1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиТурција

Можел ли некој да знае дека ќе има земјотрес?

Јан Валтер
22 февруари 2023

Кратко по земјотресот во сириско-турскиот регион кружат многу погрешни информации во врска со катастрофата. Наводно научници предвиделе дека ќе се случи земјотрес, политичарите знаеле за тоа, а го предизвикале САД.

Катастрофа предизвикана од човекот? На интернет кружат многу објави кои потврдуваат дека има луѓе кои веруваат во такво нешто
Катастрофа предизвикана од човекот? На интернет кружат многу објави кои потврдуваат дека има луѓе кои веруваат во такво нештоФотографија: MUHAMMAD HAJ KADOUR/AFP/Getty Images

Додека во погодениот регион луѓето се борат за преживување, на интернет „врие“ од дезинформации. На пример, се сугерира дека земјотресот намерно бил предизвикан од западни сили за да се казни Турција за постапувањето во НАТО и за да ѝ се наштети на турската влада на претстојните избори. 

Тврдење: Луѓето во погодениот регион кратко пред земјотресот на небото забележале чудна светлина.

Во видео објавено на Тик-ток кое има речиси 30 илјади прегледи и било споделено и на Твитер, се гледа дречливо светло кое на небото се издига под агол од 45 степени.

Видеото, на кое наводно се гледа светло над Турција ноќта кога се случи земјотресот, е на интернет веќе шест месециФотографија: Twitter

ДВ-проверка на факти: Погрешно. 

Твитер профил под име со балтички призвук - Јонас Ваиткевициус, во коментар под видеото обрнува внимание на тоа дека на видеото се слушаат гласови на руски јазик: маж и жена разговараат дека веројатно се работи за старт на ракета.

Де факто корисникот @Catasach369 го има објавено видеото уште на 7 октомври 2022 година, посочувајќи на „Бајконур Космодром - Јужен Казахстан 06/10/2022“. И ваквиот податок е спорен, бидејќи според информации на веб-страницата на космодромот во Бајконур  на 6 октомври немало лансирање на ракета. На прашањето околу ова, ДВ од космодромот до моментот на објавување на овој текст не доби одговор. Единствено е јасно дека видеото не е поврзано со земјотресот во Кахраманмараш. 

Дали западни дипломати превентивно ја напуштиле земјата? 

Тоа не го попречува корисникот Петер П., кој се чини дека е по потекло од Холандија, да ретвитне објава која тој ја смета за објаснување на феноменот виден на небото.

Тврдење: Најмалку осум западни земји ги повлекле своите амбасадори од Турција 24 часа пред земјотресот.

Корисник на Твитер сугерира дека неколку западни амбасадори ја напуштиле Турција непосредно пред земјотресот во КахараманмарашФотографија: Twitter

Ваквото тврдење може да се сретне на социјалните медиуми во различни варијации. 

ДВ проверка на факти: Недокажано. 

Навистина девет држави, меѓу кои и САД, Германија и Холандија на почетокот на февруари привремено ги затворија дипломатските претставништва во Турција. Како причина за тоа министерствата за надворешни работи наведуваат безбедносни причини, откако активисти во Шведска и Данска во контекст на планираното пристапување на Шведска и Финска во НАТО, кое Турција го блокира, запалија изданија на Куранот. Потоа турскиот министер за надворешни работи на 2 февруари ги повика амбасадорите на тие земји бидејќи турската влада ги смета за навредливи таквите безбедносни предупредувања. Кон средината на мај во Турција се одржуваат парламентарни избори и владеачката АКП е под притисок.

Нема докази за тоа дека дипломати ја напуштиле земјата. На прашање на ДВ, Министерството за надворешни работи во Берлин потврди дека германскиот генерален конзулат во првата недела од февруари бил затворен два дена, но не и амбасадата во Анкара. Амбасадорот во време на земјотресот престојувал во Турција. 

Можел ли некој да знае дека претстои тежок земјотрес? 

Тврдењето и онака не е многу веродостојно: Кој би можел да предвиди дека ќе има толку катастрофален земјотрес? Многу корисници се повикуваат на самопрогласениот „експерт за земјотреси” Франк Хогербетс. Холанѓанецот тврди дека со софтвер кој самиот го развил врз основа на констелација на планетите може да ја предвиди веројатноста од земјотрес на планетата.

Тврдење: Франк Хугербетс го предвиде земјотресот.

На 2 февруари Хугербетс на Твитер објавува: „Порано или подоцна во регионот (Јужна/Централна - Турција, Јордан, Сирија, Либан) ќе се случи земјотрес со јачина од 7,5 степени”. На една карта е нацртана област на само 40-тина километри јужно од фактичкиот епицентар на земјотресот од 6 февруари. 

ДВ-проверка на факти: Ова доведува до заблуди. 

„Нема научна основа за точно предвидување на земјотрес”, се вели во предупредување од друг корисник кој Твитер го постави под многу твитови на Хугербетс. Оливер Хајдбах, кој истражува полиња на набој во земјината кора во Центарот за геоистражувања во Потсдам, го потврдува тоа. Во меѓувреме се знае каде ќе се случат земјотреси и од кои димензии, но точниот момент досега не може да се предвиди.

Хајдбах смета дека е тотално неиздржано сеизмички активности да се објаснуваат со планетарни констелации. Иако Хугербетс на својата интернет страница цитира различни трудови, тие сепак не даваат издржано објаснување за неговите хипотези. „Публикациите релативно брзо ве водат во ќорсокак. Тоа се хипотези без научна основа кои не одговараат ниту на физичките закони содржани во нив”.

Многу корисници го слават самопрогласениот „експерт за земјотреси“ Хугербетс, иако експертите велат дека неговите методи немаат научна основаФотографија: Twitter

Де факто Хугербетс не тврди дека тој лично може точно да предвиди земјотреси. Изразите „порано или подоцна” може да значат сешто. Во едно од поновите видеа тој дури и предупредува од тоа да не се преземаат избрзани мерки поради неговите прогнози.

Хајдбах вели дека во принцип прогнозите на Хугербетс ретко се нешто повеќе од емпириски веројатности. „Кога вели дека на одреден ден со 50% веројатност ќе се случи земјотрес со јачина од 6 степени, тоа е и точно, бидејќи глобално секоја година мериме 150 такви земјотреси. Повеќето не предизвикуваат штети бидејќи се случуваат во голема длабочина или во региони каде што не живеат луѓе.“ Хајдбах додава дека ако секој ден прогнозирате како што тоа го прави Хогербетс, некогаш и ќе погодите. „Но, ако тоа не се случи, објавата брзо ќе исчезне”.

Хајдбах исто така смета дека е невозможно космичко зрачење да предизвика земјотрес. „Тоа не функционира бидејќи електронските бранови заслабнуваат кога ќе допрат до камен. Тоа ни е познато од телефоните или кога сме во подземни гаражи“, вели тој. Земјотреси со ваква магнитуда настануваат на длабочина од десет километри или уште подлабоко. „Таму долу не продира никаков зрак.“

Едноставно е нереално да има зрачење кое би можело на таква длабочина да предизвика толкава механичка енергија за да предизвика земјотрес, смета Хајдбах. „И да се соберат сите атомски централи на светот не можат да го постигнат тоа”, вели тој. Дури и да се акумулира толкаво зрачење, тоа прво би го развило своето дејство на површината на земјата. „Претпоставувам дека сите би биле испечени како на ражен”, заклучува тој. 

Дали земјотресот бил намерно предизвикан? 

Со овие аргументи, Хајдбах се спротивставува и на еден мит што ја окупира човечката имагинација со децении.

Тврдење: САД ја користат истражувачката станица ХААРП како оружје - меѓу другото за да предизвикува земјотреси.

ХААРП (High Frequency Active Auroral Research Program) е станица за истражување на горната атмосфера на Алјаска, каде првично беше вклучена и американската војска.

Огромни пукнатини на тлото во јужна Турција по земјотресите

00:45

This browser does not support the video element.

ДВ-проверка на факти: Недокажано. 

Тезата дека ХААРП е наводно оружје и опасност за човештвото веројатно ја поставија Џин Менинг и Ник Бегич со нивната книга „Angels don't play this HAARP". Иако магазинот „Шпигел“ уште во 1996 година објаснуваше зошто тезите не можат да бидат точни, теоријата опстојува до денес.

Станицата ХААРП емитува обични радио бранови. Сепак, ХААРП ги здружува брановите наместо, како радиостаниците, да ги шири во сите правци. Се вели дека САД овој „врзоп“ зраци од Алјаска го испратиле така што ја претвориле електромагнетна енергија во механичка енергија на околу десет километри под Кахраманмараш.

„Дури и да е можно такцо нешто, ништо нема да се случи“, вели Хајдбах. ХААРП моментално има преносна моќност од 3,6 мегавати. Ова одговара на максималната моќност на турбина на ветер со средна големина или 1000 чајници за варење вода. Во внатрешноста на земјата, каде што настануваат земјотреси, има поинаква енергетска магнитуда, објаснува Хајдбах: „Можноста на работ на една плоча одговара на онаа на една нуклеарна централа, т.е. еден гигават“. Тоа би биле 275 такви турбини на ветер под целосно оптоварување. Исто така, треба да се земе предвид дека карпите апсорбираат електромагнетно зрачење. Хајдбах има само еден заклучок: „Тоа е едноставно невозможно, тоа е глупост!“ Бидејќи не можете да се побијат нешта што не постојат, ние носиме малку попомирливата пресуда: „Недокажано“.

По земјотресот: Кога и надежта ќе умре

01:21

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми