1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протест за чист воздух - граѓаните излегуваат на улица

ДТЗ
3 декември 2024

Секоја година во Северна Македонија има околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Од Владата и општините се бараат итни решенија

загадување Скопје
Расте бројот на смртни случаи предизвикани од загаден воздух. Се бараат итни решенија за да се намали загадувањетоФотографија: picture alliance/dpa/G. Licovski

Активистите ги повикуваат граѓаните на протести поради енормното загадување на воздухот, особено во текот на зимата. Откако главниот град Скопје, но и останатите градови во внатрешноста речиси секојдевно се обвиткани во густ чад и смог, а граѓаните дишат нечист воздух и во домот и на улица, се бараат итни решенија од надлежните. 

Голем број смртни случаи

Секоја година во Северна Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во земјата е поврзан со загадениот воздух.

„Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови“, велат од „Зелен хуман град“ (ЗХГ), кои за следниот вторник (10 декември) најавија протестен марш за чист воздух. Протестот ќе почне во 16 часот пред Министерството за животна средина, ќе продолжи пред Собранието и ќе заврши Владата. Причините за одржување на протестот, како што велат, се смртните случаи предизвикани од аерозагадувањето кои изнесуваат 17,7 отсто од вкупната смртност во државата на годишно ниво.

Од Владата и општините се бараат итни решенија проти загадувањетоФотографија: DW/P. Stojanovski

Итни мерки

Од граѓанската иницијатива бараат Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето. „Владата да ја задолжи УХМР да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, како и јавно да објават на регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, а не ги поседуваат“, порачуваат од ЗХГ. 

Тие бараат и забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот од 3 метри, како и забрана на увоз на користени возила постари од 10 години и под ЕУРО 5 стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален стандард ЕУРО 6.

„Бараме да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа. Спроведувањето треба да подразбира координација помеѓу општините (Град Скопје, Битола, Тетово и други) и МВР. Планот задолжително треба да вклучува намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемено загадување“, велат од ЗХГ. 

Исто така се бара и усвојување на правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина.

Еден од девет смртни случаи кај деца до една година во земјата е поврзан со загадениот воздух.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Решенија за јавниот превоз, индустријата, јавните објекти

Како дел од среднорочните мерки се бара воведување високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај, изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија налик на таа од автомобилската мрежа, воведување систем за самоизнајмување велосипеди, поставување густа локална мрежа од мерни станици, по една на максимум 1 500 квадратни метри, со приоритет на обиколување индустриски капацитети и погони со А и Б-интегрирани дозволи, јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините да преминат на фотоволтаични системи. Неопходно е и субвенционирање за фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства, како и субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување.

„Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем“, велат од Зелен хуман град.

Владата неодамна соопшти дека со зајакнати контроли и забрани ќе се бори против енормното загадување во Северна Македонија. Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и намалување на емисиите на загадувачки супстанции при алармантно загадување на воздухот, донесен е Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции. Исто така донесена е наредба за воведување на десет мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции кога ќе го надминат дозволениот праг. 

Спас од енормното загадување на воздухот ќе се бара и во когенеративни централи коишто ќе произведуваат електрична енергија и гас. На тој начин ќе се намали употребата на дрвото, пластиката и нафтата за затоплување на домовите, а загадувањето на воздухот на тој начин би можело да се намали за 60 проценти. Во најава и е и набавка на стотина електрични автобуси со кои треба да се решава проблемот со јавниот превоз во главниот град, но и ќе се намали енормното загадување од сообраќајот. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми