1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првото полувреме од кампањата – гола борба за власт

24 април 2024

Досегашната кампања покажа дека во Македонија инстинктот за преживување на политичарите е нивното најсилно оружје во битката за власт. Пишува Соња Крамарска

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Завршува првото полувреме од  претседателските  и парламентарните избори, а првиот впечаток што се доби од пораките е дека поларизацијата меѓу двата политичка блока и натаму бележи тренд на продлабочување. Јазот меѓу левиот и десниот центар зјае како амбис, а клучното прашање дали Македонија ќе остане на  европскиот курс  остана неодговорено. Десниот коалициски блок партии иако јасно се противи на преговарачката рамка со ЕУ,  не ја негира определбата на земјата за членство во Унијата. Левиот блок партии за себе си го приграби префиксот на проевропска коалиција но политичката основа врз која почива не ветува доминација за водење на ефективни политики. 

Или, кампањски осврт од она што досега го видовме може да се сведе на оценката: горе-долу, лево-десно, ништо ново.Досегашната кампања покажа дека во Македонија инстинктот за преживување на политичарите е нивното најсилно оружје во битката за власт. Извинувања за грешките,  рециклирање на стари неостварени ветувања,  кокетирање со сиромаштијата и отворена понуда на пари преку наводни акции во државни компании или зголемувања на плати и пензии, неизбежно се вклопува во повикот „дајте ни власт“. Притоа, останаа многу теми недопрени или избегнати како минско поле кое може да доведе до експлозија при секое наредно освежување на меморијата на избирачите со видео снимки од кампањата.

Изостана, на пример, одговор на прашањето што ќе се направи за да се подобри перцепцијата на Фридом Хаус дека Македонија е во фазата на цикличен хибриден режим. Обвинувања имаше – но предлози за решение немаше. Оваа оценка сериозно ги доведува во прашање темелите на секоја политика бидејќи посочува дека земјата сѐ уште се наоѓа во некаков свој модел на транзиција кој успешно ја анулира демократијата и го кочи напредокот на сите полиња. 

Без нови имиња на хоризонтот

Понатаму, изостана и цврсто решение, предлог или идеја како да се надмине  бугарската блокада  на патот на Македонија кон ЕУ. Како што рековме и на почетокот, и двата политички блока се за европска интеграција на државата, но пречката на тој пат создава нерешлив проблем со оглед на противењето на едната од главните партии да се исполни поставениот услов. Оваа тема покажа дека во досегашната кампања немаше пробив на свежи идеи и нов пристап туку се реафирмираа старите политики и позиции.

Како што можеше да се забележи досегашната кампања не исфрли ниту едно ново име на хоризонтот па дури и некои новоформирани партии се решија на враќање на поранешни кадри. Смената на генерации во македонската политика очигледно се одвива бавно а и таму каде што ја има е непродуктивна и повеќе е во интерес на компактноста отколку на прогресот и идеите. Тоа е забележливо во ВМРО-ДПМНЕ која транзитираше од ерата на Груевски задржувајќи многу имиња од претходната постава, додека кај СДСМ отсуството на кадровска свежина најмногу дојде до израз на врвот на кандидатските листи за пратеници и кај носителите на листите. 

Реформите кои се суштина за напредокот на државата исто така беа прескокнати во кампањата затоа што тие не носат политички поени. Реформите, меѓутоа, се услов за добивање на парични средства од Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан 2024-2027 кој е веќе усвоен но нашата држава две третини од оваа година ќе ги потроши на избори и формирање на нова влада. Меѓу правилата за распределба на средствата има и клаузула дека доколку некоја од државите на Западен Балкан не го исполни условот за реформи, средствата можат да бидат пренасочени кон друга држава.  

Крикот на здравството 

Во кампањата не слушнавме одговор ниту на извештајот на Светска банка дека Македонија минатата година имала најнизок економски раст во регионот. Економскиот раст е еден од најважните параметри за напредокот на државата и стандардот на граѓаните. 

Здравството, кое е рак рана на општеството се најде на маргините во првото полувреме од кампањата. Крикот на приватните специјализанти, и на медицинскиот персонал од Клиниката за токсикологија не успеа да ги пробуди кандидатите барем за реторичка поддршка ако не за повеќе. Иако изборните процеси се водат во интерес на граѓаните, а здравството го зазема највисокото место во животот на секој поединец, како никогаш досега се зацврсти впечатокот дека здравството освен што е заборавено е и партиски угнетено. Одлуката на министерот Илир Демири да го разреши медицинскиот директор и да ја „помилува“ организациската директорка укажува на силна партиска поларизираност и давање приоритет на партискиот интерес наместо на јавниот интерес. 

Допрва ќе видиме дали пролетните двојни избори ќе ја разбудат Македонија и ќе го забрзаат нејзиниот напредок. Во регионот се чувствува голема раздвиженост, Албанија е веќе нестрплива да го продолжи својот пат во преговорите со ЕУ, Србија и Косово во континуитет им задаваат главоболка на ЕУ и САД, а Босна и Херцеговина повторно го вклучува алармот на меѓународната заедница. 

Македонија во овие геополитички околности нема многу избор или отворена врата за промена на генералните политики како што заговараат некои, за среќа, помалку влијателни партии врз гласачкото тело. Меѓутоа секои избори се и шанса за нов почеток. Што секако зависи од избирачите но и од оние кои ќе бидат избрани.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми