1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Проверка на факти: Колкаво влијание има Русија во Африка?

Катрин Везоловски | Етјен Гатанази
27 јули 2023

Русија со години се обидува да го зголеми своето влијание во африканските земји - преку кампањи на дезинформирање или со присуство на групата Вагнер. Зошто континентот е толку важен за Путин?

Буркина Фасо руско знаме
Влијанието на Русија се чувствува и во Буркина Фасо - мотоциклист го вее руското знамеФотографија: picture alliance/dpa/AP

Неодамна објавена студија на „Африканскиот центар за стратешки студии“ покажува дека Русија се обидува да ја поткопа демократијата во низа африкански земји. Најважни инструменти се политичко вмешување, противуставни преземања на власта и дезинформации, средства кои досега се прилично ефикасни.

На последното Генерално собрание на ОН во февруари годинава, земји како Боцвана, Замбија и Тунис гласаа за „праведен и траен” мир во Украина, додека Мали и Еритреја беа против, а 15 други земји беа воздржани. Се чини дека тука руското влијание било пресудно. Но, како точно Русија ги засилува проруските и антизападните наративи? Проверката на факти на ДВ дава одговори на најважните прашања.

Зошто Африка е важна цел за руската пропаганда?

Една од најважните цели на Русија е дипломатско легитимирање на нејзината војна во Украина. „На Русија навистина ѝ е потребна Африка”, вели за ДВ Марк Дурксен, научен соработник во „Африканскиот центар за стратешки студии“, додавајќи дека „Русија меѓународно е сѐ поизолирана”.

Токму африканските земји кои немаат функционална поделба на власта, се порта за влијанието на Русија во регионот, бидејќи и самите често се меѓународно изолирани и оттаму - добредојдени партнери.

„Уште пред војната во Украина видовме како Русија агресивно се обидува да придобие поддржувачи за својата политика, често токму кога таа застануваше контра европската, северноамериканската или политиката на НАТО”, посочува Џастин Аренстајн, шеф на „Код за Африка”, најголема цивилна мрежа на континентот за технологија и новинарство базирано на податоци.

Руските трупи Вагнер го штитат Фостен-Арканж Туадера, претседател на Централноафриканската РепубликаФотографија: Leger Kokpakpa/REUTERS

На Русија освен тоа ѝ требаат алтернативни пазари за северноевропските и американските пазари од кои сега е исклучена, вели Аренстајн.

За многу африкански земји Русија е од корист како постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Така, во октомври 2019 година, Русија го блокираше барањето на ОН да се осуди симнувањето од власт на Омар ал-Башир, поранешниот претседател на Судан. „Местото на Русија во Советот за безбедност на ОН е проблем за демократијата во Африка”, вели Џозеф Сигл, истражувач во „Африканскиот центар за стратешки студии“ во разговор за ДВ.

Безбедносната политика во Африка: Вагнер и оружјето

Голема улога игра и воениот ангажман на Русија во африканските земји. Приватната платеничка група Вагнер е активна во земји како Мали, Либија и Централноафриканската Република.

Како противуслуга за своите услуги, таа добива пристап до суровини како злато. Вагнер игра улога и во зголемувањето на политичкото влијание на Кремљ. Во Мали, на пример, поранешната колонијална сила Франција, по десет години поддршка во борбата против исламистичките борци, ги повлекува своите сили поради тоа што не е постигнат посакуваниот успех. Мали побара од ОН повлекување и на мировната мисија МИНУСМА, која постои од 2013 година. Земјата јасно се дистанцира од западните земји и наместо тоа потесно соработува со Русија.

Русија ги врзува африканските држави и преку испорака на оружје. Според институтот СИПРИ, 44проценти од оружјето купено помеѓу 2017 и 2021 година од африкански земји било од руско потекло.

Пропагандната машинерија во полн ек

Русија користи социјални медиуми за да шири голем дел од својата пропаганда и дезинформации. Според Дурксен, стратегијата е посебно успешна онаму каде што нема традиција на независни и слободни медиуми.

Па така, групата Вагнер е главна тема на повеќе пропагандни анимирани филмови, во кои, на пример, се гледа како руски војници во Мали се борат против акрепи кои ги претставуваат француските војници и кои велат дека се демони на претседателот на Франција, Макрон и дека Мали е „наша земја“. Карикатурата на Макрон во видеото вели дека „Франција повторно ќе ја пороби Африка”. Русија често користи ваков наратив на „неоколонијалистички” Запад.

Таквиот вид пропаганда е директно поврзана со Русија, посочува Димитри Зуфереј од НВО „Сите погледи вперени во Вагнер”.Според него, видеото веројатно е произведено во Буркина Фасо од лица кои работат за Русија, а Дурксен посочува дека руски пари добиваат и инфлуенсери за да шират пропаганда.

На пример, Кеми Себа, француско-бенински инфлуенсер со повеќе од милион следбеници на Фејсбук, често објавува антизападни и проруски содржини. Веднаш откако Русија ја нападна Украина, тој тврдеше дека Москва се обидува да ја „врати руската земја“.

Како Евгениј Пригожин стана милијардер?

01:57

This browser does not support the video element.

Упад во медиумската сфера

Руските амбасади исто така играат важна улога во ширењето на дезинформации, како што покажува примерот со објавата на амбасадата во Јужноафриканската Република од јули годинава од наводен скриншот со текст на американскиот новински магазин „Политико“ со наслов „20.000.000 за слободата” на кој амбасадата коментира дека „(...) НАТО поттикнува војна која треба да се води додека не падне и последниот Украинец“ и притоа вината за војната ѝ ја префрла на воената Алијанса.

Истражувањето покажа дека скриншотот е фалсификуван и дека „Политико“ никогаш не објавил текст со таков наслов. Освен тоа, во скриншотот има многу грешки во англиската граматика, а фалсификувано е и логото на „Политико“. Амбасадата во меѓувреме ја избриша објавата, која на Твитер беше прегледана повеќе од 100.000 пати.

Клучен за медиумското влијание е и државниот канал РТ, кој изминатите години ја проширува својата мрежа во Африка преку соработка со медиуми кои ја шират проруската и антизападната пропаганда. ДВ документираше радио станици и весници кои се финансирани од руски институции, како Ленго Сонго и Нџони Санго во Централноафриканската Република.

Колку е успешно влијанието во африканските земји?

Во некои држави влијанието на руската пропаганда е силно, во други не толку. Најголемо влијание таа има во Централноафриканската Република, Мали, Судан и Зимбабве, покажува студија на „Африканскиот центар за стратешки студии”. Во сите овие земји има присуство на платениците на Вагнер.

Популарноста на Русија се должи и на времето од Советскиот сојуз и фактот дека земјата во времето на колонијализмот не беше дел од колонијалните сили. Многу африкански земји ја уживаа поддршката на Кремљ кога во 20 век се бореа за независност.

Сепак, ставовите за војната во Украина се поделени, покажува анкета спроведена во јуни годинава во Јужноафриканската Република, Кенија, Нигерија, Сенегал, Уганда и Замбија. Според неа, мнозинството смета дека руската инвазија на Украина е спротивна на принципите на меѓународното право.

Русија не е единствената земја која се обидува да врши влијание во Африка, но Аренстајн смета дека руското влијание е посебно опасно за Африканците затоа што „ги поткопува отворените општества и можноста за африканското население да носи самостојни одлуки”.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми