1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Тимот на Трамп: ТВ презентер за армијата, Маск за ефикасност

АРД
13 ноември 2024

Идниот американски претседател Доналд Трамп го планира ТВ-презентерот Пит Хегсет за прв човек на Пентагон. Илон Маск ќе се грижи за ефикасноста на државната администрација.

Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд ТрампФотографија: Douliery Olivier/abaca/picture alliance

Водителот на Фокс Њус, Пит Хегсет

Доналд Трамп сака водителот на Фокс Њуз, Пит Хегсет, да биде идниот министер за одбрана. „Со Пит на чело, непријателите на Америка добиваат предупредување - нашата војска повторно ќе биде одлична, а Америка никогаш нема да попушти“, соопшти Трамп во вторникот. Хегсет има служено војска во Ирак, Авганистан и заливот Гвантанамо и во 2012 година неуспешно се кандидираше за место во Сенатот во Минесота, пред да стане дел од тимот на Фокс Њуз. „Никој не се залага толку за војниците колку Пит кој ќе биде храбар и патриотски заговорник на нашата политика за мир преку сила“, порача Трамп. 

Водителот на Фокс Њуз, Пит Хегсет ќе биде идниот министер за одбрана на САДФотографија: Evan Vucci/AP/dpa/picture alliance

Џон Ретклиф

Поранешниот координатор на американската разузнавачка служба Џон Ретклиф треба да биде идниот шеф на надворешната разузнавачка служба ЦИА, соопшти Трамп во вторникот. Ретклиф според него ќе биде „бестрашен борец за уставните права на сите Американци, истовремено обезбедувајќи највисоко ниво на национална безбедност и мир преку сила“. 

Џон Ретклиф треба да биде идниот шеф на ЦИАФотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture-alliance

Мајк Хакаби 

Доналд Трамп сака да го назначи поранешниот гувернер на Арканзас, Мајк Хакаби, за нов амбасадор во Израел. Хакаби со години е одличен чиновник, гувернер и верски лидер, се вели во изјавата на Трамп. „Тој го сака Израел и народот на Израел, а и тие него подеднакво. Мајк неуморно ќе работи за мир на Блискиот Исток!", порача Трамп. 

Мајк Хакаби се подготвува за нов амбасадор во ИзраелФотографија: imago/UPI Photo

Хакаби инаку се смета за верен поддржувач на Израел. Поранешниот баптистички свештеник со години води групни посети на Израел, кои често ги рекламира на конзервативни информативни веб-страници. Неговата ќерка Сара Хакаби Сандерс беше портпарол во Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп од 2017 до 2019 година, а сега веќе е гувернер на Арканзас. 

Кристи Ноем  

Централен ресор одговорен за спроведување на планираната радикална миграциска политика е Министерството за заштита на татковината на САД. Се очекува да го преземе Кристи Ноем, гувернерката на Јужна Дакота, според наводите во медиумите. Ноем е лојален поддржувач на Трамп и своевремено се сметаше за можен кандидат за потпретседател на Републиканската партија. 

Кристи Ноем, гувернерка на Јужна ДакотаФотографија: picture-alliance/AP Photo/The Argus Leader/B. Sanchez

На почетокот на годинава поранешната пратеничка предизвика неверување во јавноста, откако во својата книга за американската политика опиша како сама застрелала ловечко куче кое според неа не можело да биде тренирано. 

Мајк Волц  

Според извештаите на медиумите, Републиканецот Мајк Волц треба да стане советник за национална безбедност. Валц е познат како поборник за цврст став спрема Кина и побара преиспитување на американската поддршка за Украина. Волц, кој е член на Претставничкиот дом на САД од Флорида, е долгогодишен поддржувач на новоизбраниот претседател. 

Републиканецот Мајк Волц треба да стане советник за национална безбедностФотографија: Mandel Nghan/AFP/Getty Images

Минатата година во гостински прилог на Фокс Њуз, тој во однос на републиканското мнозинство во Претставничкиот дом напиша дека „ерата на бланко чекови од Конгресот за Украина заврши“ и образложи дека европските земји треба да дадат уште поголем придонес. 

Марко Рубио 

Според медиумите, Трамп избрал и кандидат за функцијата државен секретар. Сенаторот од Флорида Марко Рубио се очекува да ја преземе функцијата. „Њујорк тајмс“ цитирајќи три извори блиски до Трамп наведува дека иако одлуката сè уште не е конечна, се чини дека идниот претседател е решен да го назначи Рубио. 

Сенаторот од Флорида Марко Рубио ќе биде државен секретар на ТрампФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Тој е познат по неговиот цврст став спрема Иран и Кина. Во неодамнешни интервјуа, тој инсистира и на решение преку преговори за војната во Украина. Политикологот е син на кубански имигранти и од 2010 година член на американскиот Сенат. 

Илон Маск 

За време на изборната кампања го поддржуваше Доналд Трамп со многу жар - и многу пари. Милијардерот Илон Маск во текот на две недели подаруваше дневно по еден милион долари на поддржувачи на Трамп. Идниот американски претседател ќе возврати со советничка функција за Маск. Негова задача ќе биде да ги намали државните издатоци. Заедно со поранешниот републикански претседателски кандидат Вивек Рамасвами, тој ќе го преземе раководството со специјално создадена агенција за таа намена и ќе соработува со владата, соопштија од тимот на новоизбраниот американски претседател.

Илон Маск Фотографија: JIM WATSON/AFP via Getty Images

Притоа може да дојде до конфликт на интереси бидејќи вселенската компанија на Маск, SpaceX, е подизведувач за американската влада, а неговиот компанијата Тесла зависи од одлуките на американските регулатори. Тесла е и во фокусот на неколку истраги. 

Ричард Гренел 

Во 2018 година Трамп го испрати како амбасадор во Германија, а во 2025 година Ричард Гренел би можел да стане министер за надворешни работи или советник за национална безбедност. 58-годишникот ја застапува политиката на Трамп за „Америка на прво место“ и се сметаше за човек од доверба за прашања од надворешната политика. 

Ричард Гренел Фотографија: Getty Images/AFP/T. Kienzle

Од позиција на амбасадор во Берлин, тој ја напаѓаше тогашната канцеларка Ангела Меркел, на пример заради недоволните издатоци за НАТО. Дури и по неговиот престој во Берлин, поранешниот водител на Фокс Њуз се мешаше со контроверзни изјави - на пример, предлагајќи автономни зони за Украина за крај на војната.  

Роберт Ф. Кенеди јуниор 

Непосредно пред изборите, Трамп најави дека ќе му довери „голема улога“ во здравствената политика на прочуениот анти-ваксер Роберт Ф. Кенеди јуниор. Во минатото, тој повеќекратно ширеше лажни изјави во врска со Ковид-19 и безбедноста на вакцините. Кенеди првично се кандидираше на претседателските избори како независен кандидат, но потоа ја повлече својата кандидатура и премина во таборот на Трамп. 

Роберт Ф. Кенеди јуниорФотографија: IMAGO/ZUMA Press Wire

Тој потекнува од прочуеното семејство Кенеди и беше предмет на критика за ширење теории на заговор и одржување контакти со десно-екстремни политичари. 

Том Хоман 

За време на првиот мандат на Трамп, Том Хоман веќе беше директор на Службата за имиграција и царини (ICE). Од таа позиција тој се погрижи илјадници деца на нелегално дојдени мигранти да бидат одвоени од нивните родители на границата. За вториот мандат на Трамп, тој е еден од кандидатите за министер за домашна безбедност. Тој се смета за клучна фигура во радикалните планови на Трамп за депортација и постојано се појавуваше на предизборните настапи на Републиканците. 

Том ХоманФотографија: Lev Radin/ZUMA/picture alliance

Скот Бесент 

Тој веќе го советува Трамп за економски прашања и важи за претендент за функцијата министер за финансии - Скот Бесент, долгогодишниот менаџер на хеџ-фондови и предавач на Универзитетот Јеил, одржува блиски релации со Трамп и неговиот иден потпретседател Венс. Додека пред ерата на Трамп се залагаше за економија без владини интервенции („laisser faire"), подоцна го фалеше курсот на Трамп да се потпира и на царини. 

Ли Зелдин 

Поранешниот конгресмен Ли Зелдин треба да биде назначен на чело на Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА). Наградата за Зелдин, кој служеше во Претставничкиот дом за Републиканците од 2015 до 2023 година, е изненадување. За време на јавните настапи, Зелдин првенствено зборуваше за прашања од националната безбедност, релациите на САД со Израел, миграцијата и криминалот. Тој не важи за експерт за животна средина. За време на мандатот во Конгресот, не беше ниту член на Комисија која се занимава со животната средина. 

Ли ЗелдинФотографија: Matt Rourke/AP/picture alliance

Сузи Вајлс 

Додека сѐ уште се шпекулира за многу персонални решенија, три одлуки веќе се донесени. Посебно важна е за досегашната шефица на кампањата на Трамп, Сузи Вајлс, која ќе биде шефица на кабинетот во Белата куќа. Ова е прв пат жена која ќе дојде на оваа врвна функција. Кабинетот го контролира пристапот до претседателот и од таму е една од клучните позиции за која било влада. Таа со години е дел од најтесниот круг на Трамп. 67-годишната е републикански стратег од Флорида и уште во 1980 година водела кампања за Роналд Реган. 

Сузи Вајлс Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Во 2016 и 2020 година таа раководеше со изборниот штаб на Трамп во Флорида. Неа и се припишува голем дел од заслугата за овогодинешниот успех на кампањата. Вајлс во голема мера избегнуваше да биде во центарот на вниманието. За време на победничкиот говор на Трамп на изборната ноќ, тој ја поведе Вајлс на сцената и рече дека ја нарекуваат „ледена принцеза“. Одлуката да ја постави за шеф на изборниот штаб ја образложи со тоа дека е цврста, паметна и иновативна. 

Стивен Милер 

Второто сигурно персонално решение е Стивен Милер, кој беше висок советник за време на првиот мандат на Трамп и играше централна улога за многу политички одлуки. Тоа се однесува и на одлуката да се одвојат илјадници деца од нивните родители за да се одвратат мигрантите. 39-годишникот важи за тврдокорен во однос на миграцијата. 

Стивен МилерФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Милер ќе стане заменик шеф на кабинетот за политика во Белата куќа. Тој уште за време на кампањата се најде на насловните страници најавувајќи ја најголемата операција за депортација во историјата на САД. 

Елиз Стефаник 

Таа во иднина ќе ја претставува администрацијата на Трамп во Обединетите нации. Елиз Стефаник, досегашниот член на Претставничкиот дом ќе стане амбасадор на Соединетите држави во ОН, како што потврди и Трамп. „Елиза е неверојатно силна, жилава и паметен борец за Америка“, рече Трамп во врска со својата одлука. 

Елиз СтефаникФотографија: Michael Brochstein/Sipa/picture alliance

Родена и израсната во Њујорк, дипломирала на Харвард и работела во Белата куќа за време на тогашниот претседател Џорџ Буш. Во 2014 година, на 30-годишна возраст стана конгресменка. На почетокот важеше за умерена, но потоа се профилираше како важен сојузник на Трамп. Стефаник енергично го бранеше Трамп во двете постапки за импичмент и се спротивстави на неговите кривични пријави.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми