестија е јасен. Прашањето е дали има недоразбирање меѓу пратениците од СДСМ и раководството на партијата“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откако не помина предлогот за амнестија во Собранието.
„Откако овој закон ја помина владината процедура, се најде на владина седница. Тоа може да значи дека Спасовски, Ковачевски, Маричиќ, Петровска, Грковска и останатите од СДСМ, го гласале на владина седница, а пратениците сега велат дека нема да го гласаат. Можеби прашањето сега треба да биде да не има некакво недоразбирање меѓу пратениците и раководството на СДСМ“, рече Мицкоски.
Пратениците имаат право да гласаат како сакаат
Премиерот Димитар Ковачевски смета дека пратениците имаат суверено право да гласаат во свое име и во име на граѓаните, и не верува дека неизгласувањето на законот за амнестија ќе влијае врз односите во коалицијата со Алијанса за Албанците.
„Владата донесе одлука и му се даде можност на министерот за правда да го образложи законот за амнестија пред пратениците. Но, пратениците имаат суверено право да гласаат во свое име и во име на граѓаните во однос на законските решенија што се нудат. Сметам дека е запазена целата процедура и сето она што беше кажано и сметам дека ова не треба да влијае врз односите во коалицијата, со оглед на тоа дека секој можеше да го искористи своето демократско право да ги искаже своите аргументи“, рече Ковачевски по отворањето на Првата конференција за патна инфраструктура во Охрид.
Нов обид
Министерот за правда, Кренар Лога, пак, најавува дека повторно ќе го поднесе законот за амнестија, но овој пат во редовна постапка.
„Денеска Македонија е понеправедна држава од вчера, за жал оваа неподдршка за предлог-законот за амнестија ја гледам како одмазда за измените на Кривичниот законик кон мене и мојата политичка партија“, изјави Лога и изрази надеж дека пратениците биле „против“ поради скратената постапка.
Со предлог- законот на Министерството за правда, се очекуваше да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно да бидат амнестирани 996. Во моментот 2.114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2.813 треба да влезат во затвор.