1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Пратеници од АфД како „изборни набљудувачи“ во Русија

АРД
20 март 2024

На изборите за руски претседател немаше набљудувачи од Организацијата за европска безбедност и соработка. Затоа изборите ги следеа „одбрани“ лица. Од Германија во Русија стигнаа политичари од АфД и покажаа одушевеност.

Рускиот претседател Владимир Путин по изборите во Русија
Рускиот претседател Владимир Путин по изборите во РусијаФотографија: Vyacheslav Prokofyev/TASS/dpa/picture alliance

Тој би требало да ги изнесе своите критики за претседателските избори во Русија, кои во очите на западни експерти беа инсценирани. Андреас Јурца, пратеник од АфД во покраинскиот баварски парламент, не размислува долго. „Има работи за критика, но тие се повеќе од техничка природа. Лично мислам дека имаше и премногу транспарентност. Тоа би било невообичаено во Германија“, вели Јурца со сериозен израз на лицето.

Политичарот од АфД седи покрај својата партиска колешка Елена Рон во телевизиско студио на РТ ДЕ, пропаганден канал близок на Кремљ, чие емитување во Германија пред неколку години е забрането од страна на Агенцијата за медиумски надзор. Но, политичарите на АфД таму радо даваат интервјуа и пренесуваат искуства кои ги стекнале како т.н. посматрачи на изборите – на покана на Русија. На вестите на германскиот јавен сервис АРД беа најавени дури тројца баварски пратеници спремни да ја прифатат поканата на Русија да присуствуваат на изборите. Видео записи, ширени преку платформата Х, покажаа дека тие тргнале на пат, без оглед на отпорот од сојузната АфД.

Јурца веднаш на почетокот на интервјуто за РТ ДЕ нагласи дека дошле во Русија на сопствена одговорност. Елена Рон појаснува дека го прифатиле повикот без оглед на „сегашната ситуација“, зашто „негувањето мировни односи со Русија е во склад со политиката на АфД.“

„Сервилни парламентарци од десничарско милје“

И Елена Рон, исто така одговарајаќи на прашања на новинарот, го фали текот на изборите: „Организацијата беше одлична. Имаше настапи, дури и храна и пијалоци, сето беше добро снабдено за да се мотивираат избирачите“.

Андреас Јурца, пратеник од АфД во покраинскиот баварски парламентФотографија: CHROMORANGE/picture alliance

Стручњаците меѓутоа тоа го оценуваат целосно поинаку. Концерти, лотарии и слични активности во близина на избирачки места служеа само за една цел, објаснува Герхарт Мангот, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Инсбрук: „Целта беше зголемување на излезноста на изборите, но не од демократски амбиции, туку за луѓето да се мобилизираат да излезат на избори за кои многумина не веруваат дека беа слободни и фер.“

Елена Рон е таа која во друго видео ја демонстрира предноста на руските изборни единици. Снимката од речиси 4 минути, во која таа како некоја репортерка поминува низ изборна единица во Владивосток, фалејќи ги „целосно проѕирните гласачки кутии“ или пристапните изборни кабини, може лесно да се замени со промотивно видео на Кремљ. Подоцна, во телевизиското студио, на политичарката на АфД не ѝ паѓаат на памет побитни разлики меѓу изборите во Германија и во Русија. Таа повторно ги споменува транспарентните проѕирни кутии, фактот што гласачите биле задоволни и видеозаписите кои ги правеле во секоја изборна просторија: „Луѓето немаат проблеми со тоа, разговаравме со неколку избирачи.“

Пратениците од АФД ги фалат проѕирните гласачки кутии во РусијаФотографија: Dmitri Lovetsky/AP/picture alliance

Професорот Мангот меѓутоа во врска со тоа има неколку прашања. На пример, зошто гласачките кутии биле без надзор ноќе, во текот на три дена избори. Исто така додава: „Во тие изборни единици има малку посматрачи од опозицијата. Затоа вратата и капиите се широко отворени, за извештаите за пребројани гласови да можат по желба да се манипулираат“. Нему му е потполно јасно дека пратениците од АфД со своето патување и накнадните изјави го исполниле сето она што му треба на  руското раководство.  На крајот испаѓа дека „западните посматрачи“ го потврдиле демократскиот карактер на изборите, иако не се повикани претставници на ОБСЕ, туку „само сервилни парламентарци од десничарско милје“, вели Мангот.

Нема јасна линија на АфД

Дури ни сојузното  раководство на АфД  никако не беше одушевено од ова патување, „итно“ препорачувајќи им на пратениците по имеил да не одат во Русија. Раководството на партијата тврди дека одлуките за надворешнополитички прашања се во исклучива надлежност на сојузното раководство.

Сомнежот дека пратениците од АфД можеле да бидат инструментализирани од страна на Русија, доаѓа во незгодно време за оваа партија. Неодамна минхенскиот весник „Зиддојче цајтунг“ извести за интерен извештај на Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (разузнавачка служба која дејствува во внатрешноста на Германија), според кој партијата би можела да биде класифицирана како  „докажано десничарско-екстремистичка“.

Според весникот, како нова точка сега разузнавачката служба го наведува и „односот кон Русија“. Несигурноста во врска со тоа можеби е причина зошто АфД уште нема јасен курс кон Русија по  наводната победа на Владимир Путин  на претседателските избори. Така Бернд Бауман, парламентарен вршител на работите на пратеничката група на АфД во Бундестагот, на конференција за новинари изјави дека Русија „не е демократија според западни стандарди“, што звучи поинаку од искуствата кои од Русија ги донесоа баварските пратеници. Интересно е што ни тој, како ни други  политичари од АфД, не му ја честитаа победата на Путин.

Потпретседателот Тино Хрупала, на прашање на новинарите, не сакаше да изрази честитки за Русија пред седницата на пратеничката група во Бундестагот. На интернет платформата Х пак го повика претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер  да ја преиспита својата одлука да не му ја честита победата на Путин на изборите во Русија. Но, Хрупала го претрка еден негов партиски колега, и тоа не било кој, туку влијателниот Ханс-Томас Тилшнајдер, кој е дел од официјално распуштеното десничарско екстремистичко крило на АфД. Моментално Тилшнајдер е заменик претседател на АфД во покраината Долна Саксонија. „Честитки нему и на рускиот народ“, напиша тој на социјалните медиуми, како на германски, така и на руски јазик.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми