1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли спас од нелегалното оружје на улиците?

ДТЗ
30 август 2024

МВР ќе ги зајакнува процедури околу тоа кој може легално да поседува оружје. По бројните инциденти со оружје и убиства во земјата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавува решавање на проблемот

пиштол
Прописите за добивање дозволи за оружје се ригорозни, но дали се почитуваат?Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

МВР ќе ги зајакнува процедури околу тоа кој може легално да поседува оружје. По бројните инциденти со оружје и убиства во земјата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најавува решавање на проблемот со нелегалното оружје на улиците.

Само во текот на 2024 година се запленети 104 парчиња оружје од страна на МВР, од кои девет автоматски пушки, 39 пиштоли, 35 ловни пушки. За споредба во 2022 година полицијата заплени 139 нелегални парчиња огнено оружје од кои 73 се пиштоли, неколку автоматски и полуавтоматски пушки и 34 ловни пушки.

Над 620 илјади парчиња огнено оружје

Според последните проценки во анализата „Истражување на мало оружје“ која што се базира на податоци од 2017 година, во земјата има над 620 илјади парчиња огнено оружје. Тоа значи дека на 100 луѓе - 30 имаат оружје, од кои осумина легално и имаат дозвола за поседување оружје, а 22 немаат. Истражувањето се однесува на земјите од Европската унија, Западен Балкан и Молдавија, а на оваа листа во друштво од 34 земји, Македонија е на седмо место по поседување на нелегално оружје.

„Криминал имало, има и ќе има. Прашањето е како безбедносните служби, како МВР ќе одговори на тој криминал. Дали ќе биде соучесник како претходно многу пати или ќе одговори соодветно и ќе даде максимум од себе и за два часа ќе ги уапси сторителите кои што го сториле убиството како примерот кај трговскиот центар Мавровка“, истакна Тошковски  во интервју за дневникот на МРТ. 

Како се издавале дозволи?

Прашан дали може да се иницира акција за предавање на нелегалното оружје и да се засилат мерките за негово поседување, кој треба да го има а кој не, Тошковски потенцираше дека мора да се работи и дефинира кој се може да поседува оружје во нашата држава.

„Веќе работиме интензивно во насока на откривање како досега од страна на МВР се издавале дозволи за поседување на оружје. Секој еден граѓанин кој побарал дозвола, посебно ловџиите знаат дека се злоупотребувале овластувањата кои што ги дава законодавецот и интензивно работиме на утврдување како е дозволувано привилегирање на лице за добивање дозволи, да издаваат дозволи на лица кои што согласно закон не би смеело да им се издава. Ќе истражиме и ќе преземеме соодветни чекори“, вели министерот.

Во иднина ќе утврдиме јасна и прецизна процедура како да се стекнат со оружје исклучиво граѓаните кои ги исполнуваат сите законски услови за тоа“, дециден е министерот.Фотографија: Petr Stojanovski

Според Тошковски, над 5.000 луѓе не можеле да се стекнат со дозволи иако ги исполнувале условите, а одреден број на луѓе кои никако не би смееле се стекнале со право на поседување оружје. „Во иднина ќе утврдиме јасна и прецизна процедура како да се стекнат со оружје исклучиво граѓаните кои ги исполнуваат сите законски услови за тоа“, дециден е министерот.

Најмногу дозволи за поседување оружје се издадени во 2004 година - 7.147. Во 2005 година се издадени 1.698 дозволи, по што бројката почнува да расте, па така во 2014 се издадени 2.469 дозволи. Според податоците од МВР од 2023 година во Македонија се регистрирани околу 190 илјади парчиња оружје за различна намена. 

Прописите се ригорозни

Според прописите не може секој да добие дозвола за оружје. Сопственикот или корисникот на оружје е должен оружјето да го одржува во исправна состојба, внимателно со него да ракува и да го чува на начин што ќе оневозможи пристап на неовластени лица. 

Забранета е продажба на оружје и муниција на лице кое нема одобрение за набавување, односно одобрение за набавување на колекционерско оружје, како и давање оружје на употреба на лице кое нема дозвола за оружје или дозвола за колекционерско оружје или дозвола за носење на тоа оружје. Исто така, сопственикот или корисникот на оружје кога има право да го носи е должен оружјето да го носи на начин што нема да ја загрозува личната сигурност и сигурноста на другите. Забрането е и носење и употреба на оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување на лица и имот во државните органи и правните лица, согласно со прописите за обезбедување на лица и имот. За секое непочитување предвидени се и низа казни меѓу кое и одземање и на дозволата и на оружјето.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми