1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеКина

Прва човечка жртва од птичји грип во Кина

ЖА / агенции
12 април 2023

56-годишна жена од Гуангдонг, која имала претходни заболувања, а на пазар дошла во контакт со живи птици, е прва човечка жртва на новата варијанта на птичји грип.

Птичји грип
Во Кина прв смртен случај од птичји грип кај човекФотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Во Кина е регистриран трет случај во светот на инфицирање луѓе со вирусот на птичји грип А (Х3Н8), како што соопшти Светската здравствена организација синоќа (11.04.2023) во Женева. Станува збор за вирус кој моментално се шири кај дивите птици и птиците во светот, чие присуство е докажано и кај различни животни-цицачи.

Најновата инфекција со Х3Н8 е откриена кај 56-годишна жена од кинеската провинција Гуангдонг, која на 3 март била примена во болница со тешко воспаление на белите дробови и починала на 16 март. Жената со претходни заболувања била во контакт со живина на еден пазар, каде исто така е констатирано присуство на вирусот. Но, повеќе луѓе, со кои жената била во контакт, не се инфицирале со вирусот.

Другите два случаи на зараза со Х3Н8 кај луѓе, според податоците на Светската здравствена организација, датираат од  април и мај 2022 година, исто така во Кина.

Едно лице заболело во тешка форма, додека второто имало само благи симптоми. Инфицирањето со вирусот на птичји грип кај луѓе се случува поединечно и по правило при контакт со птици или диви птици. Многумина не ја ни забележуваат инфекцијата или таа кај нив поминува само со благи симптоми, додека кај други се развиваат тешки заболувања на дишните патишта.

Низ светот се шири вирусот на птичји грип, посебно кај дивите птициФотографија: Owen Humphreys/empics/picture alliance

Здравствените експерти предупредуваат од опасноста вирусот да се приспособи на човечкото тело и да започне да преминува од човек на човек.

За пријавениот случај на Х2Н8 во Кина, СЗО објаснува дека е вирус на птичји грип чие присуство често е докажано во светот кај кучиња, коњи, свињи и други животни. За разлика од Х5Н1, тој кај птиците ретко предизвикува било какви симптоми или само во блага форма.

„Информациите кои стојат на располагање упатуваат на заклучок дека вирусот нема способност за лесно пренесување од човек на човек. Ризикот за ширење на вирусот меѓу луѓе на национално, регионално и меѓународно ниво се оценува за низок“, пишува Светската здравствена организација.

Анализа изработена за овој вирус во мај 2022 година, уште се смета за важечка, истакна портпарол на СЗО, а во неа се вели: „Иако не може да се исклучат натамошни инфицирања кај луѓе со вирусот А(Х3Н8) , ризикот е мал, исто како и веројатноста од пренос од човек на човек, врз основа на ограничените информации со кои досега се располага.“

СЗО тврди дека ризикот за инфицирање на луѓе со птичји грип е низокФотографија: Bob Edme/AP/picture alliance/dpa

Податоците на германскиот Институт Фридрих Лефлер, одделение за здравјето на животните, со состојба од 6 март; велат дека во светот е позната едноцифрена бројка на човечки инфекции со актуелно најраспространетата развојна линија на вирусот Х5Н1, 2.3.3.4б, од кој се заразуваат и умираат и цицачи како куни, фоки, лисици, ракуни и мечки.

Инфекции и смртни случаи кај луѓе со други линии на вирусот на птичји грип Х5Н1 се познати од пред повеќе години. Според СЗО, пријавени се вкупно 873 случаи на инфекција кај луѓе од 22 земји, а повеќе од половината имале смртен исход.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми