1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прослава на Илинден: Борбата не е завршена - борбата трае!

2 август 2024

Нашата сила е во нашата различност и сплотеност. Борбата не е завршена - порача премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на денешното празнување

македонско знаме
Фотографија: Government of Republic of North Macdonia

Премиерот Христијан Мицкоски во Крушево, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во „Свети Прохор Пчински“ а претседателот на Собранието, Африм Гаши во Скопје ќе ги предводат делегациите на одбележувањето на 2 Август - Денот на Републиката, кој годинава ќе се одбележува под слоганот „Борбата трае“.

Со тој слоган, како што беше речено, Владата сака да ја пренесе пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на државата продолжува, потпирајќи се на историските основи и на борбата на предците.

Републиката го дочекува овој Илинден слично како оној од 1903 - „во пламен“. Овојпат тоа се случува поради пожари на повеќе локации, па борбата што трае засега има најинтензивен тек токму со огнената стихија.

„Додека го одбележуваме Илинден, храбрите пожарникари, војници и волонтери со натчовечки сили се борат против огнените стихии за да ги спасат нашите шуми, и животите и имотите на нашите граѓани. Да им помогнеме и да ги поддржиме, и со тоа активно да учествуваме во борбата за доброто на граѓаните и иднината на републиката“, порача македонската претседателка во денешната празнична честитка.

Повик за акција и единство

На борбата и со други актуелни предизвици, денеска ќе се осврне премиерот Христијан Мицкоски од централната манифестација што се одржува на Мечкин Камен во Крушево. Тој ќе се обрати во 13 и 30 часот, откако претходно ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите во месноста Слива.

„Илинден, симбол на нашиот непокорлив дух и нашата истрајност. Светилник на надежта на македонските граѓани за човечки правдини! Илинден е нашиот повик за акција и единство денес. Нашата сила е во нашата различност и сплотеност. Борбата не е навршена!“, напиша премиерот на неговиот профил на Фејсбук во пресрет на празникот.

Порака испрати и од Крушево, каде што синоќа присуствуваше на отворањето на националната манифестација „Десет дена Крушевска Република“, каде беше прочитан Крушевскиот манифест и подигнат бајракот на Крушевската Република.

„Нека овој ден ни биде потсетник за храброста и слободољубивиот дух на нашите предци, кои ни го оставија ова драгоцено наследство. Да ја чуваме и развиваме нашата држава во чест на нивните жртви!“, порача премиерот.

Како и секоја година, белег на празнувањето му дава илинденската коњаница со учесници од целата земја (годинава повеќе од 150) кои вчера пристигнаа во Крушево и кај црквата „Свети Никола" беа пречекани од  градоначалникот Томе Христоски. Тие вчера положија цвеќе на гробот на Питу Гули и на Никола Карев.

Празникот свечено ќе биде одбележан и во Скопје. Претседателот на Собранието, Африм Гаши ќе положи цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ и ќе има свое обраќање на манифестацијата по овој повод која ќе се одржи пред зградата на Собранието.

Да се обновува духот на македонската република

На другата историска точка на која ќе се слави Илинден, ќе присуствува претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Прво ќе положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце во 10 часот, а напладне и во манастирот „Св. Прохор Пчински“ пред спомен-плочата на АСНОМ, каде ќе биде пречекана од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ.

Спомен-плочата на АСНОМ во манастирот Прохор ПчинскиФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

„Право и должност на секоја генерација е да ја продолжи борбата и да го обновува духот на македонската република, усогласувајќи го со новите околности и новите можности" порача претседателката во денешната честитката за празникот.

„Борбата на нашата генерација е, чувајќи го наследството на илинденците и асномците, да ја направиме нашата македонска република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите. Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да го спречиме иселувањето и да создаваме иднина за младите, тука, во нашата заедничка македонска татковина. Таа борба ќе ја добиеме со европеизација на државата, со владеење на правото и искоренување на корупцијата, со компетитивна економија и грижа за животната средина, со сплотување околу општото добро и јавниот интерес“, се вели во честитката од Претседателката.

За соработка за повисоко ниво

Сиљановска и Вучиќ во телефонски разговор на 23-ти јули изразија подготвеност заеднички да го посетат манастирот „Св. Прохор Пчински", и во духот на добрососедските односи и заложбите за продлабочување на пријателските врски меѓу двата народи - да ја одбележат 80- годишнината од одржувањето на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да го спречиме иселувањето и да создаваме иднина за младите, се вели во честитката од претседателката Гордана Сиљановска Давкова по повод ИлинденФотографија: Arbnora Memeti/DW

Вучиќ по разговорот наведе дека посетета на манастирот ќе биде можност и за конкретизирање на планови за сорботката на повисоко ниво.

„Тоа воедно ќе биде одлична можност за дополнително зајакнување на врските меѓу нашите два народи. Ја искористив приликата да ја поканам мојата почитуван колешка да ја посети Србија, за да конкретизираме некои од плановите кои ќе ја подигнат нашата соработка на повисоко ниво“, напиша Вучиќ на Инстаграм по разговорот со Сиљановска.

Двајцата денеска ќе остварат билатерална средба, по што се предвидени изјави за медиумите. Во делегацијата што ја предводи Сиљановска се потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески, претставниците од Сојузот на борци - Наум Буревски и Снежана Несторовска, и митрополитот кумановско-осоговски Григориј.

Прва литургија на македонски

На барање на македонската заедница во Србија, денеска на празникот Илинден во православниот храм „Св. Пророк Илија" во Јабука крај Панчево, ќе се одржи првата литургија на македонски јазик од македонски свештеник, јави дописникот на МИА од Белград.

Црковната литургија ќе ја одржи јеромонахот Дионисиј Богев од манастирот Беркасово во Срем, за што имал добиено благослов од епископи на Српската православна црква (СПЦ) - сремскиот епископ Василиј и банатскиот епископ Никанор, надлежен за црквата Св.Пророк Илија во Јабука, каде има најголема концентрација на Македонци во Србија.

„Историскиот чин на првата литургија на македонски јазик во Србија се одржува на иницијатива на Националниот совет на македонското национално малцинство (НСМНМ), по повеќемесечни наши заложби и по барање на македонската заедница, а по добиениот благослов од архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, како резултат на соработката меѓу МПЦ и СПЦ", изјави секретарот на  Македонскиот национален совет, Марјан Јовановски од Нови Сад.

Досега во Србија беа одржани повеќе заеднички литургии и сослужувања на црковни лица од СПЦ и МПЦ-ОА, но ова е првпат да се одржува самостојна литургија на македонски јазик, од македонски свештеник.

Македонците во Јабука денеска ќе положат цвеќе пред бистата на Гоце Делчев во истоименото основно училиште и ќе одржат свечена седница на македонскиот Национален совет.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми