Протести во Бугарија: Генерацијата Z против корупцијата
11 декември 2025
Контроверзен буџет, ендемската корупција и политичка ароганција фатени на камера како микс за масовни протести. На први декември, бугарската генерација Z излезе на улиците на најголемите демонстрации што земјата ги видела во последните децении. Тие бараат нацрт буџетот за следната година да биде повлечен и владата да си поднесе оставка.
Иако владата на протестите реагираше со донесување нов нацрт-буџет кој го одложува зголемувањето на даноците и на социјалните придонеси за две години, малку е веројатно дека тоа ќе биде доволно за да се смири фрустрацијата на генерацијата Z повторно излезе на улиците во средата. Настаните од изминатите десет дена навистина открија растечки јаз меѓу владејачките партии и младите луѓе.
„Буџетот беше повод за протестот, но коренот е во тоа што не гледаме никакви перспективи за останување во Бугарија, за отпочнување свој бизнис или за градење семејство“, вели 18-годишниот средношколец Мартин Атанасов, кој учествуваше во демонстрациите.
Растечки интерес на генерацијата Z за политика
Генерацијата Z е првата генерација во Бугарија која нема лични спомени ниту за комунистичкиот режим од 1944 до 1989 година, ниту за хипер-инфлацијата и кризата што ја предизвика кон крајот на 1990-тите години. Во земја во која излезноста едвај достигна 39% на последните парламентарни избори, младите луѓе по почетокот на протестите сѐ повеќе се вклучуваат во политиката. Нивните барања се од подобра здравствена заштита до подобрени можности за работа.
Борбата против корупцијата
„Во сржта политичкото барање на генерацијата Z се сведува на ставање крај на корупцијата“, вели Мими Шишкова, издавач и влијателна личност која стана клучна фигура за генерацијата Z, со голем број следачи на нејзините видеа во кои објаснува политика на интернет. Иако економијата на Бугарија значително порасна откако земјата се приклучи на ЕУ, сепак е на претпоследно место во Унијата според Индексот за перцепција на корупцијата за 2024 година на Транспаренси Интернешнл - само Унгарија котира полошо од неа.
Многу демонстранти сметаат дека двајца мажи се одговорни за моменталната тешка состојба во земјата - Бојко Борисов, премиер во три мандати во периодот меѓу 2009 и 2021 година и лидер на владејачката партија ГЕРБ, и олигархот Делјан Пеевски, кој е санкциониран од САД и Велика Британија и чија партија ДПС Ново Начало (Нов почеток) ја поддржува моменталната малцинска коалиција на власт. Сепак, како што Шишкова вели за ДВ, нивното отстранување од власт би било само еден чекор во пошироката борба против корупцијата. „Тоа не може да е решението“, вели таа.
Два видео клипа ги придвижија настаните
„Сите Бугари уште од детството слушаат колку е корумпирана оваа земја и за што се залага моделот на Борисов и Пеевски“, вели Мартин Атанасов за ДВ. Тој е студент и младински лидер кој стекна популарност со креирањето на интерактивна мапа на сите сообраќајни несреќи во Бугарија во обид да открие структурни проблеми поврзани со безбедноста на патиштата. Атанасов смета дека за многу млади луѓе како него, две видеа предизвикаа бран од фрустрации. На првото се гледаат владејачките политичари како донесуваат закон во врска со средствата на руската нафтена компанија Лукоил во Бугарија по санкциите наметнати од САД. Законот беше донесен за само 26 секунди во трка со времето поради отсуство на опозицијата. На второто видео се гледа гласањето за оспорениот буџет, кое се случува за време на паузата за ручек во Народното собрание, за да се избегне средба со демонстрантите на излегување. Двете видеа станаа вирални и според Атанасов „ја симболизираат окупираната држава“.
Политичко будење
Во првата ноќ од мирните демонстрации против буџетот, многу млади луѓе излегоа на улиците за прв пат и го споделија своето искуство со пријателите. Објавите онлајн околу ова прашање нагло се зголемија.
По ноќта на први декември, бројот на корисници кои се вклучија во содржини поврзани со протестите достигна 488 илјади луѓе на ТикТок во Бугарија - 70 пати повеќе од вообичаеното - според Иницијативата за слободни медиуми на Балканот, цитирана од страна на бугарскиот телевизиски канал БТВ. Пораката на младите луѓе на многу протестни панели, беше јасна: „Ја налутивте погрешната генерација“.
Инфлуенсери, мемиња и протестни химни
„Се наоѓаме во многу тежок момент кога не може да си дозволиме да не зборуваме за политика кога толку многу луѓе се идентификуваат со вас“, вели инфлуенсерката Андреа Банда Банда, која е инаку фокусирана на животен стил и забава, но споделува политички содржини во последните пет години. Меѓу реклами за модни брендови, банки и мобилни телефони, таа со своите речиси 100 илјади следбеници на Инстаграм споделува и гледишта за демократијата и владеењето на правото. Многу од нејзините следбеници споделиле дека за прв пат во животот присуствувале на протест и тоа поради неа.
Додека корисниците бараат формати во кои се појаснува одредена појава или тема, инфлуенсерите на социјалните медиуми често го пополнуваат недостигот од читање информативни содржини, при што универзалниот јазик на генерацијата Z е нефилтриран хумор. Протестни химни за Пеевски, мемиња од опозициските лидери кои извикуваат „Кој го нареди овој бес?“ за време на сослушувањето на Комисијата за буџет и транспаренти со написи како „Одете со девојка на рандеву на протест“ придонесуваат политиката да се претопи во поп-културата. „Во идеален случај е многу подобро да се прочита долга анализа, но мемињата се екстра брз начин да се пренесе една идеја“, оценува Андреа Банда Банда за ДВ, додавајќи дека „ова е прв пат толку многу инфлуенсери да ја тераат темата за протести“.
Политичката реалност зад мемињата
Новиот нацрт буџет предложен од владата и натаму предвидува Бугарија да позајми значителна сума пари и земјата да потроши 45% од својот БДП, што е зголемување во однос на 40-те проценти во претходните години. Иако земјата има една од најниските стапки на задолжување мерено во однос на БДП во ЕУ, демонстрантите стравуваат дека дополнителното задолжување ќе овозможи владата неправедно да ги пренасочува средства за администрацијата, да го спречи растот на бизнисот и клучните сектори да останат без доволно финансирање - особено здравството, каде што младите лекари и медицински сестри цела година протестираат за зголемување на платите. Според Даниел Смилов, политиколог и вонреден професор на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, тензиите се таложени, а буџетот е искрата што налета на „многу запаллив материјал“. Додека владата се обидува да ги минимизира протестите, опишувајќи ги како анти-евро протести во пресрет на планираното усвојување на валутата во јануари 2026 година, самото движење го отфрла таквиот наратив. Протестите ги собраа луѓето од целиот политички спектар и во нив се бара оставка на владата. Кабинетот во Софија сега се соочува со гласање недоверба од опозициската коалиција ПП-ДБ. „Без избори ќе биде тешко да се напредува“, вели Смилов за ДВ, додавајќи дека изборите можеби „нема да се случат веднаш, но сепак во догледна иднина“.