Ден на албанското знаме: Рафали и искинато македонско знаме
29 ноември 2024Песни, тапани и колони од автомобили, блокирани улици со развеани знамиња, ја одбележаа синоќешната (28.11) прослава на Денот на албанското знаме во повеќе општини во земјата. Прославата во Скопје отиде и чекор понатаму - кулминираше со рафали од огнено оружје, но и со еден срамен „славенички“ чин - кинење на македонското државно знаме.
Видео објавено на платформатa X покажа како едно лице го кине државното знаме и ги шутира искинатите делови од него, кои потоа завршуваат изгазени под тркалата на возилото со кое се превезуваат придружниците на сторителот на ова вандалско и кривично дело, кое подлежи на санкции.
Според член 238 од Кривичниот законик, „тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Северна Македонија, нејзиното знаме, грб или химна, ќе се казни со парична казна или затвор до една година“.
По објавеното видео, граѓани вознемирени и длабоко револтирани од вандалскиот акт, бараат итни санкции за сторителите.
Денот на албанското знаме, кoj не е државен празник, во општините каде е доминатна албанската заедница со години се одбележува на ист начин: на тoj ден државното знаме е буквално „елиминирано“ од употреба, а во преплавеноста од албански знамиња редовно се истакнуваат и знамиња со карта на голема Албанија.
Остра осуда
Синоќешниот инцидентот предизвика лавина од реакција на граѓани, но и партиски соопштенија. СДСМ доцна синоќа најостро ги осуди инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.
„Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности", беше наведено во партиското соопштение.
СДСМ побара од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на непромислените и штетни дејствија. „Безрезервното спроведување на законите е единствениот пат до зачувување на мирот, безбедноста и довербата меѓу сите граѓани“, порача партијата и повика на смиреност и воздржаност од дополнителни провокации.
ВМРО-ДПМНЕ утрово со остра реакција го осуди вчерашното сквернавење на македонското знаме. Но истовремено партијата реагира и на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи, зад кои, како што наведуваат, веруваат дека има и политичка позадина, кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда.
„Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот. Kриминалните банди кои 20 години ги ограбија институциите и сите граѓани независно од етничката припадност, денес со овој однос покажаа дека за нив националните знамиња не се ништо друго освен обвивка со која мислат дека ќе избегнат кривична одговорност“, наведе партијата.
Оттаму ги повикаа граѓаните да останат достоинствени и мудри бидејќи тоа се само последни крици на еден криминален монструм кој ја понижил и ограбил Македонија.
СДСМ: МВР потфрли
Утрово, СДСМ се огласи со ново соопштение и со оценка дека „Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува неспособност да управува со кризни ситуации, а МВР предводено од министерот Тошковски целосно потфрлило во превенцијата и контролата на ситуацијата".
„Граѓаните имаат право да прашаат - зошто полицијата не беше присутна и зошто немаше брза и одлучна интервенција за спречување на овие инциденти? Министерството мора да објасни зошто не ја презеде својата одговорност и дали воопшто имало план за управување со ваквите ситуации. Очигледно МВР воопшто ниту била подготвена да реагира, ниту имала увид во она што се случувало во текот на речиси целиот ден вчера“, реагираат од СДСМ.
Оттаму прашуваат каде биле вчеравечер премиерот Мицкоски и министерот Тошковски, да се обратат со државнички пораки за смирување на состојбите и побараа тие веднаш да излезат пред граѓаните и да објаснат зошто превенцијата целосно потфрлила.
ДУИ најпрвин со осуда за „полициска интевенција"
И додека СДСМ обвинува за отсуство на полициска превенција и интервенција, од ДУИ обвинуваат за спротивното.
„Демократската унија за интеграција остро ја осудува полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме, ден кој има исклучително значење за Албанците во Република Северна Македонија и ширум светот. Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција“, наведува ДУИ.
Во соопштението не се прецизира за каква интервенција станува збор. ДУИ се осврнува и на инциденот со државното знаме, кое го третира како „палење“ (!?) кое пак било реакција токму на интервенција на полицијата.
„Истовремено, го осудуваме индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата. Таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту пак стремежите за стабилна соживотност и заемна почит. Во овој контекст, е неприфатливо и срамно што ВМРО-ДПМНЕ и одредени други политички сили се обидуваат да ги злоупотребат овие инциденти за да изградат лажна нарација која го криминализира секој став на Албанците. Оваа тенденција да се претстават Албанците како носители на криминални агенди претставува напад врз идентитетот и достоинството на Албанците и обид за прикривање на коруптивната агенда на овие структури“, критикува ДУИ.
Тие политички сили, според ДУИ, секојдневно ја држат државата надвор од механизмите за надзор на ЕУ, го ограбуваат државниот буџет и граѓаните преку злоупотреба на институциите за лични придобивки.
„Обидот да се оттргне вниманието од ваквите скандали преку криминализирање на Албанците е позната тактика која нема да успее. (...) Нема да дозволиме нашите легитимни ставови да се користат како параван за политички манипулации или за зачувување на позициите на тие што ги ставаат личните интереси над интересите на граѓаните и државата“, порача ДУИ.
Партијата од Мала Речица ги повика институциите „да дејствуваат со зрелост, професионалност и непристрасност, обезбедувајќи ги правата на граѓаните слободно да го изразуваат својот идентитет и култура". Воедно, ги повика и граѓаните да ја задржат смиреноста, достоинството и единството, „и да не подлегнуваат на провокации и манипулации на оние кои имаат цел да создадат поделби и дестабилизација".
Никаде како во Скопје
Доцна синоќа со реакција се огласи и Левица.
„Иредентизмот кои го стимулираат т.н. албански партии и ширењето омраза кон македонската држава ја доживеа својата кулминација!“, реагираа од партијата.
Освен блокираните улици, рафални истрели од огнено оружје и газење на македонското знаме, посочуваат дека имало и уништување на македонски симболи во некои основни училишта, и дека се пееле песни со содржина дека Скопје е албански град, што претставува директна провокација и навреда за Македонците.
Левица побара од надлежните органи итно да спроведат истраги за сите инциденти и тие соодветно да бидат санкционирани, наведувајќи дека „со молчење кон понижувањата не се гради соживот".
Со колони возила, од кои дел од учесниците низ прославата излезени низ прозорците на возилата или качени на покривите вееја албански знамиња, со песни и звукот на тапани, денот на знамето беше одбележан и во Тетово. На градскиот плоштад во Куманово денот беше одбележан со културно-уметничка програма, во организација на здружението „Недела на албанската култура“ и со поддршка на Општината.
Покрај „Парадата на Албанците 2024“, што по повод овој ден се одржа во Тирана, како и прославата во Косово, Албанците го одбележаа денот на знамето во многу држави каде што денеска живеат, но никаде не случи да ги палат државните знамиња на тие земји.
Дел од домашните портали на албански јазик објавија дека на 28-ми ноември не само што се одбележува Денот на албанското знаме, туку на тој ден се одбележува и 27-годишнината од денот на првото појавување на УЧК на Косово (28 ноември 1997 година).