1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Путин најави сериско производство на новата ракета

ЖА
23 ноември 2024

Рускиот претседател се фали со новата ракета со среден дострел. Претседателката на Парламентот на ЕУ бара од германската влада да испорача ракети Таурус на Украина, се надева на промена на курсот по изборите во Германија

Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир Путин се фали со новата ракета со среден дострел употребена во УкраинаФотографија: Vyacheslav Prokofyev/Sputnik/Kreml Pool/AP/picture alliance

Шефот на Кремљ  Владимир Путин  предизвика огорчување со употребата на нова ракета со среден дострел во Украина. Тој ликува поради тоа и сака да започне со сериско производство на оружјето. „Никој друг во светот нема вакво оружје“, изјави рускиот претседател на состанокот со високи воени претставници и претставници на индустријата за оружје.

Одлуката за сериско производство била донесена и таа практично веќе е организирана. Москва ќе продолжи со тестирање на ракетата, вклучително и во борбена употреба, нагласи тој. Ракетниот напад врз Днипро го опиша како успешен тест.

На телевизиските слики се гледа дека  Путин е видно задоволен.  „Орешник“ не е  модернизација на советската технологија, туку повеќе сведоштво за техничкиот напредок на руското инженерство и силата на одбранбениот сектор, рече тој. Притоа, системот Орешник не е ниту стратешко оружје, ниту оружје за масовно уништување, бидејќи може да се користи и на многу целен начин, додаде тој.

Според Москва, проектилот ќе лета со хиперсонична брзина и ќе биде недостапен за противвоздушните системи. Оваа информација првично не можеше да биде независно потврдена. Експертите претпоставуваат дека ракетата технички би можела да биде опремена и со  нуклеарни боеви глави.

Во меѓувреме, украинскиот претседател  Володимир Зеленски  го обвини Путин за нови воени злосторства. Ако некој гранатира други земји не само за да ги тероризира, туку за да тестира нови ракети за понатамошен терор, тогаш ова е дефинитивно воено злосторство, тврди Зеленски во својот вечерен видео говор.

Претседателката на Европскиот парламент бара од Берлин испорака на ракети Таурус

Со оглед на засилените напади, повторно се упатуваат повици за брза испорака на  германски крстосувачки ракети Таурус.  Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола изјави дека има широка поддршка за ова барање. „Ќе видиме дали ќе има соодветна промена на курсот по сојузните избори".

Канцеларот Олаф Шолц (СПД) долго време отфрла испорака на Таурус. Тој стравува дека тоа може да ја вовлече Германија директно во војната меѓу Русија и Украина. ФДП и Зелените, од друга страна, се залагаат за снабдување на Украина со оружениот систем Таурус.

Воениот експерт Франц-Штефан Гади смета дека Кремљ сака да испрати порака до Западот со лансирање на ракетата: „Порака за одвраќање“. Тој смета дека „нуклеарната закана“ е „многу опасна игра“. Аналитичарот предупреди на деликатна динамика и ја советуваше Германија да користи мешавина од воен притисок и дијалог.

Но, не само кога станува збор за оружјето, Русија воведува нова фаза од  војната во Украина.  САД сега јавно претпоставуваат дека илјадници севернокорејски војници распоредени во Русија „наскоро“ ќе влезат во борбени операции против Украина. Врз основа на нивната обука и начинот на кој севернокорејските војници се „интегрирани во руските формации“, „Целосно очекувам дека наскоро ќе бидат вклучени во борбите“, рече американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, според новинската агенција АФП.

Досега тој не видел никакви „позначајни извештаи“ дека севернокорејските војници се „активно вклучени во борбени операции“, продолжи шефот на Пентагон. Затоа, САД претпоставуваат дека околу 10.000 севернокорејски војници се стационирани во рускиот пограничен регион Курск и таму ќе бидат „интегрирани во руските формации“.

Претставници на јужнокорејската влада и истражувачка група во четвртокот соопштија дека Русија и доставувала на Северна Кореја, меѓу другото, нафта и економска помош во замена за војниците. од Од Киев дојде предупредувањето дека Москва акумулирала сили од 50.000 војници, заедно со севернокорејските војници, за да ја врати контролата врз делови од регионот Курск кои беа заземени од украинските сили.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми