Посетата на Путин на Индија е тест за Њу Делхи
4 декември 2025
Рускиот претседател Владимир Путин се очекува да пристигне на дводневна посета во Индија, со што се потенцира партнерството меѓу Москва и Њу Делхи кое преживеа речиси осум децении геополитички превирања.
Првата посета на Путин во Индија по инвазијата на Украина
На покана на индискиот премиер Нарендра Моди, шефот на Кремљ треба да присуствува на 23-от годишен самит Индија-Русија во индискиот главен град. Ова е прва посета на Путин во Индија откако Москва ја почна инвазијата во Украина во 2022 година.
Москва и Њу Делхи ја обновуваат стратешката соработка
Двете земји сигнализираат желба за засилување на „Специјалното и привилегирано стратешко партнерство“ - официјална ознака за врските Русија-Индија усвоена во 2010 година - и „да разменуваат мислења за регионални и глобални прашања од заеднички интерес“, се вели во соопштение на Министерството за надворешни работи на Индија.
Трговијата и енергетиката во фокус по западните санкции
Пред посетата, портпаролот на Кремљ и шеф на кабинетот на Путин, Дмитриј Песков, ја нагласи важноста да се одбранат билатералните односи и трговијата меѓу Индија и Русија во време кога Индија се соочува со американски царини поради набавка на руска нафта.
Русија продолжува да се справува со сè поголем број западни санкции поради војната во Украина. „Мора да ја заштитиме нашата трговија од притисокот од странство“, порача Песков пред новинарите и нагласи дека се во тек дискусии за алтернативни опции за плаќање со што би се заобиколиле санкциите.
На дневен ред е и трансферот на работници, бидејќи сè повеќе Индијци бараат работа во Русија.
Русија останува главен снабдувач на оружје и нафта за Индија
Песков се осврна и на договори во одбраната, вклучително и продажбата на противвоздушни одбранбени системи С-400, борбени авиони Сухој-57 и мали модуларни нуклеарни реактори.
Индија е убедливо најголемиот купувач на руско оружје на глобално ниво. Русија сега обезбедува и над 35% од потребите од сурова нафта на Индија, во споредба со околу 2% пред војната во Украина.
Сепак, неодамнешните американски мерки насочени против сите што имаат бизниси со руски производители на нафта, ги натераа индиските рафинерии да воведат разноликост во добавувачите, наведуваат од поморската разузнавачка фирма Кплер.
Американските царини ја туркаат Индија кон Русија
Експертите и дипломати со кои контактираше ДВ, оценуваат дека врските меѓу Индија и Русија се покажале отпорни на притисокот од Запад, па дури и на царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
„Посетата на Путин во Индија испраќа јасна порака до западниот блок дека Русија не е изолирана во глобалните бизниси“, вели за ДВ Раџан Кумар од Центарот за руски студии при универзитетот „Џавахарлал Нехру“.
Според Кумар, Индија смета дека релациите со Русија се стратешки важни и на Њу Делхи му се од корист за да ги балансира своите односи со Западот и со Кина на геополитичко ниво.
„Политиките на Трамп создадоа дефицит на доверба во однос на САД и го зголемија значењето на Русија. Во таа смисла, изолирањето на Русија би значело нејзино приближување кон Кина, ситуација која Индија не би сакала да настане“, додава тој.
Иако Русија одржува силни врски со Кина, Москва е свесна и внимателна во однос на растечкото геополитичко влијание на Пекинг.
Според Кумар, од тие причини Русија активно го охрабрува учеството на Индија во евроазиската геополитика преку мултилатерални форуми како Шангајската организација за соработка и БРИКС.
Исто така, за разлика од западните земји, Русија не ѝ „попува“ на Индија во однос на домашни прашања, ниту наметнува услови за билатералната соработка.
„Посетата на Путин го зајакнува ова специјално и привилегирано партнерство вкоренето во интереси кои се поклопуваат, во историска доверба и споделена геополитика“, вели Кумар.
Зошто Русија и Индија се толку блиски?
Релациите меѓу Москва и Њу Делхи беа воспоставени брзо откако Индија стекна независност во 1947 година.
Сега веќе распаднатиот Советски Сојуз во тоа време постигна наклонетост во Индија преку поддршка на нејзиниот индустриски развој и обезбедување дипломатска поддршка во спорот со Пакистан околу Кашмир.
Во 1971 година, Москва отворено ја поддржа Индија во војната со Пакистан, додека САД и Кина го поддржаа Исламабад. Индија почна да набавува големи количини оружје произведено во Советскиот Сојуз, а дел од нив - како тенкот Т-72 – и локално да го произведува со советска лиценца.
Блиските врски во одбраната го преживеаја крајот на Студената војна, при што Русија, гладна за пари во 1990-тите, ѝ помогна на Индија да произведува ракети и борбени авиони по руски дизајн, а подоцна го поттикна развојот на нејзините нуклеарни подморници „Арихант“.
Во 2002 година, Индија и Русија потпишаа договор за истражување на вселената, кој предвидуваше Русија да ѝ помогне на Индија со лансирања во вселената и сателитска технологија.
Натамошни договори беа потпишани откако Моди за првпат дојде на функцијата во 2014 година, вклучително и за нуклеарна енергија и продажба на ураниум.
Со оглед на тоа дека војната во Украина предизвика превирања во Европа во 2022 година, Њу Делхи внимаваше да не ги налути ниту Русија ниту Западот – барајќи да се стави крај на војната, без директно да ја осуди инвазијата од Русија.
„Како традиционални партнери, Индија и Русија имаат голем капитал на доверба и сигурност, кој сега вродува со плод бидејќи двете земји се соочуваат со бројни геополитички предизвици, не само од страна на САД, туку и од Кина“, вели за ДВ Бала Венкатеш Варма, поранешен амбасадор во Русија, кој потенцира дека релациите остануваат стабилни. „Може да се очекува самитот да покаже дека двајцата лидери ќе реинвестираат во билатералното стратешко партнерство“, додава Варма.
Индија и Москва сакаат „стратешка автономија“ во светот на промени
„САД може да ја притиснат Индија да го намали ангажманот со Москва, но Индија премногу ги цени своите врски со Русија во одбраната и енергетиката за да ги компромитира“, оценува за ДВ Харш Пант, раководител на програмата за стратешки студии при фондацијата „Опсервер“, тинк-тенк од Њу Делхи.
Тој дипломатскиот став на Вашингтон го опишува како непредвидлив, што пак ја мотивира Индија внимателно да ги разгледува своите партнерства.
„Овој чин на балансирање ѝ овозможува на Индија да одржува силни релации со Русија и истовремено да го менаџира поширокото стратешко партнерство со САД“, додава Пант.
Корените на партнерството меѓу Русија и Индија, кои се стремат кон заеднички интереси и кон „стратешка автономија“, одат подалеку од непосредните притисоци од администрацијата на Трамп, смета овој аналитичар.
Балансирање меѓу Москва и Вашингтон
Дводневната посета на Путин ќе даде важни индиции за приоритетите на надворешната политика и на Индија и на Русија, во времиња на променета динамика на моќта во светот.
„Тајмингот на посетата на Путин во Индија го нагласува фундаменталниот пристап на Њу Делхи кон надворешната политика - стратешките партнерства не се игри со збир нула“, вели за ДВ Канвал Сибал, поранешен индиски министер за надворешни работи и амбасадор во Русија. „САД не може да диктираат каква треба да биде надворешната политика на Индија. Мораме да се прилагодиме и да сме отпорни“, вели тој.
Поентата на Сибал се гледа во внимателно калибрираниот став на Индија спрема администрацијата на Трамп. Индија и САД моментално преговараат за трговски договор фокусиран на намалување на царините и адресирање на грижите на Вашингтон во однос на трговскиот дефицит со Њу Делхи. Њу Делхи дури напредува со значаен договор од една милијарда долари (860 милиони евра) меѓу американската компанија ГЕ Аероспејс и индискиот производител на авиони Хиндустан Аеронаутикс Лимитед во надеж дека земјата ќе набави американски млазни мотори за индиските борбени авиони Теџас.
Сепак, Индија е подготвена истовремено на црвениот тепих да го дочека и рускиот претседател Владимир Путин. Според Сибал, соработката со Вашингтон во одбраната продолжува, „но тоа ни малку не ја намалува стратешката важност на Русија“.
„Индија го негува американското партнерство каде што е корисно, истовремено спротивставувајќи се на притисокот да се откаже од Москва. Посетата на Путин демонстрира дека надворешната политика на Индија функционира по свои правила на игра, а не според преференциите на Вашингтон“, заклучува тој.
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик