1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрузија

Протести во Грузија: Ќе попушти ли владата?

Јури Решето
3 декември 2024

Во многу градови во Грузија и вчеравечер илјадници луѓе демонстрираа на проевропски протести. Тие го отфрлаат ставот на владата, која го стави под мраз ЕУ-курсот на земјата. Какви сценарија се можни?

Грузија протести во Тбилиси
Петарди врз полицијата: протести во Тбилиси, 2.12.2024Фотографија: Giorgi Arjevanidze/AFP

Русија или Европа - во кој правец да се оди? Ова прашање во моментов тера на протести десетици илјади луѓе во Грузија. Сега луѓето протестираат не само во главниот град Тбилиси, туку низ целата земја: од втората по големина метропола Батуми на Црното Море до големиот град Рустави на исток.

Мотивирани од нивната претседателка Саломе Зурабишвили, демонстрантите наидуваат на масовен отпор, особено во главниот град Тбилиси. Специјалните сили користат водени топови за насилно да ги избркаат од централниот булевар Руставели. Многу од демонстрантите се повредени или уапсени. И тоа не е сѐ, нагласува грузиската претседателка во интервју за ДВ - насилството врз демонстрантите е само дел од „систематското насилство врз целиот грузиски народ, чиј глас е украден“.

Зурабишвили притоа мисли на парламентарните избори во земјата што се одржаа на крајот на октомври. Тогаш, по пребројувањето на гласачките ливчиња, Централната изборна комисија ѝ призна на владејачката партија „Грузиски сон“ апсолутно мнозинство од 89 пратенички места. Опозицијата зборуваше за изборен фалсификат и заедно со претседателката повика на протести.

Неколку илјади луѓе се одзваа на повикот и протестираа со денови. Тогаш „Грузиски сон“ го свика парламентот и ја потврди новата влада на функција. Се намали надежта за пребројување на гласачките ливчиња или дури и за нови избори. На булеварот Руставели доаѓаат сѐ помалку луѓе. Се чинеше дека на владините критичари им снемува сила.

Претседателката Саломе Зурабишвили на демонстрациите во Тбилиси во четвртокот, 28.11.2024Фотографија: Irakli Gedenidze/REUTERS

Неочекувано оживување на протестите

Но, тогаш се случи нешто што ниту грузиските политички експерти со кои разговараше ДВ не можат да го објаснат со рационални аргументи: минатиот четврток (28.11.) владејачката партија објави дека ќе ги прекине пристапните преговори со Европската унија до крајот на 2028 година. И тоа и покрај фактот што огромното мнозинство од населението е јасно посветено на ЕУ со години и таканаречената евроинтеграција, односно патот кон Европската унија, е запишана во грузискиот устав.

Последователните уверувања на премиерот Ирак Кобахиѕе дека Грузија сепак ќе се приклучи на ЕУ до 2030 година не беа од корист. Грузијците, кои се воодушевени од Европа, повторно се собраа на улиците. Претседателката Зурабишвили рече дека не сака да му ја предаде функцијата на нејзиниот наследник кога ќе ѝ истече мандатот на 14 декември, бидејќи нејзиниот наследник, предложен од она што Зурабишвили го смета за нелегитимна влада, исто така ќе биде нелегитимен.

Оттогаш протестите повторно се зголемија. Политикологот Корнели Какачија од Универзитетот Тбилиси за ДВ вака ја објаснува „граѓанската непослушност“: „Посебно младите чувствуваат дека оваа владина одлука ги измамила за нивната европска иднина“. За неговата колешка Гела Васаѕе, жестоките судири со полицијата се „одраз на длабоката политичка криза во која 'Грузиски сон' свесно ја воведе земјата.“

Мнозинството Грузијци посакува влез на земјата во ЕУФотографија: Zurab Tsertsvadze/AP/picture alliance

Страв од „рускиот свет“

„Мотор на протестите, се разбира, беше најавата на премиерот Кобахиѕе дека Грузија сака да ги прекине преговорите за пристап во ЕУ. Активниот дел од општеството тоа апсолутно правилно го сфати како откажување од евроинтеграцијата“, вели Васаѕе. И ова откажување автоматски значи „доаѓање во рускиот свет“, т.е. во сферата на влијание на Москва.

Васаѕе смета дека владата постапила на овој начин бидејќи едноставно „направила грешка“. Тој претпоставува дека тоа е непромислен сигнал до ЕУ дека не сака да ѝ се диктира. Или пак, целата работа е дел од поголем план кој се состои од „провоцирање на општеството на уште поголемо насилство со цел потоа да се исчисти политичкото поле и да се укинат граѓанските слободи“. Политичкиот експерт ова го нарекува „руски свет“.

Владејачката партија притоа сака да заработи и пари со овој „руски свет“, се сомнева Васаѕе, алудирајќи на фактот дека основачот на „Грузискиот сон“, милијардерот Биѕина Иванишвили, го стекна својот капитал во Русија. „Парите и апсолутната желба да се одржи власта во сите околности“ ги натера поддржувачите на Иванишвили да преземат такви чекори.

Демонстранти во Тбилиси бегаат од полицијатаФотографија: Zurab Tsertsvadze/AP/picture alliance

За политикологот Какачија одлуката на владејачката партија е едноставно неразбирлива, но „Грузиски сон“ е познат по тоа што носи такви нелогични одлуки „за кои не се разговарало со никого, а ги носи само еден човек“. И ова се однесува на основачот на партијата Иванишвили. Дури и некои поддржувачи на „Грузиски сон“ овојпат не се согласуваат со неговата одлука. Единствениот вистински профитер од сето тоа е Русија, вели Какачија, бидејќи грузиското општество ќе стане уште пополаризирано.

Што е следно?

Гела Васаѕе во овој контекст наведува три идни сценарија: „Најневеројатниот исход е 'Грузискиот сон' да отстапи.“ Во таков случај би се случило она што го предложи претседателката Зурабишвили: стариот парламент и старата влада ќе се вратат и ќе распишат нови избори.

Второто сценарио експертот го нарекува контрареволуција - „ако власта успее да ги задуши протестите - за жал не без крвопролевање - и да ги укине политичките партии“.

Третото сценарио е револуција, „ако 'Грузиски сон' остане на власт со својата нелегитимна влада, тогаш ќе се појави алтернативен политички центар околу претседателката како единствена легитимна институција“. Државата привремено би била водена од Зурабишвили на чело на своевидна техничка преодна влада. Тоа би гарантирало нови избори.

Корнели Какачија исто така не исклучува таканаречено „венецуелско сценарио“, во кое би имало две конкурентни „влади“. Најпозитивен исход сепак би бил доколку Уставниот суд под притисок на јавноста ги поништи резултатите од парламентарните избори пред еден месец и доколку се распишат нови избори.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми