1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаМолдавија

Зошто на Бреговиќ му беше забранет влезот во Молдавија?

24 август 2023

Познатиот музичар Горан Бреговиќ вели дека никогаш немал проблем на турнеи, но Молдавија очигледно има проблем со него и неговите проруски ставови, пишува германскиот печат.

Горан Бреговиќ
Зошто на Бреговиќ му беше забранет влезот во Молдавија?Фотографија: picture-alliance/dpa

„Горан Бреговиќ и неговиот бенд требаше да имаат голем настап минатиот викенд во Стари Орхеј, археолошка населба во Молдавија “, пишува берлинскиот весник Тагесцајтунг.

„Но, на Бреговиќ и неговата придружба во неделата им беше забранет влез во Молдавија откако пристигнаа на аеродромот во Кишињев.

Во соопштението на граничната полиција како причина е наведена „анализа на ризик“ врз основа на разузнавачки податоци. Бреговиќ на социјалните мрежи изјави дека е разочаран, дека ја обиколил цела Европа и дека немал проблеми никаде и со никого.

„Но, очигледно Република Молдавија има проблем со Бреговиќ. Според молдавскиот министер за внатрешни работи Адријан Ефрос, Кишињев уште минатата година вовел забрана за влез на Бреговиќ минатата година поради неговите проруски ставови“, пишува весникот.

„Отворени симпатии за руската агресија“

„Тој 73-годишник јавно ја поздрави нелегалната анексија на Крим во 2014 година и одржа концерт таму една година подоцна. Тој има отворени симпатии за руската агресија врз Украина. Ваквите ставови се веројатно причината поради која на Бреговиќ му е забрането да настапува не само во Украина, туку и во Полска“, пишува Тагесцајтунг.

Весникот наведува дека српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, побарал официјално објаснување, наведувајќи дека одлуката на Кишињев не соодветствува со традиционално добрите односи меѓу двете земји.

„Ова не е прв пат Молдавија да се заштитува од несакани гости со забрана за влез“, пишува Тагесцајтунг. „Минатиот февруари на навивачите на белградски Партизан им беше забрането да присуствуваат на натпреварот на нивниот клуб против Шериф од Тираспол. Натпреварот се играше пред празни трибини во Кишињев“.

Се потсетува дека тогаш претседателката на Молдавија, Маја Санду, ја обвини Русија дека планира државен удар во Молдавија, наводно со помош на граѓани на Србија, Црна Гора и Белорусија.

Романија не се плаши од Бреговиќ

Тагесцајтунг го цитира рускиот весник Космомолскаја Правда, кој излегува и во Молдавија: „Значи, ова е насоката на европскиот развој: Европа оди на концертите на Бреговиќ, а Молдавија ги гледа на Интернет. Секој граѓанин треба да размисли пред да се сврти против Партијата за акција и солидарност, односно пред да каже нешто што не и одговара на партијата или на претседателот. Можеби во тој случај повеќе нема да можат да ја посетат Молдавија или да се вратат во својата татковина“, пишува весникот.

Во текстот на Тагесцајтунг се додава дека „Романија помалку се плаши од Горан Бреговиќ. Во октомври треба да настапи на фестивал во таа земја членка на ЕУ. Настанот е финансиран со средства од Брисел“.

„Сеедно ми е"

Извештај за овој настан објави и Берлинер цајтунг. Во него се вели дека „молдавската гранична полиција изјавила дека организаторите на фестивалот биле информирани за забраната, која е во сила од минатата година, пред доаѓањето на музичарите“, пишува весникот.

Исто така се потсетува дека Бреговиќ еднаш изјавил дека му е сеедно дали ќе биде цел на санкции бидејќи свирел во Крим.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми