1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот вицеканцелар Хабек спречен да напушти траект

ЕМФ / дпа
5 јануари 2024

Гневни селани го спречија германскиот вицеканцелар Роберт Хабек да излезе од траект на брегот на Северното Море.

Роберт Хабек, министер за економија и вицеканцелар на Германија
Роберт Хабек, министер за економија и вицеканцелар на ГерманијаФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Портпарол на полицијата соопшти дека гневни селани вчера (4.01) го блокирале пристаништето во Шлитзил, па вицеканцеларот Роберт Хабек, кој е од редовите на Зелените, морал да се врати на островот Халиг Хуге. Според полицијата, во блокадата учествувале повеќе од стотина демонстранти. На должност биле околу 30 полицајци. Тие, како што се вели, користеле и бибер спреј.

Шефицата на пратеничката група на Зелените во Бундестагот,Брита Хаселман, изјави дека она што се случило е „застрашувачки“ и предизвикува „гнев“: „Тоа е целосно пречекорување на границата и напад на приватната сфера на Роберт Хабек“, соопшти Хаселман, која оцени дека чинот нема ништо заедничко со мирен протест во една демократија. Хаселман очекува од Сојузот на фармери „најостра осуда на овие напади и дистанцирање од вакви акции“.

Министерот за правда Марко Бушман (ФДП) на платформата Х, меѓу другото, напиша: „Едно е јасно: насилство врз луѓе или предмети нема место во политичката дебата! Ова ги дискредитира прашањата на многу земјоделци кои мирно демонстрираат“.

Поранешниот генерален секретар на ЦДУ, Паул Цимијак, на платформата X напиша дека со протестот е премината граница: „Сега не смее да молчи секој што гласно ја критикува работата на семафор-коалицијата. Вака не оди!“

Земјоделците се револтирани поради планираното намалување на субвенциите од страна на владеачката семафор-коалиција. Во четвртокот, сојузната влада одговори на масовните протести на фармерите: Коалицијата сака да се откаже од укинувањето на ослободувањето од данок на возила за земјоделството. Укинувањето на даночните олеснувања за земјоделскиот дизел треба да се одолговлече и да се спроведе во неколку чекори. Сепак, германскиот Сојуз на фармери смета дека мерките се недоволни.

Портпаролка на министерот Хабек за германската агенција ДПА за инцидентот изјави дека министерот со задоволство би поразговарал со земјоделците, но „за жал, безбедносната ситуација не дозволи разговор со сите селани, а понудата дадена од министерот Хабек да разговара со поединечни земјоделци за жал не беше прифатена“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми