1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Путин предупредува против американско вооружување на Украина

ЕМФ / дпа
3 октомври 2025

Рускиот претседател Владимир Путин ги предупреди САД од нова ескалација доколку на Украина ѝ испорачаат ракети Томахавк со долг дострел.

Рускиот претседател Владимир Путин претседава со состанок на Советот за безбедност во Кремљ
Рускиот претседател Путин ги предупреди САД од нова ескалација доколку на Украина ѝ испорачаат ракети ТомахавкФотографија: Alexander Kazakov/ZUMA/IMAGO

Рускиот претседател Владимир Путин на политичкиот форум „Валдај“ во Сочи, на брегот на Црното Море, предупреди од нова ескалација доколку САД ѝ испорачаат на Украина ракети Томахавк со долг дострел. Тој изјави дека употребата на вакви ракети не е можна без вклучување на американската војска. „Ова е опасно“, оцени Путин. Иако, според него, рамнотежата на моќ на бојното поле во украинската војна немало да се промени, оружјето би можело да им нанесе штета на односите меѓу Русија и САД и да доведе до „сосема нова, квалитативно нова фаза на ескалација“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за можна испорака на ракети Томахавк.

Во Сочи, Путин разговараше со експерти за надворешна политика од клуб за дискусии инициран од Кремљ и се изјасни во врска со многу теми.

Во врска со ситуацијата на Блискиот Исток, Путин рече дека Русија е подготвена да го поддржи планот на американскиот претседател Доналд Трамп за мир. Важен елемент за постигнување мир притоа, според него, останува решението со две држави. Според Путин, важно е за договорот позитивен одговор да има како од Израел и Палестинските автономни власти, така и од Хамас.

Околу задржаниот танкер од т.н. руска флота во сенка во Франција, Путин рече: „Тоа е пиратство“. Нему, вели, му било познато дека Франција има задржано танкер кој наводно припаѓа на руската флота во сенка. „Танкерот беше задржан во неутрални води“, додаде Путин. Во Париз постојат сомневања дека бродот би можел да биде поврзан со летовите на дронови над данските аеродроми. „Сега таму бараат воена опрема, беспилотни летала, други работи. Таму нема ништо“, рече Путин. Тој негираше дека Москва стои зад летовите на дронови. Тој го спореди стравот од руски беспилотни летала со фобијата што одамна постоела од неидентификувани летечки објекти.

Зборувајќи за руската војна против Украина, Путин ја обвини Европа за тоа што војната и натаму трае. Според него, многумина се обиделе да најдат мирно решение, но европските земји, со, како што вели, нивната политика на постојана ескалација, биле одговорни за тој неуспех. „Внимателно ја следиме зголемената милитаризација на Европа“, рече Путин. Германската армија, додава тој, наводно ќе стане најсилна во Европа. „Никој не се сомнева дека руските чекори и контрамерки нема да чекаат долго“,  изјави рускиот претседател.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми