1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НБРМ: Полесно до прв дом, построги услови за втор

Даниела Корина Шпет
13 октомври 2026

Народната банка воведува нови мерки со кои го олеснува купувањето прв дом преку поповолни услови, додека за второ живеалиште се предвидуваат пократки рокови за отплата и построги правила за кредитирање.

Кредит за купување недвижност 27.09.2018
Олеснување за купување на прв стан - затегнување на условите за кредит за оние со повеќе имотиФотографија: picture-alliance/dpa

Додека многу млади семејства се обидуваат да дојдат до сопствен дом во услови на високи цени на недвижностите, Народната банка ги задржува поволностите за купување прво живеалиште, а истовремено ги затегнува условите за купување втор и секој нареден стан.Целта е да се олесни пристапот до домување за оние што првпат го решаваат станбеното прашање и воедно да се намалат ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески вели дека остануваат посветени на олеснувањето на условите за купување прво живеалиште, а новите макропрудентни мерки, кои ќе стапат во сила од 1 декември годинава, треба и понатаму да делуваат превентивно и да поттикнуваат одржливо задолжување на домаќинствата.

Тој во емисијата „Бизнис објектив“ на ТВ Телма, посочи дека централната банка презема мерки за зачувување на стабилноста на финансискиот сектор и за заштита на граѓаните од презадолжување. Според него, Индексот на цените на становите во Скопје, кој Народната банка го објавува квартално, покажува знаци на стабилизирање. Годишниот раст на индексот во третиот квартал изнесувал 10,3 проценти, што е поблиску до нивото забележано пред пандемијата.

„Тоа им оди во прилог на лицата и на домаќинствата што се на страната на побарувачката на станови.Се зголемува нивната преговарачка моќ и тие можат да издејствуваат пониска цена“, рече Славески.

Тој потсети дека становите и куќите, пред сè, треба да бидат место за живеење, а дури потоа предмет на инвестирање.

Гувернерот на Народна Банка, Трајко Славески најави олеснување за купување на прв станФотографија: National Bank of North Macedonia

Поволности за прво живеалиште

Од декември минатата година, кога стапија во сила претходните макропрудентни мерки, се зголемила застапеноста на кредитите за прво купување дом, кои учествуваат со околу 25 проценти во вкупниот број одобрени станбени кредити.

Граѓаните што за првпат решаваат станбено прашање добија можност за добивање станбен кредит со минимално сопствено учество од 10 проценти од вредноста на недвижноста, доколку ги исполнуваат пропишаните услови. За останатите кредитокорисници минималното учество изнесува 25 проценти.

Олеснувањето се однесува на лица кои немаат стан или куќа на свое име и планираат да купат или изградат дом за сопствено живеење. За таа цел се предвидени и механизми за проверка на исполнувањето на условите.

Какви кредити нудат банките 

Конкуренцијата на пазарот на станбени кредити се засилува, а банките нудат пониски фиксни каматни стапки и дополнителни поволности за купувачите на прв дом.

Најниска почетна камата којашто се нуди е 2,9 проценти во првите пет години, додека кај дел од банките фиксните каматни стапки најчесто се движат меѓу 3 и 3,45 проценти. Дел од понудите вклучуваат и ослободување од одредени трошоци, подолг период на фиксна камата или дополнителни поволности за млади семејства.

Сепак, при изборот на станбен кредит важно е да не се споредува само почетната каматна стапка, туку и условите по истекот на фиксниот период, како и вкупните трошоци за кредитот.

Построги услови за втор стан

Покрај поволностите за прв дом, Народната банка воведува построги критериуми за кредитирање на купување втор и секој нареден стан.

Гувернерот вели дека половина од новоодобрените кредити годинава се со рок на отплата подолг од 25 години. Поради тоа, со најновите мерки, коишто ќе стапат во сила од 1 декември годинава, Народната банка го ограничува максималниот рок на отплата на кредитите за купување втор и следен стан од 30 на 25 години, додека за прво купување стан останува можноста за рок на отплата до 30 години.

Гувернерот нагласи дека побарувачката на кредити и натаму е висока, иако бележи извесно забавување, укажувајќи дека тоа засега не се одразува негативно врз квалитетот на кредитното портфолио на банките. 

Во првото полугодие од 2026 година, кредитите на физичките лица пораснале за 12,2 проценти на годишно ниво, додека станбените кредити забележале раст од 16,6 проценти. Околу половина од новопродадените станови се купуваат со готовина, додека другата половина се финансира преку кредити.

Според податоците од Пописот 2021 на Државниот завод за статистика, повеќе од 307 илјади станови или 36,6 проценти од вкупниот станбен фонд во Северна Македонија се празни. Дел од нив се резултат на иселување, а дел се купени како инвестиција. Во Скопје најголем број празни станови има во општините Центар и Карпош.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми