1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Путин е профитерот од војната со Иран?

АРД
13 март 2026

Растечките цени на нафтата поради војната со Иран ѝ користат на заслабената руска економија. Путин себеси се претставува како спасител во однос на енергетските прашања. Дали ќе се оствари неговата математика?

Рускиот претседател Владимир Путин
Шефот на Кремљ, Владимир Путин е задоволен - привремено Русија профитира од зголемените цени на енергијата Фотографија: S.Karpukhin/AFP/GettyImages

По смртта на врховниот водач, ајатолахот Али Хаменеи, шефот на Кремљ,  Владимир Путин,  изрази сочувство; неговиот политички апарат  ги осуди нападите на САД и Израел врз Иран. Според Москва, тие би можеле да го дестабилизираат целиот регион и се кршење на меѓународното право. Ова звучи цинично со оглед на тоа што Русија прави во Украина со години. Но, политичка Москва има искуство со цинизмот. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, го призна тоа кратко по почетокот на нападите врз иранскиот режим. Имено, во еден од брифинзите за медиумите, тој рече дека „мора да го минимизираме влијанието на овие глобални превирања врз нашата економија. Мора да обезбедиме профит за себе каде што ќе биде можно, што може да звучи цинично.“

Привремено олабавување на санкциите

Овие изјави се совпаднаа со најавите на американската влада за ублажување на санкциите за руската нафта. Вашингтон сега де факто  дозволува продажба на руска нафта  што се наоѓа на танкери на море во период од 30 дена. Исто така, факт е дека цената на нафтата се зголеми за околу 30 проценти од почетокот на војната, што ја радува Русија како земја производител на нафта. На почетокот на неделата, Путин одржа состанок за состојбата на меѓународните енергетски пазари, кој на крај се претвори во промотивен настан за руските енергенси. Путин нагласи дека земји како Кина и Индија, кои увезуваат нафта и гас од Русија и покрај сите санкции, и натаму може да се потпрат на неговата земја.

Путин се инсценира како спасител

На Европејците Путин им гарантираше дека  Русија е подготвена да соработува со нив во однос на нафтата и гасот, но дека „ни требаат сигнали од нив дека се подготвени да соработуваат со нас“. На тој начин тој се инсценира како  наводен спасител во време на нужда.

Во однос на неговата земја тој бара руските производители да ги користат дополнителните приходи од нафтениот и гасниот сектор за да го намалат својот долг и другите обврски кон банките.

Складиште во пристаништето Транснефт во Приморск: цената на нафтата се зголеми за околу 30 проценти од почетокот на војнатаФотографија: Peter Kovalev/TASS/IMAGO

Путин се обидува да ја претстави Русија во позитивно светло  пред светот и пред сè пред сопственото население кое сè повеќе страда од војната против Украина и последиците од неа. Привремено Русија профитира од зголемените цени на енергијата. Но, до кога?

Другите профити за Путин

Путин покрај тоа може да собере и други ловорики од војната против режимот во Техеран - мировните преговори меѓу Русија, Украина и САД треба да се обноват, можеби уште следната недела. Во моментов тие се прекинати и тоа веројатно му оди во прилог на Путин, бидејќи сака да си игра на картата купување време. За Путин е предност и што меѓународното право повторно западна во втор план во  војната со Иран.  Победуваат оние кои се залагаат за правото на посилниот, а Путин веројатно ќе го протолкува ова во своја корист.

Помалку американско оружје за Киев?

Во зависност од времетраењето на војната, САД во Иран може да користат оружје што инаку можело да биде испорачано во Украина. Тоа значи дека нема да го испратат во Киев, како што е случај со антиракетните „Патриот“ системи. Патем, Иран своевремено важеше за најважен снабдувач на оружје на Москва. По  инвазијата врз Украина,  Кремљ наводно почнал да купува ирански дронови од типот „Шахед“, иако тоа до денес не е потврдено од ниедна од засегнатите страни. Русија во меѓувреме наводно самата веќе произведува дронови во стилот на „Шахед“, па дури и ги оптимизирала перформансите. Русија и Иран  независно од тоа потпишаа договор за партнерство во јануари 2025 година, што исклучува обврска за воена помош. Но, договорот инаку се однесува на руско-иранска соработка во сите области, како на пример економијата, истражувањето и енергетскиот сектор.

Ако иранскиот режим падне, снемува уште еден сојузник

Доколку режимот во Иран падне или и само да биде значително заслабен, уште еден сојузник на Кремљ, по Сирија и Венецуела, ќе отпадне. Путин во изминатите години најави создавање нов светски поредок за поддршка на Глобалниот Југ. Пропагираната „мултиполарност“ на Путин требаше да се демонстрира на разни форуми, како што се Шангајската организација за соработка и алијансата БРИКС. Наместо тоа САД де факто можат неказнето да елиминираат, или барем да симнат од власт лидери од земји од Глобалниот Југ. Путин, кој се стреми кон влијание во овој дел од светот, е само публика. Тој не штеди на зборови, но штеди на дела за поддршка на своите сојузници. Дали ќе превагнат за Путин предностите или минусите од американско-израелската војна против Техеран, останува да се види. Официјално, тој си посакува брзо да се стави крај на конфликтот. Можеби американскиот претседател Доналд Трамп во редок луциден момент препознал одредено лицемерие кај Путин. По неодамнешниот телефонски разговор со него, Трамп порача дека „покорисно би било ако ставиш крај на украинско-руската војна“.

Автор: Бјерн Блашке, АРД 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми