1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Про-украинска група го разнела гасоводот Северен тек

БГ /РТР
7 март 2023

Според разузнавачки податоци на САД, про-украинска група ги извршила нападите врз гасоводот Северен тек минатата година, објави весникот Њујорк Тајмс повикувајќи се на извори во американската влада.

Северен Тек Балтичко море
Оштетување на гасоводот Северен Тек во Балтичкото мореФотографија: Trond Larsen/Expressen/TT/picture alliance

Новите разузнавачки информации кои ги разгледувале американски претставници укажуваат дека про-украинска група ги извела нападите врз гасоводот Северен тек во 2022 година, објави Њујорк Тајмс. Нема докази дека украинскиот претседател Володимир Зеленски или неговите најблиски соработници биле вмешани во операцијата, или дека напаѓачите дејствувале под команда на било кој украински претставник, објави весникот повикувајќи се на американски претставници. 

Засега нема независна потврда на извештајот, а американски претставници не се достапни за коментар. Нема официјален коментар ниту од Киев или Москва.

САД и НАТО ги нарекоа нападите од септември 2022 врз гасоводот „акти на саботажа“, додека Москва го обвини Западот за нив и повика на независна истрага од Советот за безбедност на ОН.

Разузнавачкиот извештај на кој се повикува Њујорк Тајмс наведува дека извршителите на нападот биле противници на рускиот претседател Владимир Путин, но „не ги специфицира членовите на групата, или кој ја испланирал или платил операцијата“.

„Американски претставници одбија да ја откријат природата на информацијата, како била добиена или било какви детали за силината на доказите кои ги содржи. Тие велат дека нема цврсти заклучоци за тоа“, објави Тајмс, но истите извори ја оставаат отворена можноста дека операцијата можеби била извршена од трета страна со врски со украинската влада или нејзините безбедносни служби. 

Каде е мотивот?  

Нападот врз гасоводот, кој ги поврзува Русија и Западна Европа, отвори безброј шпекулации за виновникот, а Москва, Киев, Лондон и Вашингтон си разменуваа обвинувања, но целиот случај остана мистерија. 

Точки на истекување на гас од Северен Тек по саботажата

Според некои извори, Украина и нејзините сојузници би имале најголем мотив за нападот врз гасоводот. Тие се спротивставуваа на проектот со години, го нарекуваа закана за националната безбедност кој ќе и овозможи на Русија полесно да продава гас во Европа.

Украински владини и воени претставници велат дека немале никаква улога во нападот и не знаат кој го извршил. 

Иако првично шпекулациите од САД и Европа одеа во насока на обвинувања кон Русија, остана нејасно кој би бил мотивот на Кремљ да го саботира гасоводот кој беше важен извор на приходи и шанса за Москва да го задржи влијанието врз Европа.

Американски претставници велат дека не нашле докази за вмешаност на руската влада во нападот.

Проценките се дека саботерите најверојатно биле украински или руски државјани, или комбинација од двете, тврди Њујорк Тајмс. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми