1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГлобално

Нема врска помеѓу мпокс и вакцинацијата против Ковид

Рајна Бројер
21 август 2024

Тековните епидемии на мпокс се придружени со лажни информации на интернет. Широко распространето тврдење прави врска помеѓу мајмунски сипаници и вакцинацијата против корона. Што е точно?

Мпокс - вирус на мајмунски сипаници
Мпокс - вирус на мајмунски сипанициФотографија: Niaid/Planet Pix/Zuma/dpa/picture alliance

Само еден ден откако Светската здравствена организација прогласи  највисоко ниво на тревога  поради појава на мпокс во африканските земји по вторпат во две години, првиот случај се појави и во Европа.Лицето било заразено за време на престој во африкански регион каде имало голема епидемија на болеста, изјави на прес-конференција генералниот директор на шведската здравствена служба. Овие актуелни случувања резултираа, меѓу другото, со зголемен број тврдења за вирусната болест што се споделуваат на социјалните мрежи - вклучувајќи сè повеќе лажни информации.

Мпокс и иРНК вакцина – дали постои врска?

Тврдење: „Она што ни се продава како  мајмунски сипаници  е во повеќето случаи таканаречениот херпес зостер, еден од најчестите  несакани ефекти на 'вакцината' за Ковид“,  пишува овој X-корисник на 14 август 2024 година, цитирајќи го Германецот, доктор и политичар Волфганг Водарг. Објавата е прегледана повеќе од 2 милиони пати.

Проверка на факти на ДВ: Неточно

Фотографија: X/@dejanirasilveir

Изјавата се однесува на видео интервју со Волфганг Водарг, лекар, поранешен пратеник на СПД во Бундестагот, подоцна главен кандидат на малата партија База, основана во контекст на протестите против мерките за Ковид-19. Видеото е од 2022 година и е објавено на контроверзниот радиодифузер AUF1.

Она што корисникот го тврди во текстот што ја придружува објавата го споделуваат и други корисници: пример 1 (португалски, 178K прегледи), пример 2 (шпански, 498,5K прегледи), пример 3 (шпански, 117K прегледи).

Повеќето од објавите што ги најдовме за ова беа на шпански и португалски. Споредстудијата на Универзитетот Лојола во Андалузија, која го анализирала периодот од 7 мај до 10 септември 2022 година, наративот дека мајмунските сипаници се несакан ефект на вакцините против Ковид-19 се споделувал почесто од кое било друго лажно тврдење за мпокс.

На прашањето дали има поврзаност помеѓу вакцината против корона и  избувнувањето мпокс,  микробиологот и имунолог Кари Мур Дебинк од Факултетот за јавно здравје Џон Хопкинс Блумберг во интервју за ДВ изјави: „Вакцините Ковид иРНК се користени ширум светот, додека случаите на мпокс обично се случуваат во одредени земји во Африка, со мал број случаи надвор од овие региони. Значи, не постои никаква географска поврзаност меѓу користењето на иРНК вакцината против Ковид-19 и случаите на мпокс.“

Вилијам Шафнер, професор по заразни болести во Медицинскиот центар на Универзитетот Вандербилт во Нешвил, САД, го дели ваквото мислење: „Станува збор за два сосема различни вируси, и се разбира, вакцината против КОВИД нема никаква врска со мпокс“.

Уште во 2022 година Европската комисија даде дозвола за вакцината Имванекс против мајмунски сипаници Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Мпокс = херпес?

Во виралниот X-пост исто така се тврди дека во повеќето случаи болеста мпокс е всушност херпес зостер.

Зостер вирусите можат повторно да се активираат преку вакцинација, според  студијата од 2022 година во Журналот на Европската академија за дерматологија и венерологија. Студијата, исто така, покажува дека вакцинираните луѓе со различните вакцини против Ковид -19 имаат зголемен ризик од херпес зостер.

Сепак, не постои врска помеѓу патогенот мпокс и вирусот на херпес зостер, вели Кари Мур Дебинк во интервју за ДВ: „Мпокс и херпес зостер припаѓаат на различни вирусни групи, така што двата вируса лесно може да се разликуваат во тестовите. Иако и двата вируса можат да предизвикаат слични симптоми како што се осип, треска, отечени лимфни јазли и малаксаност, постојат различни карактеристики на осипот предизвикан од двата вируса, така што тие можат да се разликуваат врз основа на знаци и симптоми."

Дали се исти вирусите корона и мпокс?

Мпокс е многу помалку заразен од Ковид-19. Додека патогенот мпокс се пренесува преку близок физички контакт кожа на кожа или контакт со контаминирани материјали (крпи, постелнина и облека), коронавирусот е исклучително заразен и може да се пренесе преку ситни капки во воздухот преку дишење, зборување, кивање. или кашлица. Може да се пренесе од други кои го имаат вирусот, дури и ако немаат симптоми.  Одделот за јавно здравје во Калифорнија  на својата веб-страница наведе дополнителни разлики помеѓу коронавирусот и вирусите мпокс.

Избегнувајте ширење дезинформации

Масивните дезинформации околу вакцините ги загрижуваат двајцата лекари: „Дезинформациите што се шират за сите вакцини, за вакцината против Ковид и сега и за мпокс, предизвикуваат голема конфузија и недоверба кон здравствените власти. Ова предизвикува отежнување во напорите на министерствата за здравство да се грижат и да им помогнат на луѓето да бидат колку што е можно поздрави. Целата оваа збрка ги отежнува добрите намери“, вели професорот Вилијам Шафнер.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми