1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести: Барање правда или инструментализирана тема

7 април 2026

Студентските протести за полагање правосуден испит на албански јазик отворија политичка и правна дебата за законите во Македонија.

Протести на студентите за правосуден испит на албански јазик во Скопје, 6 април 2026
Протестите на студентите за правосуден испит на албански јазик ја брануваат јавностаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Протестите на студентите во Скопје, кои бараат полагање направосудниот испит на албански јазик, предизвикаа бројни реакции и наметнаа дилема – дали станува збор за легитимно барање за правда или за политички инструментализирана тема.

Ова прашање е актуелно веќе извесен период на македонската политичка сцена. Уште на почетокот на годината, група студенти поднесоа петиција со која побараа правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик, а за ова барање се обратија и до Народниот правобранител.

Повикувајќи се на петицијата, инспектори од Инспекторатот за употреба на јазиците во два наврати влегоа во Министерството за правда со цел проверка на документацијата поврзана со спроведувањето на правосудниот испит. Овој чекор дополнително ја отвори дебатата во јавноста за законската рамка и надлежностите на институциите.

Законската рамка за полагање правосуден испит

Според официјалните податоци, во изминатите пет години од вкупно 881 кандидат за полагање на правосудниот испит, 232 биле од албанска етничка припадност. Владата, во меѓувреме, формираше група уставни експерти кои работат на изнаоѓање решение што би било уставно издржано и во согласност со меѓународните стандарди.

Во моментов, важечката законска регулатива предвидува обврска идните адвокати, судии и јавни обвинители да го полагаат правосудниот испит на македонски јазик. Министерот за правда, Игор Филков, во неколку наврати беше дециден дека во моментов, можност за полагање на друг јазик освен на македонскиот јазик, не постои.  „Правосудниот испит е стручен испит, не е управна постапка“, порача Филков.

Но, Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени, смета дека правосудниот испит не е испит по македонски јазик, туку стручен испит за практична примена на правото.

Во моментов, важечката законска регулатива предвидува обврска идните адвокати, судии и јавни обвинители да го полагаат правосудниот испит на македонски јазикФотографија: Arne Dedert/dpa/picture alliance

„Тој не те прави автоматски ниту судија ниту обвинител, туку само ти ја отвора вратата за понатамошна обука, која и онака се одвива на македонски јазик. Затоа не е јасно каде е проблемот студенти кои четири години студирале на албански јазик да го користат правото што им следува со закон“, посочува тој во објава на социјалните мрежи. 

Дел од правосудната јавност оценува дека барањето за полагање на испитот на албански јазик не е усогласено со законот и може да отвори прашања за еднаков третман на сите кандидати.

„Барања за полагање на албански јазик се косат со законските норми и водат кон дискриминација на останатите етникуми“, оцени поранешниот претседател на Комисијата за полагање правосуден испит Борче Давитковски во изјава за Сител на 23 февруари. Според него, само Уставниот суд, преку соодветна иницијатива, може да утврди дали постои дискриминација, како што тврди албанската опозиција.

Во моментов до Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за оценување на неговата уставност и законитост. 

Правда: Обиди за манипулација и инструментализација

Министерството за правда во студентските протести препозна обиди за јавна манипулација и политичка инструментализација. Од Министерството истакнаа дека го почитуваат правото на протест, но предупредија дека чувствителни прашања, како што е правосудството, не смеат да бидат злоупотребени за политички цели.

Протестите добија и политичка димензија, при што поддршка дојде од албанските политички партии, додека од македонскиот политички блок стигнаа повици за внимателен и рационален пристап.

Генералниот секретар на ДУИ, Арбр Адеми, оцени дека барањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик не е ново и дека не постои оправдување тоа да не биде решено сега, доколку со децении било игнорирано. Според него, актуализацијата на прашањето е легитимна и произлегува од потребата за целосно почитување на јазичните права гарантирани со закон. 

На самиот протест, студентите носеа транспаренти на албански јазик и упатија пораки поврзани со почитување на Законот за употреба на јазиците и Охридскиот рамковен договорФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од коалицијата ВЛЕН реагираа дека токму ДУИ сноси одговорност за нерешавањето на ова прашање во изминатите две децении. Според нив, во Министерството за правда имало седум министри Албанци од редовите на ДУИ, но без институционален напредок по ова прашање. Претседателот на Беса, Биљал Касами, порача дека коалицијата ја поддржува слободата на студентите да протестираат, но предупреди дека протестите не смеат да се користат за дневнополитички пресметки.

На самиот протест, студентите носеа транспаренти на албански јазик и упатија пораки поврзани со почитување на Законот за употреба на јазиците и Охридскиот рамковен договор.

Премиерот Христијан Мицкоски ги повика студентите да не дозволат да бидат алатка во рацете на политички партии. Тој изрази уверување дека за ова прашање ќе се изнајде соодветно решение, како и за други наследени проблеми од минатото.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, повика на рационален пристап и предупреди дека повторното отворање на затворени прашања претставува дефокус од реалните проблеми со кои се соочува државата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми