Од каде лажните вести за секс турнирот во Шведска?
Анвар Ашраф
8 јуни 2023
На интернет се појави чудно тврдење дека Шведска го прогласила сексот за спорт и дека организира турнир. Некои медиуми ја прифатија како вистина и ја пласираа „веста“. ДВ ги провери фактите.
Реклама
Еден од најпопуларните и најпочитуваните весници во Индија „Тајмс оф Индија“ објави дека Шведска ќе биде домаќин на европско првенство во секс. Според материјалот, Шведска го признала сексот како официјален спорт. А, за да се утврди кој е шампион во дисциплината ќе се одржи турнир на кој учесниците ќе се „натпреваруваат“ по шест часа секој ден. Дури и датумот и местото на „турнирот“ се наведени - 8 јуни во Гетеборг.
Многу други медиуми ја пренесоа оваа „вест“, а еден грчки портал дури објави дека Атина ќе има свои претставници на турнирот. Германскиот канал РТЛ исто така објави анкета, со која треба да биде јасно што мислат луѓето за признавањето на сексот како официјален спорт.
Шведското Министерство за спорт демантираше дека постои таков настан. ДВ ги провери фактите.
Тврдење: Шведска официјално го призна сексот како спорт и ќе го одржи првиот секс турнир оваа недела.
Проверка на факти: Неточно.
„Секоја таква информација е лажна“, напиша портпаролката на Шведската спортска асоцијација, Ана Зецман во официјална изјава за ДВ. „Во моментов, лажните тврдења кои се шират во некои странски медиуми за Шведска може категорично да се демантираат.
Како сето тоа започна?
„Гетеборгс Постен“, еден од најголемите шведски дневни весници, пишува дека Швеѓанецот Драган Братиќ стои зад целата приказна. Според весникот, Братиќ е сопственик на неколку стриптиз клубови и всушност сакал сексот да стане официјален спорт. Вакво барање до спортската конфедерација испратил во јануари годинава. Шведската спортска асоцијација потврди за ДВ дека одделот всушност добил барање за членство од лице кое тврдело дека е дел од сексуалната федерација. Барањето беше официјално одбиено во мај.
„Шведската спортска асоцијација обрнува внимание на гласините што ги шират некои меѓународни медиуми дека секс федерација станала дел од асоцијацијата“, прецизираше портпаролката Зецман. „Ова е лажна информација која има за цел да го оцрни шведскиот спорт и Шведска“, додаде таа.
Друг влијателен индиски медиум, кој е поврзан со американскиот CNBC, исто така даде „детали“ за тоа како може да се влезе на турнирот - вклучувајќи ја и адресата на електронската пошта и веб-страницата на некоја „Шведска секс федерација“. Страна со тоа име постои, но врската води до порнографска веб-страница, каде моментално се одбројува до „турнирот“ и се тврди дека таму ќе се емитува во живо.
Шведската спортска асоцијација категорично негира дека соработува со која било сексуална организација. „Не постои секс федерација во Шведската спортска асоцијација“, категоричен е одделот.
Сексот е табу
Во многу земји ширум светот, сексот е табу тема. Скандинавските земји, од своја страна, беа домаќини на некои навистина необични натпревари - како носење сопруги на раце и Светски натпревар во сауна (кој беше прекинат откако еден од учесниците почина). И покрај се - натпревар во секс не е дел од оваа листа.
Голем број медиуми во Азија и Европа ја објавија информацијата за овој „турнир“ без да ја проверат. Трети, пак, објавија погрешни материјали. Еден од написите, на пример, детално објаснува дека познавањето на Камасутра ќе им помогне на натпреварувачите кои сакаат да влезат, и на крајот открива дека „шампионатот“ всушност не е вистински.
Секс: историја на вечното табу
Ретки се зборовите кои предизвикуваат така жешки емоции како „секс“. Досега предизвика безброј скандали, беше симбол на еманципацијата и предизвикува поделби во мислењето. Една изложба во Бон објаснува зошто.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Запечатено со бакнеж
Дивите 1960-ти години го предизвикаа најголемиот пресврт во сексуалната моралност. Тинејџерските магазини како германскиот „Браво“ отворено дискутираа за сексуални теми. Беа продуцирани филмови кои ја истражуваа „табу“ темата, меѓу нив и хитот од 1968. "Zur Sache, Schätzchen" („Фати се за работа, драга“) со Вернер Елке и Уши Глас во главните улоги, а во режија на Маи Спилс.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Мајка пред сѐ
Во раните 1950-ти во светот владееше ред - барем од гледна точка на чуварите на моралот во младата Западна Германија. Жените играа првенствено домаќинска улога, верни сопруги, нежни мајки и чуварки на домот. Само мажите работеа. Сексуалните прашања беа табу во јавноста, а бакнувањето на улица беше строго забрането. Личните односи и моралот беа под строго влијание на црквата и државата.
Фотографија: DW/H. Mund
Првичниот грев
Филмот „Die Sünderin" (Грешничка, 1951) со Хилдегард Кнеф во главната улога беше првиот скандалозен филм. Според мислењето на мнозинството во ерата на конзервативниот канцелар Конрад Аденауер, таквите валканици требало да бидат цензурирани. Иако еротските сцени беа многу куси, предизвикаа жестоки дебати за моралноста и отворената сексуалност.
Фотографија: ullstein - Thomas & Thomas
Еманципацијата
Кога компанијата Шеринг почна со произведство на анти-беби пилулите во 1961, германските морални авторитети веднаш се јавија од црковните проповедалници за да го осудат „моралното пропаѓање на младите“. Магазините пишуваа за сексуално зависни жени кои земале пилули. Но, новиот метод за контрацепција им овозможи на жените да постигнат поголема самодоверба.
Фотографија: DW/H. Mund
Студентската револуција
Студентскиот револт од доцните 60-ти години не го потресе само политичкиот поредок во Западна Германија. Напротив, еден од најпопуларните слогани на контра-културата беше „Оној што спие со иста жена двапати е дел од естаблишментот“. Во тој период беше формирана и озлогласената Комуна 1, каде оваа сексуална слобода беше практикувана од многумина, вклучително и од Рајнер Лангханс и Уши Обермајер.
Фотографија: picture-alliance/KPA TG
Сексуално образование
Политичките превирања по студентскиот револт го трансформираа имиџот на семејството на Западот. Младите родители повеќе не беа нарекувани мама и тато, туку според нивните први имиња. Во училиштата беше воведен сексуалниот „атлас“ по предметот „биологија“ во 1969 година. Цели класови одеа да го гледаат филмот за сексуална едукација „Хелга“, кој беше одобрен од министерството за здравство.
Фотографија: DW/H. Mund
„Беате Узе“
Името „Беате Узе“, ('Beate Uhse') стана синоним за продажбата на сексуални играчки и помагала. На 98 проценти од возрасните им беше познато ова име, иако само мал дел имаа храброст да посетат некоја продавница. Темелот за империјата беше поставен во 1948 година со објавувањето информативен календар за контрола на раѓањето.Подоцна, се стекна со богатство преку овозможувањето тајни поштенски порачки
Фотографија: imago
Одиме на исток
Во поранешната Источна Германија, граѓаните уживаа далеку поголема сексуална слобода одошто во западниот дел. Нудистичката култура беше речиси правило. Жените беа поеманципирани, барем на прв поглед. На работа одеа во пантолони, а за децата се грижеше државата. Но зад либералната фасада, се криеше државната дволичност. Овој плакат им заблагодарува на мајките во Источна Германија.
Фотографија: DW/H. Mund
Перверзното општество
Режисерот Роза фон Праунхајм- геј, радикален и директен- беше меѓу првите кој се фокусираше на хомосексуалноста во неговите филмови. Со документарецот од 1971 година во кој тврдеше дека не се хомосексуалците перверзни, туку општеството во кое живеат, фон Праунхајм го отвори патот за геј и лезбејското движење во Германија.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Стари табуа
Долго време хомосексуалноста беше жешка тема во Германија која политичарите не се осмелуваа да ја отворат. Членот 175 според кој сексуалните акти меѓу мажи беа казниви според закон, беше во сила до 1969 година, а целосно беше укинат во 1994 година. Актуелната дебата околу хомосексуалците во професионалниот спорт, сепак покажува дека дискриминацијата се уште не е надмината.