1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рација во Германија: Планиран државен удар

Тагесшау
7 декември 2022

Според јавните сервиси АРД и СВР, вооружена група од т.н. граѓани на Рајхот и т.н. кверденкери планирала државен пуч. Меѓу 52 осомничени лица се и екс елитни војници и поранешна пратеничка од АфД во Бундестагот.

Рација против група која планирала државен удар во Германија
Рација против група која планирала државен удар во ГерманијаФотографија: Christian Mang/REUTERS

Во раните утрински часови специјални единици на полицијата влегле во домовите на осомничените, извршиле 25 налози за апсење и започнале со опсежни мерки за претрес. Сојузното обвинителство товари околу 50 лица за формирање терористичко здружение заради укинување на уставниот поредок на Германијаи создавање држава според примерот на Германскиот рајх од 1871 година. Групата не напредувала многу во плановите, меѓутоа имала намера да изврши упад во зградата на Рајстагот, предизвикување услови слични на граѓанска војна преку напади врз постројките за снабдување со струја, како и соборување на сојузната влада и преземање на власта. За моментот на  преземање на власта  веќе биле предвидени одредени личности за важните министерски места. Според водечки лица од истрагата, денешната операција против групата „е невидена и според обемот ги надминува сите димензии."

Опасна акција за специјалците

Со оглед на фактот што дел од групата се состои од поранешни војници на Бундесверот и НВА (Националнатанародна армија на Германската Демократска Република), односно од  луѓе со специјална воена обука,  групата се сметала за исклучително опасна. Покрај единиците на Антитерористичката единица ГСГ9 на сојузната полиција, во акцијата за апсење на осомничените и обезбедување на претресите, биле вклучени и службеници од повеќе специјални единици (СЕК) на сојузните покраини. Истрагата уште претходно располагала со податоци за бројно, делумно илегално оружје кај осомничените.

Потомок на кнежевска куќа како регент

Централна фигура во групата, според информации од главното студио на АРД и СВР, е Хајнрих Ројс, потомок на старо војводско семејство од денешната сојузна покраина Тирингија. 71-годишниот Ројс веќе неколку години јавно ги застапува своите екстремни рајховски тези.

Во 2019 година тој настапи како говорник на Светскиот веб форум во Швајцарија и меѓу другото изјави дека Сојузна Република Германија не е суверена држава, туку и натаму е контролирана од сојузниците. Во видео објавено на интернет државата и правосусдтвото ги нарече „фирми“. При планот за соборување на владата, Ројс од страна на групата бил предвиден за регент, велат од истрагата. Ројс работи како самостоен финансиски советник во Франкфурт на Мајна и поседува ловечки дворец во Тирингија. Членовите на групата таму годинава се собрале во неколку наврати, се вели од безбедносни извори.

Полициска рација во Франкфурт на Мајна против група од „Граѓани на Рајхот“Фотографија: Tilman Blasshofer/REUTERS

Инволвирана судијка од Берлин

Во рамките на планираното преземање на власта, бил формиран еден вид кабинет во сенка, со Ројс на чело. Посебно интересно е персоналното решение за ресорот правда, предвидено било на оваа функција да дојде поранешната пратеничка на АфД во Бундестагот, Биргит Малсак-Винкеман, која припаѓа на кругот на обвинетите. По завршувањето на нејзиниот пратенички мандат во Бундестагот ланската година, таа повторно работи како судија во Берлин. Досегашните напори на берлинската сенатска управа таа да биде отстранета од судската функција поради нејзиниот ангажман во АфД, досега беа неуспешни.

Тим Паул Г. правник кој исто така спаѓа во обвинетите, бил предвиден за министер за надворешни работи, а Матеус Х. Од Баден Виртемберг, со години познат како идеолог на движењето  „Граѓани на Рајхот“,  би бил задолжен за прашања за меѓународно право. Лекарката Мелани Р. од Долна Саксонија била предвидена за некој вид министерка за здравство, а според истрагата, таа и финансиски ја помагала групата. Постоел план и за формирање министерство за „трансмисија“.

Вооружено крило" од поранешни војници

Службите за безбедност ја оцениле групата за исклучително опасна и поради фактот што во неа се вклучени активни и поранешни војници на Бундесверот со поминати специјални воени обуки. Групата интерно зборувала и за некој вид „вооружено крило“, во чиј круг спаѓал и Ридигер фон П., кој во почетокот на 1990-те командувал со баталјон за воздушни десанти, кој во тоа време преминал во тогаш формираната „Команда на специјалните сили“ (КСК). Ридигер фон П. своевремно бил отпуштен од Бундесверот поради проневера или продажба на оружје од залихите на Националната народна армија на ГДР. 

Според истрагата, тој се смета за водач на бандата. Марко фон Х. е исто така осуден поранешен војник кој меѓу другото служел и во КСК. Двајцата биле активни во антикорона протестното движење во Форцхајм, каде посебно Марко Х. се грижел за регрутирање на активни војници и тоа успешно: во кругот на обвинети спаѓа еден војник на КСК, задолжен за логистика во здружението. Во кругови на истрагата се вели дека се познати повеќе обиди на обвинетите за регрутирање активни војници во касарните за нивното здружение.

Агитатори на протестите против корона-мерките

Некои од осомничените членови на групата јавно се појавувале како агитарори на  протестите против владините мерки за субивање на коронавирусот.  Тоа е случај со бившиот полковник Максимилијан Е. кој се смета за член на движењето „Кверденкер“. На корона-протестите тој јавно заговарал испраќање на КСК во Берлин на „прописно подготвување“. Додека бил активен во Бундесверот, Е. исто така бил член на командата на специјалните сили. Тој се поврзал со групата ветерани кога изби поплава во долината на реката Ер летоска. Облекол униформа, пишувал „наредби“ и воспоставил своевиден „команден центар“ во едно чилиште, иако одамна го напуштил Бундесверот.

Меѓу осомничените има уште еден „кверденкер“ - бившиот полицац Михаел Ф., кој на една демонстрација с епојавил со Хитлеров поздрав. Тој исто така с есмета за член на „Граѓаните на Рајхот“ и со такво сомнение е отпуштен од полицијата во Долна Саксонија.

Во истрагите, кои доведоа до рација, се вклучени неколку органи за безбедност со стотици службеници: прво истрага повела Службата за заштита на уставниот поредок под кодно име „Кангал“ заедно со неколку покраински служби. Поради поврзаност со Бундесверот во истрагата е вклучена и Сојузната служба за воено контраразузнавање. Тука е вклучена и Сојузната служба за борба против криминал со својот истражен тим „Сенка“, која презела истрага со учество на неколку покраински криминалистички служби. Истрагата ја води државен обвинител.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми