Германската инфраструктура „плаче“ за милијарди евра
13 март 2025
Беше шок кога ноќта на 11 септември 2024 година еден од четирите моста кој преку реката Елба води до центарот на главниот град на покраината Саксонија, се урна во Дрезден. Станува збор за мостот Карола во светски познатиот барокен стар дел од градот. Речиси беше чудо што притоа немаше загинати или повредени лица. Речиси 800 илјади луѓе живеат во Дрезден и пошироката околина, а повеќе од два милиони туристи го посетуваат градот секоја година. 18 минути пред уривањето, последниот трамвај во ноќта минал преку мостот Карола. Причината за уривањето брзо се откри. Имено, челикот што се користел за мостот меѓу 1967 и 1971 година бил сериозно кородиран и напукнат. Таквиот наод предизвика алармираност на многу места ширум земјата со оглед на тоа дека илјадници мостови се во толку незавидна состојба што им е итно потребна санација или уривање и градење од ново.
Најмалку пет милијарди евра годишно за мостови
Во Германија има вкупно околу 130 илјади мостови. Особено важни за сообраќајот низ целата земја се речиси 40 илјади на автопатите и сојузните патишта. Според Сојузното министерство за транспорт, околу 5 илјади од овие мостови имаат итна потреба од поправка или мора да бидат урнати и обновени. Во 2024 година беа предвидени 4,6 милијарди евра во буџетот за санација на автопатите, магистралните патишта и придружните мостови.
Во расправата за буџетот за 2025 година за време на досегашната сојузна влада, беа предвидени пет милијарди евра за оваа намена. Тоа е сума која, според мислењето на сојузното друштво Автопат не е доволна.
Германија живее од својата супстанција
Не се само мостовите на кои им е потребна санација, туку и на застарените патишта и шини, во снабдувањето со енергија и вода, телекомуникациите, училиштата, универзитетите и болниците. Како техничката, така и социјалната инфраструктура со децении беа запоставувани, предупреди лидерот на СПД Ларс Клингбајл на почетокот на март. Покрај тоа, земјата заостанува и со модернизацијата. Транзицијата кон климатски неутрална инфраструктура трае, дигитализацијата заостанува. Во актуелно истражување на Германската трговска и индустриска комора (ДИХК), повеќе од една четвртина од анкетираните компании се жалат дека моменталната достапност на брз интернет не ги задоволува нивните потреби. Од ДИХК наведуваат дека „проширувањето на мрежата тешко држи чекор со зголемените барања на компаниите“.
Железницата гради на 40 делници
Економистите долго време им кажуваат на политичарите дека се потребни повеќе инвестиции. Студијата на Институтот за германска економија кој е близок до работодавците, летото 2024 година проценуваше дека се потребни 600 милијарди евра во следните десет години. Најголем дел од парите се потребни за прекурегионална сообраќајна инфраструктура. Здружението на германската индустрија (БДИ) во јуни 2024 година пресмета дека само за таа намена ќе бидат потребни 165 милијарди евра. Актуелниот сојузен министер за транспорт Фолкер Висинг сакаше да формира инфраструктурен фонд во висина од повеќе милијарди евра за кој сакаше да мобилизира и приватен капитал. Но, не дојде до реализација на планот. Во плановите пак, за генерално обновување на железничката мрежа сѐ уште нема покритие за 13 милијарди евра.
Преоптоварената и редовно ненавремена Германска железница до 2030 година планира да ги поправи 40-те најважни делници, кои опфаќаат околу 4.200 километри. Колку скап може да биде еден единствен проект за сообраќајната инфраструктура покажува примерот на железничката станица „Штутгарт 21“. Градежните работи се одвиваат 15 години, а официјалните проценки на трошоците неколку пати се зголемија од нешто повеќе од четири милијарди евра на почетокот на изградбата, до 11 милијарди во декември 2023 година.
Како доаѓа струјата од север до југ?
Ќе бидат потребни и огромни суми за натамошно проширување на обновливите извори на енергија и потребната електрична мрежа. Енергија од ветерници главно се произведува на северот на Германија. За да се дистрибуира низ целата земја, мора да се изградат повеќе и помоќни далноводи. Според проценките на операторите на дистрибуциската мрежа, само проширувањето на истата може да чини 55 милијарди евра - плус 110 милијарди евра за проширување на локалните мрежи до 2033 година.
Досега трошоците се префрлуваат на крајните потрошувачи, а со тоа и на компаниите, што ги прави помалку конкурентни ширум на глобално ниво. Ако државата сака да ги растерети корисниците, мора делумно да ги преземе таквите трошоци. Покрај нив, има и трошоци за изградба на резервни електрани, капацитети за складирање на електрична енергија и водородна мрежа.
Дел од инфраструктура е и станбениот простор
На национално ниво владее и акутен недостиг на станбен простор, особено во градовите и метрополите. Тоа условува драматично зголемување на кириите во изминатите неколку години. Во Минхен на пример, 24 евра за метар квадратен веќе не се ништо невообичаено за нови кираџии. Негативните последици се повеќеслојни, како на пример тоа дека просечен граѓанин веќе не можат да си дозволи да живее во град. Работодавци кои не плаќаат врвни плати, можат да дојдат до работна сила само ако нудат и станови од фирмата. БДИ во својата анализа пресметува дека во следните десет години би требало да се инвестираат дополнителни 56 милијарди евра за да се стимулира изградбата на станови,но и за да може да се гради климатски адекватно.
Образование: задача за иднината
Многу пари чини и санацијата на градинки, училишта и универзитети, како и дигитализацијата на сите образовни институции. Сојузот на германската индустрија проценува дека ќе бидат потребни околу 100 милијарди евра за таа намена. Синдикатот за образование и наука смета со дури 130 милијарди евра. „Германскиот образовен систем наликува на големо градилиште.
Задачите се огромни“, се вели во соопштение од почетокот на март 2025 година. Недостигот од квалификувани работници, особено во установите за дневен престој и училиштата, се опишува како „драматичен“. Образованието спаѓа во покраинска надлежност, така што пред сѐ 16-те покраини имаат одговорност да дејствуваат, но и градовите и општините имаат застарена инфраструктура, на која ѝ е итно потребна обнова. Најмалку се инвестира на општинско ниво бидејќи едноставно нема доволно пари. Буџетите се празни, задолжувањето е големо.
Недостиг во многу области
Во болничкиот сектор пак, има инвестициски застој од околу 50 милијарди евра. Според Здружението на германските болници, околу 70 отсто од сите болници во Германија бележат загуби. Околу 10 милијарди недостигаат и за Службата за заштита од катастрофи, како кризи и големи несреќи од типот на поплавите и други временски неприлики, но и заштита од опасности предизвикани од војна. Ако се соберат сите суми, тогаш ќе бидат потребни стотици милијарди евра во следните неколку години за да се доведе во добра состојба техничката и социјална инфраструктура во Германија.