1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин на прием кај Ши: Демонстративна хармонија

ЕМФ | агенции
20 мај 2026

Рускиот претседател Путин за време на средбата со својот кинески колега Ши во Пекинг ја пофали улогата на Кина како купувач на руски гас и нафта. Тој, исто така, го покани својот домаќин да ја посети Русија.

Кина Пекинг 2026 | Владимир Путин и Ши Џинпинг чекорат пред почесната гарда во Пекинг
Владимир Путин и Ши Џинпинг чекорат пред почесната гарда во ПекингФотографија: Maxim Shemetov/REUTERS

Кинескиот претседател Ши Џинпинг и рускиот лидер Владимир Путин на самит во Пекинг ги потенцираа добрите односи меѓу двете земји. Според Ши, двете држави ја продлабочиле меѓусебната политичка доверба и стратешката соработка.

Путин изјави дека билатералните односи придонесуваат за глобалната стабилност и ја нагласи улогата на Русија како сигурен снабдувач со енергија. Русија, според податоци на владата во Москва, е водечки извозник на енергија за Кина: во 2025 година биле испорачани 101 милион тони сурова нафта и 49 милијарди кубни метри природен гас преку гасоводи и во форма на течен природен гас.

„Во контекст на кризата на Блискиот Исток, Русија и понатаму ја задржува својата улога како доверлив снабдувач со суровини, додека Кина се појавува како одговорен купувач на овие суровини“, изјави Путин на почетокот на самитот. Тој го покани Ши на возвратна посета во 2027 година во Русија.

Осврнувајќи се на Блискиот Исток и регионот на Персискиот Залив, Ши, според кинески информации, изјави дека е итно потребен севкупен прекин на огнот, а преговорите се особено важни. Рано решение на конфликтот, според него, може да помогне во намалување на нарушувањата на снабдувањето со енергија, синџирите на снабдување и меѓународниот трговски поредок.

Кинескиот и рускиот лидер ги потенцираа добрите односи на Кина и РусијаФотографија: Maxim Stulov/AFP

Путин: Енергетската соработка е „локомотива“ на односите

И покрај неповолните надворешни фактори, економската соработка меѓу Русија и Кина покажува добра динамика, смета Путин. Во изминатиот четврт век трговијата меѓу двете земји се зголемила 30 пати и со години е стабилно над 200 милијарди американски долари, рече тој.

„Локомотивата во руско-кинеската соработка е кооперацијата во енергетскиот сектор“, изјави Путин на средбата со Ши. Приоритет во економската соработка, додаде тој, имаат и „големи заеднички проекти во индустријата, земјоделството, транспортот и секако во областа на високите технологии“.

ина е за продолжување на договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Русија (фото: рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Ши Џинпинг на билатерална средба во Големата народна сала во Пекинг)Фотографија: Alexander Kazakov/Sputnik/Kremlin Pool Photo/AP Photo/picture alliance

Ши: Опасност од правото на посилниот во светот

Путин исто така ја нагласи важноста на тесната соработка меѓу Русија и Кина во тензични времиња. Односите меѓу двете земји се „еден од најважните стабилизирачки фактори на меѓународната сцена“.

Ши изјави дека светот, со оглед на променетата меѓународна ситуација, се соочува со опасност повторно да се врати кон правото на посилниот. Кина е за продолжување на договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Русија и сака решително да ја унапредува стратешката соработка со Москва.

Ши го пречека Путин со воени почести и црвен тепих неколку дена по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми