Дали „Титан“ бил управуван со контролор за видео игри?
21 јуни 2023Нуркање до потонатиот брод „Титаник“ - при оваа авантура во длабочините на морето, во неделата (18 јуни, 2023) исчезна подморница со пет патници. Оттогаш, канадските и американските спасувачки тимови го бараат малото подводно пловило на компанијата „ОушнГејт“.
Додека потрагата по „Титан“ е вистинска трка со времето за евентуално спасување на патниците, веста за исчезнатата подморница го обиколи светот - а со тоа и информациите дека подморницата наводно се управува со контролор за видео игри. Бројни корисници на социјалните мрежи и медиумите ја шират оваа информација, делумно шокирани од тоа. Но, дали е тоа навистина точно? Тимот за проверка на факти на ДВ направи истражување.
Дали подморницата била управувана со контролор за видео игри?
Тврдење: Подморницата исчезната во САД била управувана со контролор за видео игри, пишуваат корисниците, на пример на Твитер и на ТикТок, како и бројни медиуми.
Проверка на фактите на ДВ: Точно.
Видеото од американската емисија на Си-Би-Ес Њуз „Сандеј морнинг“, кое беше поставено на Јутјуб на 12 декември 2022 година (архивирано овде), постојано се споменува како извор. Според описот на објавата, видеото првично било емитувано на американската телевизија на 27 ноември 2022 година. Во него, репортерот Дејвид Пог ја истражува подморницата во сопственост на компанијата „ОушнГејт“, која нуди подводни тури до потонатиот брод „Титаник“.
За потсетување: Светски познатиот патнички брод удри во санта мраз во 1912 година, а потоа потона и речиси 1.500 луѓе ги загубија животите. Според пишувањата на медиумите, авантуристичката посета на потонатиот брод на длабочина од речиси четири километри со подморница чини околу 250.000 американски долари, односно речиси 230.000 евра.
Дали извршниот директор Стоктон Раш само се шегува со контролорот за видео игри?
Во видеото на Си-Би-Ес, извршниот директор на „ОушнГејт“, Стоктон Раш, му ја покажува на репортерот внатрешноста на подморницата и вели: „Ние ја контролираме целата работа со овој контролор за видео игри“, и притоа се смее. Со „целата работа“ тој мисли на подморницата и притоа навистана покажува еден контролор. Но, можеби извршниот директор само се шегува?
Не, дознавме од Дејвид Пог во неговиот одговор на прашање на ДВ. „Тоа е вистина“, одговори новинарот преку електронска пошта. Пилотот ја контролира подморницата со контролор за „Иксбокс“. Некои важни делови од подводното пловило, во кои се наоѓаат луѓето, се развиени во соработка со вселенската агенција НАСА и се „неверојатно високо-технолошки и безбедни“. Сепак, многу други елементи се „едноставни решенија“, истакнува репортерот. Неколку прашања на ДВ упатени во повеќе наврати до компанијата „ОушнГејт“ во врска со управувањето со подморницата и безбедносните мерки досега останаа без одговор.
И пребарувањето на фото-агенциите ја докажува употребата на контролори за видео игри
Во видеото на канадскиот радиодифузер Си-Би-Си од јули 2022 година, извршниот директор на „ОушнГејт“, Стоктон Раш, исто така објаснува дека подморницата се управува со контролор. Всушност, притоа стануваше збор беше контролор на компанијата „Логитеч“, а не за „Иксбокс“, како што може детално да се види на видеото.
И пребарувањето на фотографии за „ОушнГејт“ во фото-агенцијата „Пикчр Алајанс“ покажува фотографии од екипажот на подморницата како седи во подводното возило со контролори за видео игри.
Патем, ова не е доказ дека подморницата е небезбедна. Бидејќи користењето видео контролори за управување на подморници не е невообичаено: според извештаите во медиумите, американската морнарица исто така со години користи контролори за видео игри во своите подморници. Тие се лесни за употреба за многу луѓе и затоа се корисни.