Израел плаќа за реклами што шират пропаганда
10 септември 2025
Меѓуграничната истрага на членовите на Eurovision News Spotlight, вклучувајќи ја и Проверката на факти на ДВ (DW Fact Check), откри дека Израел ја користел својата агенција за огласување за спроведување платени меѓународни кампањи со цел обликување на јавното мислење во делови од Европа и Северна Америка.
Најмалку една година, израелски Јутјуб налог води рекламни кампањи кои ја дискредитираат работата на агенциите на Обединетите Нации и ги оспоруваат наодите на меѓународно признатите набљудувачи.
Владин документ открива дека најмалку 42 милиони евра се потрошени на рекламни кампањи на платформи како Јутјуб и Икс (поранешен Твитер) од средината на јуни 2025 година. Овие напори се дел од пошироката стратегија на Израел за јавна дипломатија позната како „Хасбара“, хебрејски термин што приближно значи „објаснување“ и се користи за опишување на напорите за промовирање на имиџот на Израел во странство.
На 22 август, истиот ден кога беше објавена проценката на Интегрираната Класификација на Фазите на Безбедност на Храната (ИПЦ) дека во големи делови од Појасот Газа има глад, агенцијата за огласување на израелската влада започна нова кампања со која негираше дека има глад.
Две видеа беа промовирани преку платени реклами на официјалниот Јутјуб канал на израелското министерство за надворешни работи. Во видеата се прикажани пазари полни со храна и ресторани кои служат оброци, наводно снимени во Газа во јули и август 2025 година. Видеата содржат текст на екранот и вметнат глас од вештачка интелигенција, кој завршува со изјавата: „Во Газа има храна. Секое друго тврдење е лага.“
Овие видеа се гледани повеќе од 18 милиони пати и се објавени на англиски, италијански, германски и полски јазик.
Целни пораки и измамнички наративи
Според Центар за Транспарентност на Реклами на Гугл, Јутјуб реклами можат да бидат таргетирани по пол, возраст и регион. Израел ги има таргетирано гледачите во Германија, Австрија, Италија, Полска, Велика Британија и САД, според податоците на Гугл.
Отворени ресторани не значи дека нема глад во Газа
Проверката на факти на ДВ анализираше едно од видеата и ги пронајде оригиналните клипови на социјалните медиуми на сниманите ресторани (овде се некои примери). Повеќето видео клипови биле објавени во јуни и јули 2025 година. Сепак, присуството на отворени ресторани не го оспорува постоењето на глад во Газа.
ДВ стапи во контакт со сите ресторани и кафулиња прикажани во видеото. На пример, кафулето Есткана, кое се наоѓа во населбата Римал во Газа, потврди чести затворања поради недостаток на основни прехранбени производи.
Тие кажаа дека комерцијалните пакувања на брашно се продаваат за цена од стотици евра, но цените варираат во зависност од денот и состојбата на снабдувањето во енклавата. Менито на кафулето при крајот на август вклучува Нутела вафли за цена од 25 евра, и мал десерт со ореви и чоколадо со слична цена.
Друг ресторан, O2, со седиште во Газа, го објави своето мени на Инстаграм на 3 септември со цените. Таму, палачинка со Нутела чини околу 12 евра.
Првични сведоштва потврдуваат високи цени
Рихам Абу Аита, ко-основач на палестинската платформа за проверка на факти и медиумска писменост „Кашиф“, потврди високи цени за време на своите тренинг-сесии во Газа од април до јули. „Купивме еден килограм шеќер за 250 шекели [околу 65 евра]. Парче леб со едно парче фалафел чинеше 30 шекели [околу 8 евра] тогаш," рече таа за ДВ.
Кон крајот на јули, видео објавено од медиуми, вклучувајќи го и Ерусалим Пост, покажувајќи тезга со зеленчук во Газа предизвика сомнежи околу тврдењата за глад. Проверката на факти на ДВ разговараше со палестинскиот новинар Маџди Фати, новинарот што го сними материјалот, кој ја потврди неговата автентичност, но нагласи: „Овие зеленчуци и овошје се многу скапи. Повеќето луѓе во Газа не можат да си ги дозволат.“
Абу Аита додаде: „Не сите области во Газа страдаат на ист начин. Ако во еден град има опсада, можеби може да се најде храна во друг град“, додавајќи дека дури и тогаш цените се исклучително високи.
ДВ заклучува дека видеата што ги промовира израелското министерство за надворешни работи се заведувачки. Иако во некои области можеби има достапна храна, во други таа е редок или непристапен луксуз.
Постојат докази дека глад (фаза 5 според ИПЦ) во моментов има во управната област Газа и се предвидува да се прошири до Деир ал-Балах и Хан Јунис до крајот на септември.
Пропагандните видеа што негираат глад не беа распространети само на Јутјуб, туку и на многу други израелски канали на повеќе платформи и на повеќе европски јазици.
ДВ ја контактираше Амбасадата на Израел во Берлин поради рекламната кампања што го негира гладувањето во Газа. Вработените одговорија, повикувајќи се на објава на Икс (X) од министерството за надворешни работи која го повторува тврдењето дека „нема глад во Газа.“ Тие исто така споделија документ кој наводно му бил испратен на ИПЦ, со кој се оспоруваат нејзините наоди.
Израелските спонзорирани реклами ја таргетираат ИПЦ
ДВ исто така откри спонзориран линк кој се појавува на врвот од резултатите при пребарување на Гугл за корисници што бараат „ИПЦ глад“. Линкот води до страница на израелската влада која ја оспорува методологијата на ИПЦ и ја обвинува организацијата за користење на погрешно претставени податоци.
На страницата се наведува: „Декларацијата беше издадена не само без докази што би ја оправдале според сопствените критериуми на ИПЦ, туку и врз основа на делумни или погрешно претставени податоци- најмногу истакнувајќи го наводното надминување на прагот за акутна неухранетост, претставено како клучно оправдување“. ИПЦ ги негира овие тврдења, соопштувајќи дека нејзините стандарди остануваат непроменети.
Ваквиот тип на спонзорирани објави може лесно да бидат таргетирани кон конкретни корисници кои бараат специфични информации, според Центарот за Транспарентност на Реклами на Гугл. На барањето за коментар во врска со израелската рекламна кампања, Гугл не одговори.
Дезинформации од двете страни
Иако двете страни се обвинети за ширење дезинформации, изворите на ДВ сугерираат дека обемот и размерот на погрешните информации моментално е поголем на страната која ја поддржува Израел.
„Мислам дека Израел сега се соочува со невидена закана од изолација од меѓународната заедница,“ вели Томасо Канета, координатор за проверка на факти при Европската Опсерваторија за Дигитални Медиуми (EDMO), во интервју за ДВ.
Тој гледа јасна цел зад израелската пропаганда и дезинформации што се шират на неколку европски јазици: „Нивната главна идеја е да ја придобијат симпатијата на западното јавно мислење во Европа, а исто така и во САД.“
Според Канета, за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, се поголемиот број земји што ја признаваат палестинската држава претставува „огромен дипломатски пораз“.
Канета напоменува дека и палестинската страна активно шири дезинформации; сепак, „Јасно е дека во моментов гледаме повеќе дезинформации од страната што го поддржува Израел.“
Медиумското покривање во Израел ја диктира пропагандната агенда
ДВ разговараше и со Орен Персико, новинар за The Seventh Eye, познат медиумски блог во Израел посветен на новинарството и слободата на медиумите. Тој вели дека израелската агенда е да се создаде впечаток дека во Газа нема широко распространет глад: „Ние сме добрите, или ние сме жртвите, и не се обидуваме намерно да повредиме цивили.“
Тој го критикува негирањето на гладот како „анти-новинарство“, велејќи: „Фактот што постои една, две или десет продавници со полни полици не значи дека десет километри од таму луѓе се затворени во куќи, не можат безбедно да излезат и немаат никаква храна.“
Тој објасни дека израелското медиумско покривање го поставува тонот за пораките што се испраќаат кон меѓународната јавност. Вели дека „сè додека заложниците се уште се во Газа, на Израелците им е лесно да се гледаат себеси како жртви. Тоа е главната приказна.“
На 7 октомври 2023 година, Хамас, палестинска исламистичка група со седиште во Појасот Газа, изврши смртоносен напад врз Израел, убивајќи речиси 1.200 луѓе и земајќи околу 250 заложници кои беа однесени назад во Газа. Во моментов, 48 заложници сè уште се во заробеништво, при што се верува дека 20 од нив се живи.
Како одговор, Израел започна воена кампања во Газа, при што, според податоци од палестинските здравствени власти цитирани од Ројтерс, загинаа 60.000 луѓе. Речиси една третина од жртвите, според извештаите, се деца под 18 години.
Меѓународната загриженост расте. Експерти на ОН, како и најмалку две израелски НВО и Меѓународната Асоцијација на Научници за Геноцид, го опишуваат размерот на убиствата како геноциден. Израел силно ги негира овие обвинувања.
Во меѓувреме, гладот кој Светската Здравствена Организација го нарекува „вештачки создаден“ продолжува да се развива. И покрај сè поголемите хуманитарни потреби, Израел ја одржува блокадата на хуманитарната помош, а воените операции продолжуваат, според извештаи од ОН и други хуманитарни организации.
Алима де Граф и Бјорн Киетцман придонесоа за овој напис.
Новинарската група беше составена од новинари од следните јавни медиумски сервиси: BR24 (Германија), ORF (Австрија), DW (Германија), VRT (Белгија) и EBU (Швајцарија).
Овој текст е редактиран од Рејчел Баиг и Феликс Тамсут.