1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли ЕУ воопшто да си дозволи ново проширување?

Мари Зина
30 април 2024

Доколку влезат во ЕУ, земјите од Западен Балкан како сиромашни држави би биле нето приматели на пари од Брисел. Но, тоа не е ништо во споредба со парите што би ги добила Украина. Многумина во ЕУ се плашат од тоа.

Протести во Варшава - полските земјоделци
Протести во Варшава - полските земјоделци против влез на евтини украински аграрни производиФотографија: Sergei Gapon/AFP/Getty Images

„Без земјоделците нема леб", тоа беше популарната парола кога полските земјоделци блокираа улици и патишта на околу двесте локации низ Полска во февруари.

Во близина на градот Коцк, на два часа возење од украинската граница, стотици трактори тогаш го блокираа патот за да спречат влез во земјата на евтино украинско жито.

Полските земјоделци стравуваат дека влезот на Украина во Европската унија ќе го преплави пазарот на континентот со поевтина храна и ќе ги загрози земјоделците во земјите-членки на Унијата. „Нека заборават, тоа е луда идеја“, изјави за ДВ за време на протестот еден од земјоделците.

Дали вратата се отвора

Повеќе од една деценија ЕУ се однесува како затворен клуб, пред чии врати залудно чекаат неколку земји. Но, руската инвазија на Украина суштински го промени тоа.

Во декември, Брисел ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија и ѝ додели кандидатски статус на Грузија.

„Од очигледни причини,  ЕУ сега го гледа проширувањето  како безбедносен инструмент. А (влијанието врз) буџетот на ЕУ е дел од приказната, но тој не мора да биде одлучувачки“, вели Ту Нгујен, заменичка директорка на берлинскиот тинк-тенк Центар „Жак Делор“.

Имено, новиот ентузијазам за проширувањето на ЕУ кој доаѓа од Брисел го попречува тоа што некои членки на Унијата и голем број граѓани во проширувањето гледаат чиста економска загуба.

Најголем дел од буџетот на ЕУ оди за регионален развој и земјоделство. Посиромашните членови добиваат многу повеќе од буџетот отколку што уплаќаат во него.

На земјите од Западен Балкан со години им се ветува прием во ЕУФотографија: Virginia Mayo/AP/picture alliance

Осумте земји во чекалницата на ЕУ, вклучително и оние од Западен Балкан  и Украина, се многу посиромашни од просекот на ЕУ и сите би биле нето-приматели.

„Евтиниот“ Балкан

За Јасна Пејовиќ, која го води стартапот за учење „Flourish“ во Подгорица, членството во ЕУ би ѝ дало „повеќе легитимитет“ на нејзината земја. Црна Гора напредна најдалеку од сите кандидати и 80 отсто од нејзините граѓани го поддржуваат пристапувањето во ЕУ.

„Потенцијалните инвеститори често велат дека никогаш не правеле бизнис во Црна Гора и дека не знаат како оди тоа. Тогаш ги прашувам- дали би било поинаку да бевме дел од ЕУ? Тие велат дека би било. Затоа што знаат како функционираат работите во ЕУ“, вели Пејовиќ за ДВ.

Црна Гора има само 630.000 жители и речиси нема да биде трошок за буџетот на ЕУ. „Никој не би ни забележал“, вели Натали Точи, советник на двајца поранешни комесари за  проширување на ЕУ.  Но и ЕУ исто така „не гледа економски придобивки“, вели таа.

Приемот на земјите од Западен Балкан,  кои заедно имаат околу петнаесет милиони жители, на многу жители би им донел големи придобивки со релативно мал трошок за буџетот на ЕУ. А сепак, државите од регионот се кандидати повеќе од една деценија, Северна Македонија повеќе од две.

Украина - слон во собата

Поинаква е  приказната со Украина,  на која Брисел ѝ ја отвори перспективата дури за време на руската инвазија. Украина пред војната имаше над четириесет милиони жители и беше посиромашна од балканските кандидати.

„Тоа е сосема друго ниво“, вели Точи, „поради големината на земјата, земјоделскиот сектор, поради просечното богатство и пред сѐ затоа што на земјата во војна ѝ требаат петстотини милијарди евра за реконструкција и таа сума само ќе расте."

Украина веднаш би станала најголемата земјоделска сила во ЕУ и би исцрпувала голем дел од буџетот. Во земјите на ЕУ има 157 милиони хектари обработливо земјиште, додека само Украина има 41 милион хектари. За споредба, Србија има меѓу четири и пет милиони хектари.

Многумина ги загрижуваат економските последици од прием на Украина во ЕУФотографија: Philippe Stirnweiss/European Union 2024

Затоа, за  многумина во ЕУ, Украина би била конкурент кого не го сакаат. „Веројатно би банкротирале. Затоа што лесно би биле преплавени од поевтини производи од Украина“, вели Лукаш Чех, полски производител на жито и фармер кој одгледува свињи.

Чешка добива дел од своите субвенции директно од Брисел, како и многу колеги во Полска. Таа земја успеа да стане земјоделска сила во рамките на ЕУ, на која ѝ се приклучи пред две децении.

Колку чини тоа?

Според пресметката на Советот на ЕУ, приемот на сите кандидати во ЕУ би чинел 256 милијарди евра во буџетски период од седум години. Само Украина би добила 186 милијарди од тоа, не сметајќи ги трошоците за реконструкција.

Ту Нгуен за ДВ вели дека трошоците можеби нема да бидат толку високи како што стравуваат некои членки на ЕУ, но додава дека не е јасно од каде ќе дојдат дополнителните пари.

„Можно е да дојде од сегашните членки. Можно е ЕУ да добие пари на нови начини. Да речеме, се разговара за данок на пластика или трговијата со јаглерод диоксид“, вели таа.

На крајот, ЕУ е поделена по прашањето за брзото проширување. Некои од одговорите на прашањето која страна преовладува ќе станат појасни по изборите за Европскиот парламент во јуни.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми