1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеПалестински територии

Прв случај на детска парализа во Појасот Газа

ЖА
17 август 2024

Едно доенче е заболено, а патогени на детска парализа се откриени во отпадните води во палестинската територија. ОН сакаат да вакцинираат стотици илјади деца против вирусот - но неопходни се предуслови.

Вакцинирање на бебе против полио во Газа, архивска фотографија
Вакцинирање на бебе против полио во Газа, архивска фотографијаФотографија: Omar Ashtawy/APA Images/Zumapress/picture alliance

Обединетите нации ги повикаа Израел и палестинската терористичка организација Хамас на хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа со цел да се вакцинираат повеќе од половина милион деца против акутно заразниот вирус на полио. Светската здравствена организација (СЗО) во Женева објави дека организациите на ОН би можеле да започнат со давање на вакцината против  детска парализа тип 2 на околу 640.000 деца на возраст под десет години уште во август. Децата треба да се заштитат од вирусот во два круга на вакцинација.

Повик на седумдневен прекин на огнот

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и Организацијата на ОН за заштита на децата, УНИЦЕФ, исто така, се залагаат за прекин на борбите во отсечениот и главно уништен крајбрежен појас на Средоземното Море. СЗО јасно стави до знаење дека ваква кампања за вакцинација не би била можна без привремен прекин на борбите. Организациите за помош бараат седумдневен прекин на огнот.

Министерството за здравство во  Појасот Газа,  управувано од исламистичкиот Хамас, и здравствените власти во Рамалах на Западниот Брег, претходно објавија дека има прв потврден случај на детска парализа во Газа. Се работи за десетмесечно бебе кое не е вакцинирано. Според информациите, тоа е прв случај на полио во регионот по 25 години.

Полио вирусот откриен во примероците од отпадни води

Според палестински и израелски извори, вирусот бил откриен во јули во примероци од отпадни води во јужниот град Кан Јунис и во центарот на Појасот Газа. На почетокот на август, СЗО објави дека ќе испрати повеќе од милион дози  вакцина против детска парализа  во Појасот Газа. Според шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, откривањето на патогенот на полио во крајбрежната област е показател „дека вирусот циркулира во населението и ги загрозува невакцинираните деца“.

Инфективната болест полиомиелитис - медицински термин за детска парализа - е предизвикана од акутно заразен вирус кој го напаѓа 'рбетниот мозок и може да предизвика неповратна парализа кај децата. Вакцинацијата го спречува ширењето.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми