Како луѓето можат да се заштитат од птичји грип?
21 октомври 2024Скопската зоолошка градина останува под клуч во наредните 20-тина дена, откако беше откриен случај на птичји грип кај угината птица. По првичните мерки за заштита преземени од Агенцијата за храна и ветеринарство, се прават тестови и на птиците и на вработенте коишто имале контакт со нив. Од четворица од вработените, според најавите на ИЈЗ, ќе бидат издадени решенија за здравствен надзор, а кај еден од нив, кој во петокот пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.
Поради појава на „птичји грип“ Зоолошката градина во Скопје веќе неколку дена е затворена. Здравствените власти и експертите уверуваат дека и покрај појавата на птичји грип нема потреба од паника меѓу граѓаните. Според нив, нема опасност за посетителите кои биле во Зоолошката градина доколку немале директен контакт со заболените птици од птичји грип.
„За да се пренесе птичји грип треба да има близок контакт со заболено или мртво животно или да има близок контакт со некој од секретите, измет или слично од овие заболени или мртви животни. Тоа значи дека ризикот е мал доколку посетителите немале близок контакт“, порача Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска.
Што е A(H5N1)?
Инфлуенца A(H5N1) е еден од неколкуте вируси на грип кој предизвикува високо заразна респираторна болест кај птиците наречена авијарна инфлуенца (или „птичји грип“). Документирани се и инфекции кај цицачи, вклучително и кај луѓето.
Периодот на инкубација за инфекција со A(H5N1) се проценува дека е до седум дена, иако обично е два до пет дена по последната позната изложеност на болна или мртва живина. Сепак, периодот на инкубација може да трае и до 14 дена. Инфекцијата со вирусот на грип A(H5N1) може да предизвика низа болести кај луѓето, од благи до тешки, а во некои случаи може да биде дури и смртоносна. Смртноста е до 50%.
Кој е под ризик да се зарази?
Епидемиологот Драган Даниловски во објава на социјалните мрежи појаснува дена под ризик за заразување се птиците и ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.
Ризикот за заболување на граѓаните коишто ја посетиле Зоолошката градина, според него е многу мал.
„Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина“, вели епидемиологот.
Тој е дециден дека не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо.
Преносот од човек на човек е многу редок
Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ. Периодот на инкубација се движи просечно од 2 до 5 дена, па и до 17 дена.
Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).
Како се лекува инфекцијата со вирусот A(H5N1) кај луѓето?
Од ИЈЗ советуваат дека ззболените треба да се менаџираат правилно за да се спречат тешки болести и смрт. Пациентите со лабораториски потврдена инфекција со вирусот на грип со прогресивна, комплицирана или тешка болест - или оние со асимптоматска или лесна болест, но кои се изложени на зголемен ризик од тешка болест - треба да се лекуваат со антивирусни лекови, на пример оселтамивир, што е можно поскоро.
Како луѓето можат да се заштитат од инфекции со птичји грип?
Во областите со појава на птичји грип кај животните, избегнувајте контакт со болни или мртви животни, со животни во фарми и пазари за животни, влегување во области каде што може да се колат животните, контакт со какви било површини кои се чини дека се контаминирани со животински измет и колење или јадење болни животни - се дел од препираките на епидемиолозите.
Тие порачуваат да се избегнува користење на сурово млеко, јајца и месо и да се одржува колективна и лична хигиена, вклучително и редовно миење раце со сапун и вода.
Вирусот на птичјиот грип A(H5N1) првпат се појави во 1996 година и оттогаш предизвикува епидемии кај птиците. Од 2020 година, една варијанта на овие вируси доведе до невиден број на смртни случаи кај дивите птици и живината во многу земји. Прво ги зафати Африка, Азија и Европа, во 2021 година, вирусот се прошири во Северна Америка, а во 2022 година, во Централна и Јужна Америка. Од 2021 до 2022 година, Европа и Северна Америка забележаа најголема и најпроширена епидемија на птичји грип со невообичаена перзистенција на вирусот кај популациите на диви птици. Во Европа, погодени беа повеќе од 50 милиони птици само за време на епидемијата во 2021/2022 година.
Помеѓу 2 декември 2023 година и 20 септември 2024 година, забележани се високопатогени епидемии на птичји грип (HPAI) A(H5) кај домашни и диви птици (758 птици) во 32 земји во Европа. Од земјите во соседството, регистрирани се позитивни примероци кај птици во Бугарија (25), Србија (9), Косово (1), БиХ (1), Хрватска (9), Словенија (14). Не се регистрирани случаи кај луѓето.