Протести на генерација Z: На што се бесни младите од Азија?
25 октомври 2025
Во изминатите два месеца, демонстрации предводени од генерацијата Z ја потресоа Јужна и Југоисточна Азија – од Катманду до Џакарта, од Дили до Манила. Додека протестите во Непал ја урнаа тамошната влада, најновите протести што ги предводат младите низ Југоисточна Азија беа помалку драматични, иако ги принудија властите на ретки отстапки во борбата против привилегиите на елитата и корупцијата.
Непосредниот повод се разликува од земја до земја, но причината е иста: застојот во можностите за младите, сè поголемата нееднаквост и секојдневното истакнување на елитните привилегии на екраните на телефоните на генерацијата Z.
Нов извештај на Светската банка овој месец го осветлува расположението на континентот. Секоја седма млада личност во Кина и Индонезија е невработена, а голем дел од новоотворените работни места во регионот се префрлаат од производството кон послабо платените услужни дејности, рушејќи ги скалите кои некогаш ги внесуваа милионите во средната класа.
Изненадувачки е што групата „ранливи на сиромаштија“, во која младите се прекумерно застапени, сега е побројна од средната класа во поголемиот дел од економиите во Југоисточна Азија.
Младите бесни поради нееднаквоста во богатството
Фил Робертсон, директор на организацијата „Азиски застапници за човекови права и труд“, за ДВ изјави дека не е тајна зошто толку многу од неодамнешните протести ги предводат младите – впечатливата содржина на социјалните мрежи што често го прикажува богатството на елитата, често се гледа како плод на владината корупција и го разгорувагневот на младите.
„Апсолутниот неуспех на владите низ регионот да го премостат огромниот јаз меѓу најбогатите и најсиромашните, значи дека постои плодна почва за протести на млади кои веруваат дека немаат што да изгубат излегувајќи на улица“, вели Робертсон.
Лавина протести предводени од младите
Во Непал, протестите на младите против забраната на главните социјални мрежи, заедно со долготрајниот гнев поради корупцијата, драматично ескалираа на 8 септември. Движењето ја урна владата, премиерот К. П. Шарма Оли беше принуден да го распушти парламентот и да ја укине забраната на социјалните мрежи.
Набргу потоа, Индонезија беше зафатена од повеќенеделни демонстрации со смртни последици. Протестите започнаа поради гневот предизвикан од големите привилегии на пратениците, додека обичните граѓани се соочуваат со криза поради високите животни трошоци. Демонстрациите што започнаа кон крајот на август се проширија низ целата земја, најмалку десет лица беа убиени, а властите уапсија илјадници луѓе.
На крајот, претседателот Прабово Субјанто реагираше со укинување на политичките привилегии и целосна реконструкција на владата, при што беа сменети министерката за финансии Шри Муљани Индравати и други високи функционери.
Брановите на протести потоа стигнаа и до Источен Тимор, една од најсиромашните земји во Азија, која кон крајот на септември беше поприште на повеќедневни студентски демонстрации пред парламентот. Демонстрантите се побунија против плановите за купување нови автомобили за пратениците и законот што им гарантира доживотни пензии.
Владата попушти пред барањата на демонстрантите – законот за пензии беше повлечен, а купувањето на автомобилите одложено, што претставува ретка и брза отстапка под уличниот притисок.
На Филипините, илјадници – главно млади демонстранти – се собраа на средината на септември во паркот Ризал во Манила, протестирајќи поради загуба од околу 1,8 милијарди долари (1,56 милијарди евра) преку наводна корупција во лажни проекти за контрола на поплави.
Економска неправда и привилегии на елитата како клучни прашања
Поради големото учество на младите, овие протести се наречени „востание на генерацијата Z“, која ги опфаќа младите родени меѓу 1997 и 2012 година. Иако младите му дадоа енергија на движењето и, што е клучно, дигитална инфраструктура, нивните основни прашања – економската неправда и привилегиите на елитата – одекнуваат низ повеќе генерации, вели Гита Путри Дамајана, докторантка на Австралискиот национален универзитет.
Во Индонезија и Непал, членови на синдикати, работници без договори и постари мрежи на граѓанското општество се приклучија на протестите откако почетниот студентски притисок ја разби бариерата на стравот.
Протестите во Источен Тимор и Индонезија беа посилно предводени од младите отколку оние на Филипините, иако младите одиграа клучна улога во сите три движења, изјави за ДВ Бриџет Велш, соработничка на Азискиот истражувачки институт при Универзитетот во Нотингем, Малезија.
Ова не е сосема нова појава. Протестите во Тајланд од 2020–2021 година, предводени од младите, беа предизвик за моќта на естаблишментот. Демонстрантите бараа дури и реформи на монархијата.
Сепак, тоа движење не доведе до структурни промени, а кога протестите ја загрозија безбедноста на владата, „тајландската држава беше подготвена да употреби разни форми на насилна репресија за да ја задуши мобилизацијата“, изјави за ДВ, Марк Коган, вонреден професор по студии за мир и конфликти на Универзитетот Кансaи Гајдаи во Осака.
„Тешко е да се замисли повторување на она што се случи во Непал некаде на друго место во Југоисточна Азија“, додаде тој.
Неодамнешните протести исто така се разликуваат од историските пресврти, како народните востанија што ги урнаа поранешните авторитарни лидери на Индонезија и Филипините, вели Дамајана.
„Тие не беа насочени кон моментално уривање на целата влада, туку кон барања за системска одговорност и подобро управување во рамките на постојните политички структури’, додава таа.
Дали регионот го очекуваат нови востанија на генерацијата Z?
Владите низ Југоисточна Азија сега се свесни дека очигледните привилегии се експлозивни, велат аналитичарите. Сепак, барањата за промени остануваат силни, а во земјите кои се соочуваат со ерозија на демократијата, како Индонезија и Филипините, официјалните лица веќе ги опишуваат акциите на младите како „немири“, „анархија“ или дури им припишуваат „странско финансирање“, што е познат модел за делегитимизација на протестите.
Вистинскиот предизвик ќе биде претворањето на уличната енергија во бавна, техничка реформа. Тоа значи борба за веродостојни изборни правила, зајакнување на антикорупциските тела и пишување детални закони – работа што ретко станува вирална на Тикток.
„Енергијата потребна за да се вгради одговорноста во институциите е огромна – а процесот лесно може да биде разводнет од истите елити коишто се обидуваат да го ограничат“, вели Дамајана.
И покрај тоа, експертите веруваат дека растечките политички и економски фрустрации веројатно ќе поттикнат уште повеќе протести предводени од младите низ регионот.
Се очекува Тајланд, кој од март е погоден од политичка криза, да одржи нови избори до крајот на годината. Партијата „Движи се напред“, ориентирана кон младите, победи на минатите избори, но етаблираните партии ѝ ја ускратија можноста да формира влада, а подоцна беше распуштена од Уставниот суд врз основа на неосновани обвиненија.
Оттогаш, движењето се прегрупира во Народна партија, која сè уште ужива голема поддршка. Ако победи на следните избори, а се соочи со слични пречки, младите Тајланѓани би можеле да реагираат непријателски.
Во свет во кој младите се постојано поврзани преку социјалните мрежи, а вестите се шират како пожар, никој не треба да се изненади ако успешните протести на генерацијата Z во една земја инспирираат слични движења во други, вели Робертсон.
„Ова е позитивен развој кон поголема одговорност и еднаквост што одамна требаше да се случи, и идеално би било да се прошири понатаму за да им се стави крај на автократите кои ги ограбуваат државните ресурси и ги кршат човековите права“, додава тој.