Протестен марш за минималец од 500 евра
2 април 2025
Јавна седница пред Работничкиот дом, па протестен марш кон Владата преку Собранието и Стопанската комора како попатни станици. Ова е маршутата која во знак на протест ќе ја изодат околу триста членови на највисокото раководство на Сојузот на синдикати на Македонија и на гранковите синдикати кои незадоволни од ниските плати бараат минималец од 500 евра. Револтот кулминира откако Владата остана глува на нивните барања што како епилог донесе решение за зголемување на минималецот од 1800 денари, односно на околу 24.300 денари:
„Тоа што ќе го изразиме на јавната седница на органите и телата на ССМ, ќе значи дека политиките кои ги водат креаторите на политики се во погрешна насока и се на штета на работниците, односно дека не ги зголемуваат платите за да овозможат достоинствен живот и достоинствени плати на работниците, токму од оние од кои тие земаат плата. Пред Собранието ќе испратиме порака дека не може да има за пратениците, а да нема за работниците. Пред Стопанската Комора ќе им порачаме на работодавачите дека подадената рака од работникот денес може да стане стисната тупаница утре. Ќе го завршиме протестот пред Владата со порака дека не може да се одлучува за работниците, без работниците“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Сојзуот на синдикати не бара само минималец од 500 евра, туку и зголемување на платите на сите вработени во државата за најмалку по 6.000 денари. Трендафилов ги повика сите избрани и именувани функционери да се откажат од своите плати и една година да работат за 500 евра и да го изгласаат минималецот во ист износ:
„Пратениците во Собранието избрани од работниците да го предложат и гласаат предлогот на ССМ за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари, како и зголемување на сите останати плати во приватниот сектор со зголемувањето на минималната плата.
Да не гласаат Закони со кои се намалуваат работничките права на штета на работниците, онака сложно како што не гласаат Закони за намалување на нивните привилегии“.
Притисоци и поделеност
Во ваквата стратегија ССМ доби поддршка од опозициската СДСМ која критикува дека за прв пат минималецот бил договорен без социјален дијалог и без учество на синдикатите. Од Владата пак велат дека минималната плата се зголемува согласно законски пропишаните услови. Но во исто време преку прес конференции на ВМРО-ДПМНЕ се слуша и реторика на дисквалификација и обвинувања за „синдикализам на батерии" со политички мотиви од синдикални лидери кои заработувале илјадници евра.
Она што боде очи и овој пат е поделеноста и во синдикалните редови кои не се единствени во стратегијата за остварување на правата. За разлика од ССМ, останатите синдикати гледаат со поинаква диоптрија и решија да се држат на страна:
„Нивна одлука, нивно право, донеле одлука дека ќе протестираат и нека протестираат. Очигледно е дека имаме различни начини на делување и различни стратегии. Ние како СОНК (Синдикат за образование наука и култура) отсекогаш сме биле за конструктивност во разговорите и преговорите. Ова со нивното основно барање за 500 евра, повеќе ми наликува како наддавање, оти своевремено почнаа со 400, па 450 и сега 500 евра што покажува една несериозност во изнесување на барањата, а тоа го говорам од аспект што законски има методологија на утврдување на минималната плата, и тоа се прави согласно законот. Точно е дека платите се релативно ниски и дека минималната плата е релативно ниска и треба да биде повисока, меѓутоа не со јавно лицитирање туку со аргументи. Вака како што излегува или 500 евра или кренати раце и стиснати тупаници тоа малку ми е невообичаено. Но одлуката е нивна и нивно право. Ние официјална покана не сме добиле, но и зошто би протестирале“, смета Јаким Неделков претседател на СОНК.
Неговите аргументи се дека битката треба да се води на маса, преку стратегија за зголемување на сите плати, не само на минималната:
„Не е доволно и сосема е погрешно да се зголеми само минималната плата, доколку не се зголемат платите по вертикала за сите работни места во ист процент како и минималната. Во минатото имавме страшен проблем со таканаречената „урамниловка", своевиден популизам каде за различна сложеност на работа и работни места се добива иста плата што доведе до овој хаос со плати кој до денес не можеме да го надминеме. Затоа велам дека не е доволно само минималната плата да се зголеми, туку ако тоа се прави, треба и сите останати процентуално да растат. Оти ако остане вака, тогаш 500 евра минимална плата ќе земе и хигиеничарот и негувателката и медицинската сестра, што не е во ред. Мора да се има соодветна разлика во работните места и плаќање“, смета Неделков.
Социјалниот дијалог функционира!?
Поинаков пристап во делувањето заговараат и од Конфедерацијата на слободни синдикати. За нив е беспредметно да се излегува на улица, во услови кога социјалниот дијалог почнал да ги дава посакуваните резултати:
„ ССМ реши да протестира и тоа е нивна одлука. Но ние не гледаме причина за да излеземе на улица затоа што она за што се боревме низ годините наназад, да се почитуваат законите и колективните договори почна да функционира во рамки на социјалниот дијалог од страна на Владата како најголем работодавач. Имаме историски договор во здравството, каде што се нивелираат процентите и платите, исто така и во образованието, полицијата и сега на ред е јавната администрација. Најниската плата во јавниот сектор е веќе 27.500 денари, што е поголемо од минималната плата. Неправдата која беше нанесувана на вработените во јавниот сектор низ годините полека се решава и доаѓа правда. Минатото носи многу грешки кои ќе треба време да се исправат. Ако се почитуваа законите и колективните договори, ние сега ќе имавме многу повисоки плати и минимална плата и во јавниот и приватниот сектор“, изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС.
Што мислат работодавачите?
Синдикалниот притисок за зголемување на минималната плата е насочен и кон работодавачите кои на ова не гледаат благопријатно. Во актуелните услови не сметаат дека барањата се економски оправдани:
„Правото да бараат и протестираат е нивно право гарантирано со устав и закон, а дали 500 евра е нормална минимална плата, јас ќе кажам дека не е. Минималната плата не се споредува номинално од држава во држава, туку се споредува во однос на показатели како просечна плата, бруто домашен производ, продуктивност и слично. Не случајно Европската унија во директивата за минимална плата утврди дека таа не може да биде една за различни држави со различен степен на развој. Затоа предложија таа да се движи околу 50%. Ако земете дека нашата минимална плата во однос на просечната е 59% тогаш ние сме далеку од онаа препорака на ЕУ. Сите податоци споредени со земјите во околината покажуваат дека во однос на бдп и просечната плата ние имаме највисока минимална плата. Да, таа е и многу но за да се зголеми реално треба да се зголеми и економската моќ, стандардот, сите плати и секако продуктивноста“, коментира Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.
Во вакви услови според него синдикатите треба да се фокусираат на стратегија која ќе обезбеди услови за раст на сите плати, согласно квалификации и степенот на сложеност:
„Видете, ние имаме дејности како шумарство, рибарство, текстил, преработка на дрво каде просечната плата е под 30 илјади денари. И ако вие ставите минималната плата да биде 500 евра тогаш сите тие работници ќе имаат минимална плата што ќе создаде поинаков проблем. Затоа велам дека синдикатот треба да се грижи за она што во минатото не му успеваше, со порастот на минималната плата да се усогласуваат и останатите плати, што досега не се правеше. Во општиот колективен договор за стопанството ние имаме коефициенти за различни степени за сложеност на работни места во однос на најниско платената. Ако вие ја покачувате само минималната плата и немате пари за покачување на останатите доведувате до „урамниловка" и ги демотивирате добрите работници кои земаат 20, 30, или 50% повеќе од минималецот“, смета Димитров.
Битка и за репрезентативност
Во неизвесноста во битката за минималната плата, виси и статусот на Сојузот на синдикати, односно неговата репрезентативност. Ова е главната причина и поради која нема седница на Економско социјалниот совет кој ќе продолжи со работа но само откако комисијата ќе заврши со проверката на списоците со активни членови на ССМ. Доколку се потврди дека членството во најголемата синдикална организација е најмалку 10% од вкупниот број на вработени во државата, тогаш ССМ ќе ја задржи репрезентативноста. Од ССМ алармираат за притисоци кон членството да преминуваат во други синдикати. За сите овие напади и притисоци од власта ги известиле и меѓународните синдикални организации.
Според податоците на Сојузот на синдикати, околу 250 илјади работници во државата примаат плата под 32.000 денари, а 380 илјади работници се со плата пониска од просечната. Затоа велат и се жестоките напади кон нив, со цел да не се зголемат платите на овие 380 илјади работници во државата од вкупно 520 илјади приматели на плата. Со последното зголемување, минималната плата во државата треба да изнесува 24.300 денари.